Во организација на Здружението Македонски комитет за големи брани (ЗМКГБ или MACOLD) беше реализирана стручна посета на брани со придружни објекти и хидроцентрали во Турција, во периодот 6 – 12 април 2025 година. На стручната екскурзија учествуваа 34 членови на ЗМКГБ, вработени во градежни компании, хидроенергетски и водостопански претпријатија, инженеринг фирми и научни институции во РС Македонија. Стручната екскурзија беше спроведена во целост според усвоената техничка програма, предложена од колегите од Турскиот комитет за големи брани (ТRCOLD) и од DSI (Devlet Su İşleri), односно State Hydraulic Works. Државната водостопанска агенција DSI е главната извршна организација во Турција одговорна за одбрана од води и за нивно јавно користење за хидроенергија, наводнување, водоснабдување и индустрија.

Брана Ömerli, презентација во DSI-14 поради лошите временски услови
Всушност DSI e државна агенција одговорна за сигурноста на браните во четирите етапи од нивниот живот: истраги, проектирање, градење и одржување. Со оваа шеста стручна посета на брани организирана од MACOLD, беше избрана Турција, зашто таму градбата на брани во последните три децении е убедливо најсилна во Европа. Во тој период изградени се околу 1,000 големи брани од различни типови, меѓу кои и RCC Roller-Compacted Concrete Dams (RCCD), Face Symmetrical Hardfill Dams (FSHD), Concrete Face Rockfill Dams (CFRD), кои сѐ уште не се изградени во Македонија. Воедно, таа има изградено квалитетна и разновидна водостопанска и хидроенергетска инфраструктура, чие запознавање може да го унапреди искуственото знаење на нашите хидротехничари.

Брана Alibeyköy, преливен орган и низводна косина
Првиот ден, недела 6. април, се патуваше од Скопје до Istanbul, третата престолнина на Отоманската империја и сегашниот економски и културен центар на Турција. Попладнето беше искористено за разгледување на дваесет милионскиот мегалополис Истанбул со исклучителна местоположба, распослан на два континенти Европа и Азија, на теснецот Босфор меѓу Црното и Мраморното море. Во понеделник, 7. април, прво беше посетена браната Ömerl,…), каменонасипна висока 52 м, наменета за водоснабдување на Истанбул. Потоа, беше посетена каменоземјената брана Alibeyköy висока 32 м.

Брана Alibeyköy, сегментни затворачи за контролирано преливање
Ноќевањето беше во Bursa (првата престолнина на Отоманската империја). Вториот работен ден, вторник 8. април, започна со посета на каменонасипната брана Gökçe висока 62 м и продолжи со посета на каменоземјена брана Çınarcık висока 125 м. Ноќевањето беше повторно во Bursа, три милионски град со сочувана традиционална архитектура и импозантна тврдина. Стручната екскурзија во среда 9. април, започна со посета на брана од ваљан бетон во фаза на градба Gölecik висока 95 м и продолжи со посета на гравитационата брана Devecikonağı висока 95 м.

Брана Gökçe, брзотек на преливен орган со затворачи

Брана Gökçe, прочистителна станица за питка вода
Ноќевањето беше во Balıkesir, индуструски град во внатрешноста на Мала Азија. Четвртиот работен ден, четврток 10. април, прво беше посетена каменонасипната брана Manyas висока 90 м и продолжи со посета на насипната брана Reşitköy висока 45 м. Ноќевањето беше во модерниот град Çanakkale, поминувајќи го долгиот висечки мост од 6 км на теснецот Дарданели меѓу Мраморното и Егејското море.

Брана Çınarcık, генераторски под на хидроцентрала

Брана Çınarcık, предтурбински затворач на хидроцентрала
Последниот работен ден, петок 11. април, започна со посета на каменоземјена брана Hamzadere висока 48 м, со затворена квадратна форма и со должина во круната околу 10 км и продолжи со посета на насипната брана Sultanköy висока околу 30 м. Ноќевањето беше во преубавиот град Edirne (втората престолнина на Отоманската империја) со бројни културно историски споменици. Последниот ден, сабота 12. април, се патуваше од Edirne, град лоциран на тромеѓата помеѓу Турција, Бугарија и Грција, низ Бугарија до Скопје.

Брана Gölecik, разастирање на нов слој од ваљан бетон

Брана Gölecik, отстранување на торкрет бетон од заштита на косините за спрегнување на нов слој од ваљан бетон со боковите на долината
Учеството на вакви стручни екскурзии, како прво е од непроценливо значење за хидротехничарите, посебно за помладите колеги, независно од тоа дали се бават со теориска или практична дејност во Инженерството за брани и, како второ, да се спореди домашната Индустрија за брани со странската, зашто само преку компарацијата може да се заклучи за сегашниот степен во развојот на водните ресурси во Македонија. Од споредбата може да се изведат повеќе констатации од кои најзначајни се следните две.

Брана Gölecik, оплатирање за граничник од конвенционален бетон пред нов слој од ваљан бетон по воздушната страна на браната
Прво, во Турција максимално се почитува фактот дека браните се клучните објекти на водостопанската и хидро-енергетската инфраструктура и воедно градежни објекти со најголем потенцијален хазард за околината. Таму, на највисоко политичко ниво одлучено е дека нивната сигурност е бескомпромисна и затоа таа е доделена на хиерархиски организирана структура – државната агенција DSI, која располага со човечки и финансиски ресурси поголеми од одделни министерства. Во Македонија, во долгиот транзиционен период потонат во корупција и дезориентираност во капиталните инвестиции, постојат бројни импровизации во гарантирањето на сигурноста на браните. Ингеренцијата за водите и браните е разделена во повеќе ресорни министерства и државни компании со недоволна екипираност, компетенции и капацитет. За жал, обединети сме само во тагата после големи трагедии, кои пречесто ни се случуваат во последно време.

Брана Devecikonağı, преливен орган и крајбранска хидроцентрала со транспорт на опрема преку кровот на машинската зграда
Имајќи го предвид фактот дека голем број од браните во Македонија се остарени и запоставени, со цел да се избегне трагедија од несогледливи размери, со право се наметнува прашањето за подобрување на организационата поставеност во доменот на водите и браните. Цениме дека е крајно време да се формира единствена „Дирекција за брани“ со концентрација на кадарот и финансиските ресурси по угледот на DSI во Турција, која ќе ја преземи одговорноста за сигурноста и економичноста на браните, како и за приоритетот во санација на остарените брани и за градба на нови брани.

Брана Devecikonağı, круна на браната

Брана Manyas, генераторски под на хидроцентрала
Второ, во Турција се проектираат и градат нови брани под контрола на DSI со примена на најнови и поекономични технологии во Индустријата за брани и со стручна анализа на конфигурацијата на сложените хидросистеми. Во Македонија во моментот се актуелизира градбата на Чебрен, каде независно од волунтаристичкиот приод во изборот на конфигурацијата и физичките параметри на каскадниот хидроенергетски систем на Црна Река, усвоена е лачна брана за Чебрен.

Брана Manyas, заштита од нафрлан камен на узводната косина
Подвлекуваме дека на профилот Чебрен, трошоците за машинска и електро опрема се приближно линеарно зависни од инсталираноста на хидроцентралата, односно единствената можност за поекономично решение е во унапредување на композицијата на хидројазелот од хидроградежен аспект. Меѓутоа, избрано е решение кое датира од 70-тите години на минатиот век, кога воопшто не била позната технологијата за градба на RCC брани во Македонија и Hardfill брани на планетарно ниво. Така, пет-шест децении подоцна, се форсира застарена конфигурација со лачна брана од конвенционален бетон со шахтен преливник во бокот на долината, без споредба со брана од типот RCC или Hardfill со челен преливник во телото на браната, со која на дадениот преграден профил најверојатно би се добило поекономично решение за хидројазелот.

Брана Reşitköy, фаза на градба на круната и рип-рап по двете косини
Ја ползувам оваа пригода да се заблагодарам на колегите од Турција, Ms. Nisanur KARABAG, Ms. Yasemin ER, Mr. Kadir ÖZMEN и Mr. Ferhat GÖKTÜRK од DSI, Анкара (главниот град на Турција), кои постојано нѐ придружуваа на студиското патување, како за нивната топла медитеранска гостопримливост, така и за нивните стручни презентации на карактеристиките на посетените хидротехнички објекти.

Брана Reşitköy, фаза на градба на преливен орган
Се заблагодарувам на докажаните пријатели на ЗМКГБ – спонзори/донатори на оваа стручна екскурзија со чија несебична финансиска поддршка беа покриени дел од трошоците на организаторот. Воедно, моја благодарност до туристичката агенција Савана од Скопје, која по четврт пат успешно организира стручна екскурзија со посета на тешко достапни преградни профили за брани и хидроцентрали и посебно до духовитиот Никола (водич на студиското патување), кој стрпливо ги решаваше сите проблеми на учесниците. На крајот, би сакал да ја подвлечам исклучителната сериозност и студиозност на групата, што е најдобриот поттик за ЗМКГБ да ја одржи востановената традиција со спроведување на слични стручни екскурзии.
Автор: Проф. д-р Љупчо Петковски, Градежен факултет во Скопје

Брана Hamzadere, презентација на круна на браната
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија