Насловна / Архитектура / Рем Колхас за архитектурата во Југославија

Рем Колхас за архитектурата во Југославија

На 4 октомври, прославениот холандски архитект Рем Колхас одржа предавање во њујоршката МоМА. Предавањето е организирано во рамки на изложбата посветена на архитектурата во Југославија Toward a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia, 1948–1980 и е настатан за кој е барана карта повеќе. Предавањето е следено и со дискусија со главните кустоси на изложбата Мартино Стиерли и  Вкадимир Кулиќ . Рем Колхас дискутира за архитектонската продукција во социјализмот и нејзиното влијане во неговата архитектонска пракса.

Порта 3 во своето интервју по повод изложбата во МоМА беше љубопитна поради информациите дека Колхас пројавил интерес за архитектурата на Југославија и праша дали можеби и тоа влијаело да се реализира оваа значајна изложба. Ја напоменавме изјавата дадена  во едно интервју на архитект Драгољуб Бакиќ, кој вели: „Интересно е како сега има љубопитност за она што го направивме во ерата на социјализмот. Ова откритие започна со Рем Колхас, кој го видел она што го изградил „Енергопројект“ во Лагос, Нигерија.

rem

Рем Колхас, Мартино Стиерли и Владимир Кулиќ

Колхас во 90-тите години на неколку патувања во Лагос за прв пат се сретнал со југословенската архитектура во Нигерија. Бил импресиониран со работата на „Енергопројект“ во таа земја. Тој на предавањето се осврнува на трајното наследство на таа компанија. Фасциниран од фактот како „Енергопројект“ го следел целиот процес во секој сегмент и компонента, од проектирањето до изградбата на објектите. За Колхас тоа претставува значаен процес за организирање на работата во архитектонските фирми. Процес кој многу градежни компании го имаа и кај нас, но за жал не усппеавме да ги одржиме и се сведовме на мали, безначајни фирми, со недоволен капацитет.

Ја открил југословенската архитектура во Нигерија, каде архитектите од „Енергопројект“ проектирале и изградиле значајни културни и владини објекти во неколку градови. Воедно тоа е и доказ за тоа како меѓународната соработка овозможува размена на искуства и пренесување на знаења кои Движењето на неврзаните го овозможувало.

mapa Земји во кои работел „Енергопројект“

Интересот на Колхас за изложбата е и една компонента од неговите истражувачки преокупации и изграденото во социјалистички, постсоцијалистички и постколонијални контексти.

И што би рекла архитект Ана Ивановска, член на кураторското советодавно тело од Македонија за изложбата: „Во една средина која се уште не е сосема начисто и која се уште се прашува дали оваа архитектура вреди или не…МоМА го стави својот печат и рече: „Да вреди“. Се надевам дека ова е доволна потврда која ќе ги поттикне процесите за локално вреднување на архитектурата на 20. век, кои секако доцнат“.

Сега и Рем Колхас ги потврди нејзините зборови, нас секогаш треба некој од страна да ни разграничи добро од лошо. Можеби Колхас  ќе не осевсти и ќе научиме да го вреднуваме и да се грижиме за нашето архитектонско наследство. Затоа што за жал повеќе им веруваме на другите од што веруваме во себе.

Кој е архитект Бојовиќ во сферата на интересот на Колхас

На изложбата во МоМА е претставен комплексот „Меѓународен саем на трговија“ во Лагос, Нигерија, проектиран и изведен под раководство на српскиот архитект Зоран Бојовиќ (1936-2018). Работел во „Енергопројект“ активно до пензионирањето во 1998 година. Роден е и живеел и работел во Белград, но живеел и работел и во повеќе земји на Европа, Африка, Азија и Јужна Америка. Во периодот од 1961 до 1991 година раководел со проектантското биро за архитектура и урбанизам во рамки на „Енергопројект“. Неговата работа претставува широк спектар на архитектонски и урбанистички решенија, од големи станбени комплекси и објекти за јавна намена, преку индустриски објекти, урбанистички планови, спортски комплекси, проекти со специјални намени до индивидуални објекти.

bojov

Зоран Бојовиќ 

Меѓу неговите значајни проекти се: ГУП за седум градови во Нигерија, Pallais Omnisport, спортска сала во Бангуи, Централноафричка Република, Акташ – I, 400 стана и пратечки содржини во Приштина, Меѓународен саем во Лагос, Државен секретаријат во Кано, Нигерија, Блок 37, станови и комерцијален простор, Нов Белград, Станбено деловен центар, Ал Кулафа, Ирак, Резиденцијално конференциски центар, делта Шат Ел Араба, Ирак и многу други.

Учесник е на бројни меѓународни конкурси и на истите добитник на многу награди. Како што е прва награда на конкурс Официјална палата Садам Хусеин во Багдад со интернационален тим, прва награда за Пазар на големо во Абу Даби, Голема џамија во Багдад, Lighthouse Tower во Дибаи и многу други.

Остварил контакти со многу светски организации „Ove Arup & Partners” од Лондон, “The Architects Collaborative” од Бостон, контактирал со архитектите Рифат Чатаџи од Ирак, Ричард Ингланд од Малта и со Рем Колхас.

fair1

Меѓународен саем во Ллагос, Ннигерија

Меѓународниот саем во Лагос на иложба во МоМА

Меѓународниот саем во Лагос станал инфраструктура за современ секојдневен живот. Просторната логика која Бојовиќ ја поставил во 70-тите и понатаму е присутна. Рем Колхас до 2007 година реализирал опсежен истражувачки проект „Како работи Лагос?“. Во рамки на тој проект работата на Бојовиќ на Меѓународниот саем била повторно откриена и анализирана во поглед на значењето за развитокот и функционирање на современиот Лагос.

energoprojekt

Целиот проект изискувал дефинирање на главните конструктивни елементи. Како што наведува Бојовиќ: „Ги зацртавме основните принципи, модуларната координација. Кога ги дефиниравме седумте основни конструктивни елементи, кои ги нарекував „лего“ коцки, ги поделив на колегите и им објаснив дека тоа се основните елементи и дека имаат право само нив да ги употребат. Секој проектираше свој павилјон и сите се различни, а сепак ги врзува заедничка конструкција која е централно проектирана“. Принципот овозможил сите елементи произведени на различни места – челичната конструкција во Југославија, а останатите на самото градилиште на линијата за префабрикација – совршено да се вклопат кога се составувани. Ова е тој значаен процес за организирање на работата во архитектонските фирми од кој Кохас е фасциниран.

enetersaem

 

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top