Насловна / Арт и дизајн / Прошетка по „музејската патека“ во Њујорк

Прошетка по „музејската патека“ во Њујорк

njujork (4)

Славната Петта авенија во Њујорк, нареченa и „најскапа авенија во светот“, е дом на исклучителни њујоршки зданија и чуда. Петта авенија во Њујорк започнува уште во Гринич, во близина на Вашингтон Сквер, и поминувајќи од источната страна на Централ Парк, претставува еден вид граница меѓу Западен и Источен Менхетн. Оваа важна релација во Њујорк е позната по прескапите локали, стоковни куќи, продавници на најпознатите дизајнерски имиња на светот, и е позната по тоа што во текот на прошетките во некои од нејзините „ќошиња“ се доаѓа до најпознатите симболи на Њујорк, како што се Empire State Building, New York Public Library, Flatiron Building, The Plaza Hotel и други знаменитости на градот.njujork (16)
Сепак, она што е можеби најубаво на Петта авенија е „музејската патека“, која прошетката по оваа авенија ја прави уникатна, а за љубителите на музеите навистина незаборавна.
The Frick Collection

The 2010 Frick Collection Garden Party
Иако „музејската патека“ официјално започнува со најпознатата и најголема музејска целина – The Metropolitan Museum of Art, за почеток на оваа прошетка може да се земе една друга фасцинантна колекција која се наоѓа на аголот на Источна 70. улица и Петта авенија. Тука се наоѓа приватна збирка која претставува музејски бисер – колекција на уметнички дела на The Frick Collection. Оваа колекција се наоѓа во зграда која ја подигнал американскиот индустријалец Хенри Клеј Фрик (1849-1919), голем вљубеник во уметноста и филантроп.

njujork (10)

Посетата на овој објект е специфична музејска прошетка, бидејќи уште од влезот на зградата посетителите доживуваат еден посебен мир и елеганција од некои минати времиња, условена од самата куќа, која била животен простор на семејството Фрик, со тоа што Хенри Фрик куќата ја изградил со идејата дека еден ден таа ќе стане јавна колекција од уметнички дела што тој ги собрал. Оваа оаза на мирот во Њујорк, во своите 16 соби чува некои од ремек-делата на западната уметност (Рембрант, Енгр, Тарнер, Вермер, Ел Греко… ), а истовремено посетителите уживаат во уникатен амбиент кој никого не го остава рамнодушен.
The Metropolitan Museum of Art

njujork (3)
По Фриковата колекција, „музејската патека“ нè доведува до уличниот број 1000, во еден од најголемите музеи на светот, The Metropolitan Museum of Art, или како њујорчани го нарекуваат – „Мет“. Музејот е жива енциклопедија на светската уметност, кој во своите 17 музејски оддели, чува над два милиони експонати.
„Мет“ е толку голем што ако навистина уживате во историјата на уметноста, тука ќе сакате константно да се враќате. Самата зграда на музејот, која се наоѓа до Централ Парк и зазема во должина четири улични блокови, била изградена во неколку фази, почнувајќи од 1874 година. Гледано од надвор, оваа прекрасна бела градба не ја открива целосно својата големина. Тоа може да се открие само кога ќе се тргне во гледање на самите збирки, од Египет, античка Грција и Рим, преку уметнички колекции од сите пет континенти, па до современата уметност и колекции за костими, мода и дизајн.njujork (9)
Иако е невозможно да се погледне и посети сè што вреди на „музејската патека“ во текот на еден или неколку дена, прошетката може да продолжи од Метрополитен „нагоре“, по Петта авенија, кон уште еден музеј кој претставува рај за љубителите на уметноста, но и на архитектурата – The Solomon R. Guggenheim Museum.
Neue Gallerie

njujork (12)
На патот до него, треба да се посети и Neue Gallerie, во која е претставена колекција на австриската и германската уметност на 20 век. Исклучителна колекција во не многу голем простор, во која може да се видат Климт, Кокошка, Шиле, но и Киршнер, Ото Дикс, Кандински, Кле и други. Овие експонати на модерната уметност се одличен вовед во уметноста на модерните времиња, односно во „Гугенхајм“.njujork (13)
Иако постојат кафулиња и ресторани во сите музејски простори во Њујорк, заради специфичниот „шмек“ треба да се направи една кафе пауза во едно од кафулињата на оваа галерија, во добро познатото Kafe Sabarski или во нешто поновото Kafe Fledermaus (Лилјак) и да се почувствува нешто од атмосферата на Виена од крајот на 19 и почетокот на 20 век во срцето на Њујорк.
The Solomon R. Guggenheim Museum
По паузата во „Ноје галерија“, на ред доаѓа убавицата на Петта авенија, исклучително моќна зграда на архитектот Френк Лојд Рајт – The Guggenheim Museum, која ќе ви посака добредојде во сета своја белина и необичност. Колекцијата што оваа градба ја чува во себе е, исто така, импресивна. Метаморфозата од приватни колекции во музејот започнала уште во 1937 година, кога Соломон Р. Гугенхајм ја основал фондацијата за да ја изложи јавно личната колекција на уметнички дела. Денес, „Гугенхајм“ има свои колекции ширум светот, во четири музејски комплекси (Њујорк, Венеција, Билбао, Абу Даби).njujork (14)
Њујоршкиот „Гугенхајм“ чува дела од колекцијата на Соломон Р. Гугенхајм, основачот на музејот и уште седум различни колекции кои биле донирани на музејот во текот на седумдесет години од неговото постоење. Прошетката во ова здание е искуство во уметничка и архитектонски смисла, генијално замислено со кружно, спирално качување, дури и нема да забележите дека веќе сте се качиле на петтиот кат од музејот. Погледот од ѕидовите на кои се делата на Кандински, Пикасо, Франц Марк, Леже, Шагал, импресионисти и многу други уметници, често се врти кон покривот на музејот, кој е ремек-дело за себе, или долу кон приземјето каде често може да се видат престижни изложби на современи уметници.njujork (11)
„Музејската патека“ продолжува до 110. улица, до Музејот на африканската уметност, а од „Гугенхајм“ до „Африканскиот“ музеј, тука се The Jewish Museum, Copper Hewitt National Design Museum, El Museo del Barrio и The Museum of the City of New York. Секоја од овие колекции има многу што да каже за градот во кој се наоѓаат или на исклучителните човечки достигнувања во целиот свет.

Испрати коментар

Scroll To Top