Насловна / Вести / Продолжува санацијата на манастирот „Св. Богородица“ во Вељуса

Продолжува санацијата на манастирот „Св. Богородица“ во Вељуса

dozrleva-sliki
Министерството за култура соопшти дека продолжува санацијата на кровниот покривач на манастирот „Св. Богородица“ во селото Вељуса, Струмица, проект одобрен во Програмата за заштита на културното наследство.
Реализацијата на овој проект ќе овозможи да се зачува изворниот изглед на манастирот, кој е бисер на средновековните споменици во Македонија и на кој досега се вршени само интервентни зафати за заштита од протекување, а поголеми санации не се изведувани во последните 30 години.
Во рамките на санацијата што ја вршат стручни лица за конзервација од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Струмица, се работи на комплетно чистење на надворешноста на објектот, како и на зацврстување на прозорците на куполите со специјални материјали.

veljusa1
По санацијата ќе се продолжи со конзерваторските истражувања во делот на архитектурата на манастирот, фрескоживописот, подните мозаици, како и санација на влагата на дел од фасадата што е уникатна по начинот на изведба.
Манастирската црква „Пресвета Богородица Милостива“ е подигната од струмичкиот епископ Мануил. Овој сакрално-културен споменик и духовно средиште од 11 век зазема мошне високо место во македонската црковна и културна историја и е вреднуван како еден од најмаркантните културно-историски споменици на почвата на Македонија. Во манастирот се одвивала значајна творечка, препишувачка и преведувачка активност. За одбележување е некогашното богатство на колекцијата од икони со сребрени и позлатени окови и со богата орнаментика.
Манастирската црква до денес е активна и од 1996 година функционира како женски манастир во којшто се негуваат истите монашки вредности воспоставени уште во периодот на раното христијанство.

Испрати коментар

Scroll To Top