Музејот Лувр во Париз ќе ги зголеми цените на билетите за повеќето посетители надвор од Европската Унија за 45 oтсто од почетокот на 2026 година, одлучи управниот одбор.
Од 14 јануари, посетителите надвор од ЕУ ќе плаќаат дополнителни 10 евра за влез во музејот, кој минатата година пречека речиси девет милиони луѓе, претежно странски туристи. Сега влезница чини 22 евра, а посетителите вон Европскиот економски просторќе плаќаат 10 евра повеќе, по 32 евра.

Туристите од САД, Велика Британија, Кина и други земји ќе мора да платат 32 евра за влез, а зголемувањето треба да обезбеди милиони евра за планираните работи за обнова на музејот, пишува Би-Би-Си.
Повеќе од 10 отсто од посетителите на Лувр доаѓаат од САД, а околу шест отсто од Кина.
Музејот со години се соочува со критики за прекумерна гужва, долги редици и ограничени капацитети.

Одлуката е донесена по грабежот во октомври, кога четиричлена банда криминалци украде накит во вредност од 102 милиони долари. Ревизијата спроведена по инцидентот ги истакна застарените безбедносни системи и проблемите со инфраструктурата.
Францускиот претседател Емануел Макрон и управата на музејот во јануари годинава објавија мерки за подобрување на искуството на посетителите, вклучително и планот за преместување на „Мона Лиза“ на Леонардо да Винчи во нов простор за да се намали гужвата.

Лувр, исто така, планира голема реконструкција на други делови од музејот, како и додавање нови објекти како што се тоалети и ресторан, што ќе чини стотици милиони евра.
Истрагата по грабежот покажала дека музејот инвестирал повеќе во купување уметнички дела во последните години отколку во одржување и реновирање. Овој месец, музејот беше принуден да ја затвори својата галерија на грчка керамика поради структурни проблеми.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија