Насловна / Архитектура / ЅОМ креира монументалното јадро на идниот град Алатау во Казахстан

ЅОМ креира монументалното јадро на идниот град Алатау во Казахстан

Архитектонското биро Skidmore, Owings & Merrill (ЅОМ) проектирало впечатлив комплекс кој ќе претставува централен орјентир на идниот град Алатау, планиран во југоисточниот дел на Казахстан, во непосредна близина на Алмати. Станува збор за проект кој вклучува два карактеристични облакодери во скалеста форма, замислени како симбол на развојот на новиот урбан центар.

Alatau Iconic Complex и Gateway District ќе вклучуваат облакодер висок 272 метри, наменет за комбинација од деловни и станбени содржини, како и луксузен хотел висок 80 метри. По завршувањето на изградбата, планираниот облакодер ќе стане највисоката зграда во овој дел од регионот.

ЅОМ е ангажиран со цел да ја обликува централната точка на економскиот и административниот живот на новиот град, кој во иднина треба да се простира на дури 88.000 хектари, распоредени во четири дистрикти. Планирано е Алатау да прерасне во важен меѓународен центар.

Архитектонското решение е инспирирано од природното опкружување, првенствено од планинскиот венец Транс-Или Алатау, кој се протега со должина околу 350 километри и се карактеризира со долини, глечери и слоевит релјеф. Оваа природна динамика е преведена во формата на зградите преку скалесто обликување, при што секој кат вклучува надворешни тераси.

Визуелизациите на проектот, со вкупна површина од 276.800 квадратни метри, покажуваат згради со претежно застаклени фасади. Во центарот на кулите има големи атриуми, проектирани да овозможат природната светлина да навлезе длабоко во внатрешноста и дополнително да ги нагласат визурите кон околните планини.

Од SOM наведуваат дека целта била да се преведат природните елементи од регионот во архитектонски израз, со што се создава автентичен идентитет во хармонија со казахстанскиот пејзаж. Исто така истакнуваат дека на зградите се применети напредни фасадни решенија и системи за засенчување со цел да се намали загревањето поради сончевото зрачење, додека централните атриуми дополнително придонесуваат за квалитетот на внатрешниот простор.

Во основата на комплексот ќе има трикатен подиум со површина од 58.000 квадратни метри, кој ќе обединува малопродажни содржини, културни институции и простори за организирање настани. Планот вклучува и организирана јавна средина со зелени површини, наменети за жителите и посетителите.

Над овој дел, повисок облакодер ќе ги обедини деловните простории и становите, додека хотелот, покрај сместувачките капацитети, ќе вклучува и брендирани резиденции. Карактеристичните отвори во центарот на објектите ќе бидат обликувани преку скалести стаклени површини со тераси, дополнително нагласувајќи го архитектонскиот идентитет на комплексот.

Со овој проект, Алатау добива силен визуелен и функционален центар, кој би требало да ги постави темелите за развој на модерна урбана средина во овој дел од Казахстан.

Испрати коментар

Scroll To Top