Насловна / Вести / Прекината е изградбата на автопатиштата Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид

Прекината е изградбата на автопатиштата Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид

Кинеската компанија „Синехидро“ привремено ја прекина изградбата на автопатот Миладиновци – Штип поради ненавремено решени имотно-прави односи, а во прекин е и изградбата на автопатот Кичево – Охрид поради изместување на трасата на вториот.

Премиерот Зоран Заев најави средба со кинескиот изведувач и со другите вклучени страни во проектите, со цел изнаоѓање брзо решение.

Оваа информација вчера беше соопштена од влдината служба за информаирање по средбата на премиерот Заев со амбасадорката на НР Кина во Македонија, Лин Лисјен.patarina

Освен кинеската компанија „Синехидро“, како подизведувачи се вклучени и македонските компании „Гранит“, „Трансмет“ и „Бетон“. Сметките на компанијата „Трансмет“ се замрзнати во случајот на Специјалното јавно обвинителство – Труст, во кој сопственикот на оваа компанија Сеад Кочан е осомничен за фалсификување документи за учество на тендер за РЕК Битола.

Според најавите, автопатот до Штип требаше да биде пуштен на 1 мај годинава, а Кичево – Охрид да биде готов до крајот на февруари 2018 година. Засега нема подетални информации за причините за доцнење на изградбата на двете делници.

Според добиениот тендер автопатот Миладиновци – Штип требаше да чини 206 милиони евра, а автопатот Кичево – Охрид – 374 милиони евра. Повеќе од сигурно е дека овие бројки ќе бидат поголеми.

Од дел од прислушуваните разговори се отворија сомневањата дека при склучувањето на овие договори со кинеската компанија била вкалкулирана и милионска сума за мито.

Специјалното јавно обвинителство на 22 мај го отвори случајот Траекторија, истрага против четири високи владини функционери кои во 2012 и 2013 години при процедурата за избор на изведувач за градење на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид не ги почитувале правилата за спроведување тендер и дозволиле една компанија незаконски да добие имотна корист. Овие лица, во постапката за барање најдобар изведувач, спротивно на правилата за јавни набавки и спротивно на условите на кинеската влада и кинеската Ексим банка, избрале изведувач што имал поскапа понуда од втората компанија што конкурирала на тендерот.

Во јануари 2013 година, високите владини службеници, иако биле доставени две понуди, разгледувале и одлучиле само за една. Понудата на компанијата која доставила пониска понуда, била скриена, по што бил склучен договор само со компанијата која имала повисока понуда. И тука се работи за злоупотреба на службената положба и овластување, велат од СЈО.

Испрати коментар

Scroll To Top