Насловна / Архитектура / „Прекрасен, прекрасен, Копенхаген!“

„Прекрасен, прекрасен, Копенхаген!“

Копенхаген е престолнината и најголемиот град во Данска со околу 590 илјади жители во рамките на општината, околу 1,28 милиони во урбаниот регион и над два милиони жители во метрополитанската зона на Копенхаген. Слично на Венеција, Копенхаген е град на острови и канали.GEDSC DIGITAL CAMERA

Поголемиот дел од градот е лоциран на источниот брег на островот Зеланд (Zealand), а помалиот на западниот брег на островот Амагер (Amager), кој на источната страна излегува на Оресенд (Øresund), теснецот што ја дели Данска од Шведска. Ако теснецот Оресенд ја дели Данска од Шведска, истоимениот мост (Оресенд мост) ги поврзува овие две земји, или поточно Копенхаген во Данска со Малме во Шведска.

Скоро осум километри долгиот мост е најдолгиот комбиниран моторен и железнички мост во Европа, официјално пуштен во употреба на 1 јули 2000 година, и овековечен во шведско-данската криминалистичка серија Мост (The Bridge) во три серии од по десет епизоди чиешто емитување отпочнало во 2011 година.GEDSC DIGITAL CAMERA

Кружна кула

Зачетоците на Копенхаген се релативно нови и се навраќаат на викингшкото рибарско село основано во десеттиот век, кое во петнаесеттиот век прераснало во престолнината на Данска. Градот особено доживеал подем во периодот на Кристиан Четврти од Данска (Christian IV, 1577-1648) кој бил крал на Данска и Норвешка во периодот 1588 – 1648 година, со Копенхаген како престолнина.

Од овој период датираат и примери на прекрасна архитектура, меѓу кои се истакнува објектот на Берзата, изграден во седумнаесеттиот век, како исклучителен пример на холандската ренесанса во Данска, со својата 56 метри висока кула со шилест завршеток во форма на испреплетени опашки на четири змеја. Објектот се наоѓа веднаш до данскиот парламент сместен во палатата Кристијансборг (Christiansborg Palace) на островот Слотсхолмен (Slotsholmen), којшто се смета за „острово на моќта“ со оглед на тоа што на него се наоѓа центарот на Владата на Данска. Станува збор за мало островче, кое е дел од внатрешниот град на Копенхаген, лоцирано во рамките на заливот на Копенхаген.GEDSC DIGITAL CAMERA

Црквата на Фредерик

Друг познат објект од овој период е тврдината Росенборг (Rosenborg Castle) изградена во времето на Кристијан Четврти во стилот на холандската ренесанса, како летна куќа во природа за потребите на кралското семејство и лоцирана во Кралската градина. Објектот бил користен како кралска резиденција на данските регенти до почетокот на осумнаесеттиот век, а потоа и во два наврати кон крајот на осумнаесеттиот и почетокот на деветнаесеттиот век во услови на вонредни состојби. Денес, објектот е во сопственост на државата и во него е сместен Музеј во кој е изложена Кралската збирка.

Веројатно еден од најинтересните архитектонски примери од овој период е Кружната кула (Round Tower), изградена во седумнаесеттиот век во централното градско подрачје на Копенхаген, по нарачка на кралот Кристијан Четврти од Данска. Објектот е во стилот на холандскиот барок и е изграден од жолта и црвена тула која специјално била нарачана за овој проект од Холандија. Кружната кула е дел од комплексот Тринитатис (Trinitatis Complex), каде во еден комплекс била сместена црква, универзитетска библиотека и астрономска обсерваторија, лоцирани во непосредна близина на студентскиот дом Регенсен (Regensen Dormitories), вториот најстар студентски дом на Универзитетот во Копенхаген (основан во 1479 година).

Астрономските опсерватории во тоа време биле многу значајни затоа што сознанијата во оваа област ја потпомагале поморската навигација. Комплексот го карактеризира невообичаен концепт каде библиотеката била лоцирана над црквата, а до неа и опсерваторијата, сместена на врвот од кулата со платформа на висина од скоро 39 метри над тлото, се доаѓало преку 210 метри долга рампа со 7,5 завртувања околу шупливото јадро од тула на кулата. Тоа овозможувало тешките книги за библиотеката и астрономската опрема на коњ со кола да се носат до и од библиотеката и обсерваторијата.GEDSC DIGITAL CAMERA

Палата Амалиенборг

Во рамките на шупливото јадро на кулата била сместена и одводна цевка од тоалетот за астрономите која не била поврзана со канализацијата, така што ова се смета за еден од најраните примери на септички јами во светот. Денес, комплексот служи како повеќенаменски простор каде кулата служи како видиковец и аматерска астрономска обсерваторија, додека библиотеката како галерија и изложбена сала.

За жал, почетокот на осуманесеттиот век не бил најдобар за градот со оглед на епидемијата од чума во 1711 година, кога се проценува дека од 60 илјади жители на градот, помеѓу 12 до 23 илјади лица подлегнале на болеста, а за нешто подоцна градот да настрада од Големиот пожар во 1728 година.

Ваквите катастрофи наметнале потреба за обнова на градот која довела до основање на значајни културни институции како што се Кралскиот театар (The Royal Danish Theatre) основан во 1748 година и Кралската академија за применети уметности (The Royal Danish Academy of Fine Arts) основана во 1754 година како роденденски подарок на кралот Фредрик Пети (Frederick V, 1723-1766), крал на Данска и Норвешка, по повод неговиот 31-ви роденден.  Оргиналното име на академијата било Кралска академија за портрет, скулптура и архитектура, со тоа што Факултетот за архитектура во 1996 година бил преселен во поранешни објекти на морнарицата.GEDSC DIGITAL CAMERA

Статуа на Кралот Фредерик V

Најзнаменито архитектонско достигнување од овој период е изградбата на квартот Фредрикстаден (Frederiksstaden) во втората половина на осумнаесеттиот век, којшто се смета за еден од најзначајните рококо комплекси во Европа. Двата најзначајни објекти во овој кварт се палатата Амалиенборг (Amalienborg Palace), резиденцијата на данското кралско семејство и Црквата на Фредерик (Frederik’s Church).

Палатата се состои од четири палати со идентични фасади, но различни рококо ентериери поставени дијагонално една наспроти друга во рамките на октогонален плоштад со статуа на Кралот Фредерик Пети на коњ во центарот на плоштадот. Оргинално палатите биле изградени за четири благороднички семејства, но кога во Големиот пожар од 1794 година изгорела кралската палата Кристиансборг, кралското семејство ги купило сите четири палати и се преселило во нив. Палатите деноноќно се чуваат од страна на Кралската гарда во традиционалните униформи.

Црквата Фредерик е исто така позната и под името „мермерна црква“ и е значаен пример на рококо архитектурата. Објектот претставува препознатлив репер за овој кварт, при што особено се истакнува куполата на објектот со распон од 31 метар. Оваа купола, која се носи на 12 столба, се смета за најголемата црковна купола во скандинавските земји. Она што е интересно е дека изградбата на црквата траела скоро 150 години, од 1749 до 1894 година, како резултат на различни причини. Од црквата, погледот преку статуата на Кралот Фредерик Пети води кон заливот и новиот објект на Данскиот театар од 2006 година лоциран на спротивниот брег.

Во непосредна близина на квартот Фредрикстаден се наоѓа „Новото пристаниште“ – Ниjхавн (Nyhavn) изградено во седумаесеттиот век, коешто го карактеризираат силно обоените куќи во низа, преку коишто најчесто се презентира градот во туристичките материјали.

Денешниот лик на центарот на градот е карактеризиран со неокласичен изглед. Најмногу како резултат на пожарите од 1728 и 1794 година, и бомбардирањето на градот од Лордот Нелзон во 1801 година во рамките на британско-данско/норвешкиот конфликт, како резултат на што најголемиот дел од средновековното градителско наследство засекогаш било изгубено. И покрај ова, секој посетител се чувствува прекрасно во овој дел на градот во земјата со најсреќно население во светот – во градот на каналите, кој со право е и еден од десетте градови којшто исто така се нарекуваат и „Венеција на северот“.

 

 

 

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top