Насловна / Архитектура / Произведени во Македонија: Модуларни дрвени куќи како современ модел на престој во природа

Произведени во Македонија: Модуларни дрвени куќи како современ модел на престој во природа

Вуд Билд Студио – Wood Build Studio е македонско-српска компанија основана од  Александар Черепналкоски, инженер по дрвна индустрија, дипломиран на Шумарскиот факултет при УКИМ во Скопје и од архитект Владимир Илиќ дипломиран на Архитектонскиот факултет при Универзитетот во Белград. Александар и Владимир се запознаа во Хелсинки, Финска на специјализација за дрвна архитектура и нивната љубов кон дрвото и архитектурата ја преточија во бизнис. Основаа сопствена компанија Вуд Билд Студио – Wood Build Studio која изработува и изведува монтажни мали модуларни дрвени куќи. Во основа на концептот се наоѓа модул, а со комбинирање на повеќе модули се отвораат многу можности и варијанти и се добиваат различни големини и распореди.

Вуд Билд Студио – Wood Build Studio е отворено за соработка со сите заинтересирана за ваков тип објекти.

Проектот претставува мала дрвена викендичка чија основна цел е создавање функционален, мирен и рационално организиран простор за повремен престој во природа. Волуменот е јасно дефиниран, со акцент на компактност и ефикасно користење на површината. Конструкцијата од дрво не е само избор на материјал, туку и конструктивен принцип што овозможува брза монтажа, енергетска ефикасност и намалена оперативна потрошувачка, како и природна интеграција во пејзажот. Големите отвори овозможуваат континуирана визуелна врска со надворешноста и максимално природно осветлување, додека ентериерот е организиран како флексибилен, отворен план со јасно дефинирани функционални зони. Архитектурата се потпира на природата во која се наоѓа викендичката и преку големите стаклени површини ја воведува во ентериерот, кој станува дел од самата архитектура на објектот.

Враќање кон едноставноста

Wood Build Studio претставува концепт на мали модуларни дрвени куќи кои ги ставаат природата и човекот во центарот. Во време на урбана бука и динамично секојдневие, овој проект нуди алтернатива – мирен простор со јасна функција, топлина и човечки размер.

Основната идеја не е создавање на впечатлива форма, туку создавање квалитетен животен амбиент. Објектот не доминира во пејзажот, туку се вклопува во него преку природни материјали, скромна висина и хоризонтална линија.

Проектот е наменет за различни контексти – покрај езеро, во шума, на планина или како дополнителна единица во двор. Неговата флексибилност дозволува прилагодување според теренот и потребите на корисникот.

Модуларен систем што расте

Во основата на концептот се наоѓа модул со димензии во основа од 1,2 м × 3,0 м × 3,0 м. Со комбинирање на повеќе вакви модули се добиваат различни големини и распореди. Овој принцип овозможува рационално користење на материјалите, лесна изведба и контролирани трошоци.

Корисникот може да започне со мал објект – една просторија со основна функција – а подоцна да го прошири со дополнителни модули. Така куќата станува динамичен систем кој се развива паралелно со животните потреби.

Понудените варијанти се движат од компактни 7,2 м² до 25,2 м², со можност за тераса и галерија. Малата квадратура се третира како параметар за оптимизација на функционалноста и просторната ефикасност.

Организација на просторот

Внатрешниот распоред е отворен и флексибилен. Дневната зона, кујната и спалната се поврзани во единствен простор, со можност за визуелно одвојување преку функционален мебел и лизгачка врата.

Висината од три метри овозможува формирање на галерија – дополнителна зона за спиење. Со ова се добива чувство на просторност и покрај компактната основа.

Големите отвори на фасадата внесуваат природна светлина и создаваат силна визуелна врска со надворешниот простор. Терасата претставува продолжение на дневната зона и место за готвење или одмор и релаксација на отворено.

Материјали и технички решенија

Конструкцијата е изведена како лесен дрвен рамковен систем, изработена од квалитетно фабрички сушено и третирано дрво со контролирана влажност, што обезбедува димензионална стабилност, намален ризик од деформации и долготрајност на објектот.

Ѕидните панели содржат комбинација од минерална (камена и стаклена) волна со високи термоизолациски својства. Слоевитата структура вклучува парна брана и вентилациски слоеви, со што се обезбедува заштита од кондензација, добра воздушна непропустливост и стабилни внатрешни услови во текот на целата година.

Покривот е изведен како вентилиран систем, обложен со поцинкуван лим, што овозможува долготрајна заштита од атмосферски влијанија и ефикасно одведување на влагата и топлината. Отворите се опремени со двојно или тројно енергетско стакло во дрвени или во алуминиумски рамки, со што дополнително се намалуваат топлинските загуби и се подобрува енергетската перформанса на објектот.

Во зимски услови, системот овозможува минимални топлински загуби и намалена потреба од енергија за греење. Во летниот период, комбинацијата од изолација, вентилиран покрив и ѕид и природните својства на дрвото придонесува за намалено прегревање и пониска потреба од ладење. На овој начин се обезбедува висок степен на термички комфор со значително пониски оперативни трошоци. Покрај енергетската ефикасност, вентилацијата на објектот обезбедува здрави и суви конструктивни елементи кои траат долго.

Конструктивниот систем е проектиран со можност за дополнително зголемување на изолацијата и интеграција на обновливи извори на енергија, овозможувајќи адаптација кон различни климатски услови и нивоа на енергетска ефикасност.

Како едно од важните технички решенија се вградените инсталации. При монтажа во куќата се вградени електроинсталации и водоводни инсталации – довод и одвод. Овие инсталации се внимателно планирани за да обезбедат безбедно и ефикасно функционирање на домот. Нивната правилна изведба овозможува долготрајност, сигурност и удобност во секојдневното користење на просторот.

Флексибилност и сценарија на употреба

Wood Build Studio може да функционира како индивидуална викенд-куќа, сауна- модул, гостинска куќичка или дел од мал туристички комплекс во природа.

Организирањето на повеќе единици околу заедничка зона овозможува создавање на мал хотел или ресорт. Модуларниот систем овозможува фазна изградба, со што инвестицијата може да се реализира постепено.

Објектот е посебно дизајниран за тешко пристапни терени. Конструктивниот панелен систем е димензиониран така што панелите лесно можат да се носат од 4 луѓе или да се транспортира со трактор. Ако имате омилено место кое е тешко достапно, WBS има решение. Ако сакате да учествувате во процесот на изградба, со тоа можете да ги намалите трошоците за изградба.

Современ пристап кон малото домување

Микродомувањето денес претставува глобален тренд, но Wood Build Studio го третира како долгорочно решение, а не како привремен експеримент.

Фокусот е ставен на квалитетот на просторот, природната светлина, добрата изолација и односот со околината. Наместо визуелна експресија, проектот нуди стабилност, функционалност и можност за раст.

На тој начин, малата дрвена куќа се позиционира како просторен модел кој одговара на современите барања за одржливост, флексибилност и квалитет на живеење.

Испрати коментар

Scroll To Top