Поради чистото и стабилно производство, проектот за изградба на нуклеарната централа Пакш 2 во Унгарија е ослободен од американските и бриселските санкции.
Подготвителните работи за новата нуклеарна централа започнаа уште пред две години, а излевањето на првиот бетон на 5. февруари, официјално го означи почетокот на изградбата на петтиот реактор на новата нуклеарка.
„Денес е историски ден. Првиот бетон е излеан на проектот Пакш 2 во присуство на генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) Рафаел Гроси и генералниот директор на ‘Росатом’ Алексеј Лихачов“, напиша во четвртокот унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто на Икс.

Пакш 2 ќе има два нови реактори, двата со капацитет од 1.200 мегавати. Пакш 2 го гради светскиот и руски нуклеарен гигант „Росатом“ на принципот „клуч на рака“.
Нуклеарната централа Пакш веќе има четири реактори со вкупна моќност од 2.000 мегавати, кои исто така се направени со руска технологија. А првиот е пуштен во употреба уште во 1982 година. Во енергетскиот микс на Унгарија, учеството на нуклеарната енергија сега надминува 36 отсто. А кога ќе биде завршена нуклеарната централа Пакш 2, тој удел ќе се удвои.
Работниот век на реакторот е 60 години со можност за продолжување за уште 20 години.

„Благодарение на нуклеарните централи, Унгарија има најевтина електрична енергија во Европа, што го потврдуваат и податоците на Евростат. Иако Брисел му даде зелено светло на ‘Росатом’ за работа, Унгарија е под притисок од Европската Унија поради енергетската соработка со Русите. Унгарија ќе продолжи да се спротивставува на санкциите и да ги штити економските интереси на земјата“, вели инженерот и експерт за нуклеарна енергија Синк Жолт Хараш.
Според него, со поголем удел на нуклеарна енергија, Унгарија ќе може да ја намали потрошувачката на гас за 40 отсто и на годишно ниво емисиите на јаглерод диоксид за една третина.

Знаењето и искуството во изградбата на нуклеарни централи Руската Федерација го наследи уште од советскиот период, а за прв пат руски сексперти изградиле нуклеарна централа во странство во 1966 година, во Рајнсберг, Источна Германија.
Компаниите „Атоменергоекспорт“ и „Зарубежатоменергострој“ подоцна изградиле нуклеарни централи низ целиот свет – од Бугарија, Чехословачка, Унгарија и Финска до Куба. На почетокот на 1990-тите, многу од овие проекти биле или застанати или целосно затворени, но нуклеарната енергија во последниве години доживува ренесанса, а Руската Федерација не само што учествува во неа, туку и ја презема водечката улога.
Во моментов, меѓународните активности во областа на нуклеарната енергија ги вршат компании и организации во рамките на државната корпорација „Росатом“, која е на прво место во светот по бројот на проекти за изградба на нуклеарни централи во странство, со 41 енергетски блок во 11 земји, пренесува ТАСС.

Покрај изградбата на нуклеарни централи, Русија извезува нуклеарно гориво и завзема околу 17 отсто од глобалниот пазарен удел, како и услуги за збогатување на ураниум, се занимава со истражување и рударство на ураниум во странство и воспоставува центри за нуклеарни истражувања во различни земји. Според податоците на „Росатом“, вкупната вредност на нејзиното портфолио на странски нарачки во 2025 година надминале 200 милијарди долари. Покрај Пакш 2, во изградба се централи во Бангладеш, Белорусија, Египет, Индија, Иран, Казахстан, Кина…
Во моментов „Росатом“ разгледува или склучил прелиминарни договори за изградба на енергетски единици во Бразил, Виетнам, Киргистан, Лаос, Монголија, Мјанмар, Нигерија, Саудиска Арабија…
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија