Во Венеција е отворена голема изложба на Ирвинг Пен, еден од најпознатите светски фотографски портретисти.
Фотографиите на американскиот фотограф во просторот на Palazzo Grassi ќе бидат изложени до крајот на оваа година. Изложбата „Ирвинг Пен: Резонанци“ е воедно и најголема ретроспектива на овој уметник во Италија, бидејќи кураторите избрале 130 фотографии од периодот помеѓу 1940 и 1980 година. За Пен 1940 година била пресвртна, бидејќи по посетата на Мексико тој сфатил дека фотографијата е неговиот вистински повик, а по разговорот со Александар Либерман, негова фотографија за првпат се појавила на насловната на „Вог“.
Во 1953 година тој го отворил своето прво студио, работејќи во Франција, Велика Британија и САД, каде што ги фотографирал обичните луѓе и работниците, а потоа заминал во Перу, Мароко и Нова Гвинеја, за да го сними животот на локалните племиња. Покрај овие фотографии, на ѕидовите на Palazzo Grassi се поставени и портрети на некои од најпознатите светски уметници, писатели и филмски ѕвезди. Меѓу нив се Пабло Пикасо, Труман Капоте, Марсел Дишан, Марлен Дитрих…