Сараевското биро Projekt V Arhitektura го изработило ентериерот на Treehouse Apartment, еколошки одржлива трансформација на стан во Сараево од австроунгарската ера во топол, импресивен свет изграден од природни материјали. Проектиран за младо семејство, во домот преовладува црешово дрво, ѕидови обоени со природна глина, камени работни плочи, ленени завеси, травертин и минималистички детали.

Минимализмот овде не е ладен, туку сосема спротивно, а клучот на проектот е заземјувањето, изразено преку континуиран елемент на ѕид направен од природен фурнир од цреша што се издига од подот и го обвиткува целиот стан на различни висини. Потсетувајќи на линијата на хоризонтот, овој дрвен елемент евоцира минијатурна шума, поврзувајќи ги станарите со земјата и природата – комбинирајќи функционалност со поетика – и создавајќи смирувачки амбиент, велат архитектите.

Кај овој стан вратите стануваат портали обложени со цреша што водат кон простори со суптилно различни карактери, обединети со заедничка материјалност. Така, природната светлина и погледите од сите страни ја воведуваат динамиката на светлината и сенката, додека на краевите ходник се отвора кон два контрастни света: разиграна дрвена куќа за деца и тивка дневна соба за возрасни, со можност за нивно поврзување или одвојување со скриени лизгачки врати.

Кујната и дневната соба сочинуваат единствен, со светло исполнет простор во кој ленените завеси од подот до таванот овозможуваат флуидно прилагодување на интимноста и отвореноста, додека по потреба дискретно се кријат во гардероберот. Делува како некој убав суптилен, нежен театар, при што трансформацијата игра главна улога.

На западниот дел од станот се појавува необична, но рафинирана дрвена куќичка за деца, рај за игра и имагинација.Со поглед на дворот, како да е сместена на дрво, изградена е од домашно префабрикувано ламинирано дрво смрека во соработка со „Криваја Хоумс“, босанско-херцеговачка фабрика за масивна дрвена градба, ги нагласуваат архитектите бројните соработки со локалните компании на овој проект.

Дрвената куќичка првенствено претставува минијатурна архитектура, крстосница помеѓу парче голем мебел и мала куќа, во размер според перспективата на децата, велат архитектите, и ги фалат високите тавани на станот, со повеќе нивоа, поткровје, вградени скали и отвори обработени со CNC машина што ја филтрираат светлината и погледите, поттикнувајќи движење и интеракција.

Затоа оваа мала куќичка во станот е детаљ што го издвојува ова сараевско засолниште од мноштвото современи ентериери, промислено, одржливо и, пред сè, разиграно. „Овој простор е за деца и нивните пријатели – иднината на нашето општество. Се надеваме дека ќе инспирира длабоко почитување на дрвото, занаетчиството и одржливоста.“

Станот обединува внимателно избрана колекција рачно изработен мебел и уметност, славејќи го современото занаетчиство на Босна и Херцеговина.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија