Насловна / Архитектура / Порта 3 влезе во Фолингвотер на Френк Лојд Рајт

Порта 3 влезе во Фолингвотер на Френк Лојд Рајт

„Архитектурата е мајка на уметноста. Без сопствена архитектура, нашата цивилизација ќе биде без душа. Таа е триумф на човечката имагинација над материјалите, методите и луѓето“. – Френк Лојд Рајт

Во гратчето Мил Ран (Mill Run), блузу Питсбург, Пенсилванија, во природниот резерват Беар Ран (Bear Run) каде поток тече на околу 400 метри надморска височина и одеднаш се прекршува на околу 10 метри, Френк Лојд Рајт (1867 – 1959) го проектирал едно од најпознатите архитектонски ремек-дела, куќата Фолингвотер (Fallingwater). Изградена е како викендичка за реномираниот бизнисмен Едгар Кофман и неговото семејство. Планинскиот предел со години им бил омилено место за одмор, така што од Рајт побарале да проектира куќа спроти потокот. Но, архитектот понудил нешто дотогаш невидено – куќа над самиот водопад.

foto_1_resize

Со околу 70-годишната кариера, придонесот на Рајт во модерниот архитектонски дизајн е легендарен – од Роби хаус, неговата најдобра манифестација на прерискиот градежен стил, до импозантноста на Соломон Гугенхајм – првиот музеј што објави дека архитектурата е битна исто како и уметноста во објектот. Зад Рајт стојат модерни куќи во предградијата, деловни згради, верски објекти и музеи, но Фолингвотер нема потомство, туку неизмерно наследство.

Фолингвотер е родена во 1935 година, а голем дел од инспирацијата произлегла од восхитот на Рајт кон јапонската архитектура.

foto_2_resize

ФОТО Кредит / Конгресна библиотека (Library of Congress)

„Не постои место каде архитектурата на Рајт може да се почувствува со таква топлина и да се почитува со таква интуитивност“, рекол Кофман Јуниор за време на церемонијата на донација на куќата и стотиците хектари природно земјиште на Конзерваториумот на Западна Пенсилванија (WPC) во 1963 година.

Неодамна имав прилика одблизу да го видам тој склад меѓу архитектурата и природата. Штом ќе влезете на имотот, куќата само наѕира зад дрвјата. Како најдобар важи погледот на југозапад, каде се чини дека објектот се издига од водопадот и како да лебди над него. Доближувајќи се, едно е јасно, едноставно таму припаѓа, куќата е сплотена со опкружувањето, а водопадот е нејзиното срце. За перцепцијата секако е заслужен и изборот на материјалите – светлокафеавите цигли низ целата куќа се правени од локален песочен камен. Она што плени е совршенството во нивната несовршеност или нерамномерност, и идејата да се наредат хоризонтално, имитирајќи ги камењата во природни услови. Потоа, до вас допираат звуците на водопадот. Присутни се насекаде, дури и внатре, што е дел од дизајнот на Рајт. Жуборот е особено јасен околу каминот-карпа, а неговата достапност била можна и преку драматично издигнување на оџакот, како највисока точка на надворешноста на куќата.

FW_Spring_02874_Cleaned-and-Cropped

Фолингвотер се состои од два дела: главната куќа, изградена меѓу 1936 и 1938 година и гостинската соба завршена во 1939-та. Просториите се едноставни, отворена дневна соба и компактна кујна на првиот кат, три мали спални соби на вториот и работната со спалната соба на Кофман Јуниор на третиот кат. Мебелот, што боја на орев за идеално да се вклопи со природните бои надвор, е исто така проектиран од Рајт.

Photo 4_resize

Премините и ходниците се темни и тесни, а замислата е луѓето да имаат чувство на компресија споредено со она на широчина штом се поблиску до отворено. Таваните се ниски, на некои места достигнуваат само до два метра, со цел хоризонтално да го насочат окото кон погледот надвор. Долгите конзолни тераси важат како продолжетоци кон природата. Изведени под серија прави агли, покрај функцијата, и особено со заоблените рабови, додаваат и скулптурен елемент. Испакнатоста е постигната со армиранобетонска конструкција и токму овде Рајт за прв пат се одлучил да го употреби бетонот како материјал. Прозорците се обложени со челик во црвена боја, а очигледно е дека дрвото како материјал било минимално користено. Фолингвотер е единствениот познат проект на архитектот, што влегол во јавниот домен со своите поставки, богата колекција уметнички дела, придружни архивски документи и оригинален мебел.

01_resize

Во документот за донација било утврдено непречено одржување и заштита на имотот, забрана за подигање нови градби видливи од Фалингвотер, и гаранција, куќата перспективно да биде отворена за јавноста.

„Фолнингвотер е комбинација на иновативно инженерство и дизајн со модерни материјали. Напорите на Рајт не само што ја зајакнале моќта на модернизмот како влијателно движење, наспроти традиционалниот класицизам, туку претставуваат и обид за баланс на односите меѓу модернистичкиот пристап и природната средина на локалитетот, во секаква смисла на зборот“, вели Џастин Гунтер, директор на куќата-музеј, во ексклузивна изјава за Порта 3.

„Префинетото издигнување на куќата над водопадот, е широко препознаено во историјата на американската архитектура. Токму оваа сплотеност е дел од она што го прави Фолингвотер повеќе од само зграда – тоа е естетско искуство кое се фокусира на уникатната врска помеѓу беспрекорното дело и впечатливо убавиот предел“, изјави Гунтер.

За локалното население, Фолингвотер е дел од неговото индивидуално, семејно и општествено минато. Дел од жителите дури имаат и членови на нивните семејства кои директно придонеле за изградбата. За регионот и пошироко, објектот е национално богатство. Куќата е заведена во Националниот регистар на историски места во 1974 година, и назначена за Национално историско обележје во 1976. Во 1991 година, Американскиот институт за архитекти (АИА) го избра Фалингвотер за најдобро дело на американската архитектура на сите времиња. Во 2007-ма, Фолинвотер беше на 29-то место во „Омилена архитектура на Америка“ во јавна анкета како дел од Иницијативата на АИА за 150 омилени дела. За меѓународната заедница, Фолингвотер е пример за место со извонредна универзална вредност, што резултираше во негов запис на листата на Светско наследство на УНЕСКО во 2019-та.

Зошто е важна ознаката дел од Светското наследство?

Да се биде на оваа листа е највисоката чест што може да ја добие една културна знаменитост, којашто вообичаено е резервирана за места со значење за целото човештво. Фолингвотер, и другите седум локалитети на Френк Лојд Рајт се придружуваат на листата безвременски, незаменливи места како Индепенденс хол (Independence Hall) и Монтичело (Monticello) во САД, и пирамидите на Египет и Таџ Махал во странство.

foto_6_resize

ФОТО Кредит / Конгресна библиотека (Library of Congress)

Американската служба за национални паркови во 1976 година, куќата ја прогласи за национално историско обележје. „Но, означувањето на Фолингвотер како дел од светското наследство оди подалеку, официјално признавајќи го значењето на објектот и Рајт на меѓународната сцена, го признава светското влијание на архитектот врз социјалниот, културниот и архитектонскиот развој на 20 век“, додава Гунтер.

Photo 7_resize

Ознаката е и потврда дека без овој архитект,  светот во кој живееме денес би изгледал сосема поинаку. Тој ги прифати промените и користеше нови технологии за да ги прошири ограничувањата и архитектурата да ја турне во досега невидени насоки. Ослободувајќи се од традиционалните форми за да го олесни модерниот живот, Рајт создаде драматични нови концепции за домување, обожување, работа, образование и одмор, секогаш издигнувајќи го човечкиот придонес и интимно поврзувајќи ги проектите со природата, и во форма и при употребата на материјали.

Според Рајт, структурата и просторот можат да бидат моќни алатки за пренесување на културните вредности. „Токму Фолингвотер, има можност и одговорност да ги промовира тие вредности. Како никаде на друго место, објектот има моќ да ја демонстрира способноста на Рајт да ги искористи лекциите и од технологијата и од природата за да создаде архитектура која беспрекорно се вклопува со својата околина“, изјави Гунтер за Порта 3.

Во денешното брзо менливо општество, каде новите технологии нудат неограничени можности, научените лекции од Фолинвотер имаат поголема важност од кога и да е, особено додека човештвото работи на создавање поодржливи стандарди за градење и живеење. Во таа смисла, тоа што куќата е на светската сцена, придонесува да има поширока платформа за учество во дискусиите за односот помеѓу одржливоста, технологијата и добриот дизајн. Токму со отвореноста за јавноста и опфатеност на училиштата преку својот Институт, Фолингвотер овозможува дополнително образование и развој на иновативни програми, особено за помладите генерации.

Fallingwater

Во меѓувреме, Конзерваториумот објави дека склучил договор со Архитектонско студио за зачувување со седиште во Њујорк, со цел да се направи целосна анализа на потребите за заштита на објектот и да се изработи стратешки план за зачувување за следната деценија.

Со приматот дел од Светско наследство разбирливо следува и поголем туризам. За да има ефикасен баланс на барањата на заинтересираните и придржување кон мерките за заштита на објектот, Фолинвотер може да се посети исклучително со резервација.

„Ознаката за Светско наследство засекогаш ги признава придонесите на Рајт, кој живеел пред своето време. Зголемената свест е клучна за опстанокот на неговото наследство. Неговата брилијантност е потврдена, а неговата визија ќе продолжи да инспирира како да градиме денес и да планираме за иднината“, вели Џастин Гунтер, директор на Фолингвотер, во ексклузивна изјава за Порта 3.

Во моментов низ САД постојат околу 400 објекти на Рајт.

Автор: Јулија ВЕЛКОВСКА

(Специјално за Порта 3 од Вашингтон)

ФОТО Кредит – Конзерваториум на Западна Пенсилванија (Western Pennsylvania Conservancy)

0_resize

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top