Насловна / Вести / Ренесанса и спектакл!

Ренесанса и спектакл!

Април е вистинскиот месец, си помислувам… додека природата се буди и буричка по човековите хормони, се рестартира себе си и нашата мисла. Во април може да се прочитаат сите оние скриени желби, пориви, склоности, кои длабоко во себе ги чува творецот, свесен или несвесен за нив. Текот на мислата и на обликовниот процес како чиста кинетчка енергија е спремна да се престори во форма и да ги нападне човековите сензори, да предизвика емоции, да предизвика спектакл. Во април!
И како и секогаш, не сме изненадени бидејќи сме свесни дека на нашите сетила им треба простор и време за адаптација на сета таа агресивна имплозија од убави нешта.

oficijalni fotografii od press centar dobieni1 (6)

Сето она што се случува пред нас во рамкте на iSaloni 2018, миланскиот саем за мебел и дизајн го преобликува градот во светски центар од областа на креативната мисла. Битно е да забележиме: ова не е само саем! iSaloni е систем на поврзувања, креативност и иновации. Во период од недела повеќе од 400.000 луѓе конвергираат во Милано: трговци, новинари, колекционери, дизајнери, интелектуалци, критичари, архитекти, трагачи по знаење и негувачи на убавото. iSaloni исто така претставува простор на чиста емоција, еманира позитивна енергија и ентузијазам, иновативност и среќа!

Salone del Mobile 2018

Целата слика се добива од интеракцијата помеѓу компаниите и дизајнерите, таа симбиоза создава тренинг центар каде очите на светот се вперени и воедно доживуваат предизвици и впиваат знаења.

Salone del Mobile 2018

Трендсетери и тренсикери, секој сака да биде дел од ова случување, барем за ден или два да се најде во Милано, бидејќи вистинскиот термин за сѐ ова е „глобално доживување“. После април, очите на светот појасно гледаат!

vlez iSaloni - edna od povekjeto porti
Но тоа што годинава најмногу нѐ предизвика и си поигра со нашите сетила се концизните тематски концепти, односно акцентите кои оваа година прецизно се насочени. Го насетуваме повторното будење на творците, нивната свесност за сѐ она што се случува денес, суптилно го преточува нивниот креативен порив низ принципи кои се исполнети со одговорност кон природата. Одржливиот дизајн никогаш досега не бил толку во центарот на вниманието. Компаниите се трудат да ги покажат своите афинитети кон одговорноста кон природата како и кон целокупниот процес на дизајнот.
Јасно беше потенцирано, да се размислува за дизајн е да се размислува за иднината!

Времето е дојдено кога дизајнот излегува од клишето и престанува да биде само алатка за производство на објект. Еден од клучните акценти е ставен токму врз тие предрасуди, утилитарноста на тој мисловен процес е повеќе од креација на објект.

Valcucine_6

Тоа е целокупен процес и соработка помеѓу најразлични актери, тоа е тимска игра каде секој го има својот дел; и токму тој процес ги преразмислува методите кои се одговорни за создавањето. Дизајнот оди подалеку од предметите, се доближува кон човекот и неговите скриени желби, трага по бездните полни емоции и ги инјектира во нашето секојдневие, во светот кој се менува.

Valcucine

Технолошкиот напредок беше еден крупен сегмент од тие тематски концепти, строго изострен, поставен во рамката на дизајнот, технологијата е составен дел од мисловниот процес. Производителот на современи кујни Valcucine (Валкучине), според многу критериуми најдобрите кујни на светот, на спектакуларен начин ја претставува таа симбиоза помеѓу високата технологија и современиот врвен дизајн. Во разговор за компанијата доаѓаме до детали кои го објаснуваат нивниот мисловен метод. Габриеле Центацо (Gabriele Centazzo), претседателот на компанијата и воедно и главниот дизајнер го води комплетниот процес, од идеја до реална состојба. Студирал како млад хемија која понатаму ретроспективно се покажала како основна нишка во неговиот креативен домен.

Valcucine_2

Преку хемијата и технологиите Габриеле почнал да ги разбира материјалите од еден сосема поинаков агол. Тактилноста на стаклените површини, која преку специјален процес Валкучине ја менува, го прави стаклото да биде топол материјал, не повеќе ладен! Како производители се први кои го употребуваат стаклото како материјал за третман на хоризонтални површини во кујните. Но и повеќе е од јасно, додека со мојата архитектонска логика се обидувам да ги уловам мааните и да забележам клише, Габриеле во еден миг ги расчистува сите мои предрасуди и вели: мојата инспирација за материјалноста доаѓа пред сѐ од Јухани Паласма и неговото дело „Очите на кожата – Архитектурата на сетилата“ (The Eyes of the Skin – Architecture and the Senses by Juhani Pallasmaa).

Valcucine_9

Се обидувам целиот мој креативен моментум, вели Габриеле, да го гледам преку концептите на Паласма. Гледајќи ги одблизу и доживувајќи ги дизајните на Валкучине не можев, а да не се согласам целосно со цела нивна филозофија! Но тука не заврши, Габриеле продолжува да го толкува Гастон Башелар со сегменти од „Поетика на просторот“ (La Poétique de l’espace by Gaston Bachelard) и да навлегува интимно и длабоко со принципите на архитектурата при што вели: „Мојата лична наобразба никогаш не престана, читам стотици книги од областа на архитектурата и естетиката, се обидувам да навлезам во несвесниот човеков порив кон убавото и да разберам како таа перцепција функционира“. Тоа е кујна!

Талкајќи низ дваесетте павиљони на комплексот Ро (Rho) се обидуваме да испливаме од морето емоции со кои сме сатурирани. Да земеме воздух и со чиста мисла, рационално да ги разбереме сите оние различни контексти во кои бевме веќе длабоко нурнати. Опасно е човек да се предаде на толку силен наплив на креативна енергија, опасна е таа сила, која влече и го турка умот во некоја друга состојба од која не е едноставно да се вратиш во реалноста. Сѐ ни се допаѓа, критериумот се подигнува, расте неконтролирано. Одненадеж нашето око станува критички настроено, Полиформ веќе не изгледа примамливо, му недостасуваат детали, Чекоти не бевме ниту да ги посетиме, некои дански компании навлегле во досадна репетиција… Очигледно е дека сме загубени во преводот, тој опасен моментум веќе нѐ внел во сосема различен реал. Земаме воздух и за миг сфаќаме дека сме претерале.

ditre italia stand (2)
Со ист сигурен чекор, но со појасна мисла, прочистена од благата шизофренија која за момент не зафати, одненадеж се наоѓаме пред павиљонот на Дитре Италија. Производителот на култура на живеење и рафиниран дизајн нѐ пречекува со своите гламурозни призвуци на современиот лајфстајл. Софите кои со мало движење на раката може да се преуредат во централен елемент или пак да формираат композиции на ентериерот му даваат неодолив рафиниран вкус. Има некој специфичен допир со кој Дитре Италија пристапува кон својот дизајн.

ditre italia stand

Доменот на оваа компанија излегува од рамките на еклектиката, а длабоко во себе крие модерен дух. Борбата помеѓу тие два џина е вечна, а енергијата произведува севременски дизајни!

DitreItalia
И најверојатно тоа е најискрениот пристап, кој фасцинира и не може ученото око да го остави рамнодушно. Но во исто време претставува и проблем, ги подигна критериумите за она што значи заокружен дизајн, од сите аспекти. Оттука и произлегуваат фантастичните податоци кои ги добивме од официјалниот press release. Претседателот на Saloni del Mobile господинот Клаудио Лути изјави: „Во последните неколку денови бевме сведоци на најдоброто од областа на креативноста, иновациите и нарацијата – сето тоа прикажано со театрална умешност. Ова означува дека сме спремни да го обмисуваме следниот настан, со уште поголема посветеност за да го задржиме приматот на лидери во овој сегмент од индустријата!“

lualdi porte

Од сите материјали кои ни беа поделени од прес-ценатрот можеме да сублимираме една голема цел кон кој овој настан се стреми! Близу половина милион посетители и 26% зголемен обем од претходната година, настанот чекори напред со неверојатна брзина. Промоторот на целата оваа глобална манифестација е самата држава. Обединувањето на сите институции во воздигнување на нивото на глобалниот тренд кој Италија како држава го сервира пред сѐ е успехот на соиграта и почитта меѓу сите инволвирани актери.

lualdi porte1

Овој саем претставува глобален бенчмарк и како таков веќе се прошири со организација на iSaloni во Москва и Шангај. Клаудио вели понатаму: „Оваа едиција демонстрираше успех во бизнис-културата и тимската работа, кои се основни драјвери на нашата економија!“

Автор: Иван МИРКОВСКИ, дипл. инж. арх.

(специјално за Порта3 од Милано)

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top