Насловна / Архитектура / Првите фотографии од Националниот музеј Зајед во Абу Даби

Првите фотографии од Националниот музеј Зајед во Абу Даби

Фотографии од надворешноста на Националниот музеј Зајед, импресивен објект проектиран во Абу Даби од британското студио Foster + Partners, претставени се на светската јавност пред неговото отворање најавено за декември оваа година.

Моментално во изградба како дел од Културниот дистрикт Саадијат, овој долгоочекуван проект официјално е претставен уште во 2010 година. Како што работата се приближува кон завршување, со пејзажот сега во голема мера доминираат пет соларни термални кули – обликувани како крилја на сокол – чии висини варираат од 73 до 125 метри.

Лесни термални челични „оџаци“

Музејот, со површина од приближно 66.000 квадратни метри, е именуван по основачот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Зајед бин Султан Ал Нахјан и ќе биде посветен на историјата и културата на Абу Даби. Она што го прави интересен од архитектонска и градежна гледна точка е тоа што над музејскиот простор се издигаат пет лесни челични кули обложени со титаниум, кои ќе служат како термални „оџаци“ кои вовлекуваат ладен воздух во галериите долу.

Имено, кулите функционираат како пасивни системи за вентилација – топлиот воздух се извлекува по природен пат низ кулите, создавајќи подпритисок што вовлекува поладен воздух на пониските нивоа, со што се постигнува ладна и енергетски ефикасна средина без потреба од интензивно климатизирање.

Кулите се проектирани како реминисценција на системите за ладење во пустините, од кои највпечатлив е оној во „кулите на ветровите“ во Јазд, Иран. Обликувани како крилја на сокол во спомен на љубовта на Зајед кон соколарството и се насочени кон небото многу впечатливо.

Самиот музеј е сместен во повеќеслојна бетонска конструкција, а ќе содржи шест постојани галериски простори распоредени на два ката, во кои ќе бидат изложени артефакти од палеолитскиот, неолитскиот, бронзениот и железниот период пронајдени ширум Емирати. Исто така, ќе има и посебна галерија за привремени изложби.

Како што објаснуваат архитектите, галериите се сместени во насип, чија форма претставува апстракција на топографијата на Емирати. Првобитниот план бил музејот да биде покриен со зелен покрив, но прикажаните фотографии покажуваат дека тој елемент е отстранет од конечниот дизајн.

Галериските насипи ја одразуваат топографијата на Обединетите Арапски Емирати и се направени од бетон со песок од островот Саадијат за да се вклопат во стилот и бојата во пејзажот.

„Архитектонската цел беше да се комбинира високоефикасна, современа форма со елементи на традиционален арапски дизајн и гостопримство, за да се создаде музеј кој е одржлив, гостопримлив и културно вкоренет во своето место“, изјавија од Foster + Partners за Dezeen при претставување на проектот.

Историја на објектот

Откако компанијата изведувач Arabtec престана со работа, реализацијата на Националниот музеј Зајед во Абу Даби ја презедоа Six Construct, подружница на белгиската групација BESIX, и Trojan General Contracting LLC, почнувајќи од март 2021 година.

Инвеститор на овој амбициозен проект е Одделот за култура и туризам на Абу Даби (Abu Dhabi Department of Culture & Tourism – DCT), кој го спроведува преку својата агенција за развој TDIC (Tourism Development & Investment Company). Оваа промена на изведувачот обезбедила продолжување на работата на објектот, која, поради својата комплексност и симболично значење, е од особено значење за културниот идентитет на Емиратите.

Патем, Националниот музеј Зајед е дел од развојот на островот Саадијат, во рамки на кој се наоѓаат Лувр Абу Даби, проектиран од Жан Нувел и кој е отворен во 2017 година, како и Abrahamic Family House, меѓурелигиски комплекс проектиран од бирото Adjaye Associates и кој е отворен во 2023 година.

Испрати коментар

Scroll To Top