Една деценија откако беше првпат претставен, лондонскиот „супер канал“ конечно е завршен. Проектот вреден 6,3 милијарди долари, се очекува дека ќе доведе до револуционерен начин на работа со отпадните води во Лондон.
Thames Tideway Tunnel го поврзува лондонскиот постоечки канализациски систем од викторијанскиот период на 21 различна точка, зголемувајќи го капацитетот на системот. Оригиналниот канализациски систем, стар повеќе од 150 години, беше сериозно преоптоварен бидејќи е проектиран да опслужува до четири милиони луѓе, кога всушност мораше да се справи со повеќе од двојно поголем број корисници, што доведе до тоа човечки отпад и дождовница редовно да се испуштаат во реката Темза, една од главните реки во областа.
Димензии и капацитет на новиот систем
„Супер каналот“ е со должина од 25 километри. Главниот тунел е со дијаметар од 7,2 метри, еднакво на ширина на три лондонски двокатни автобуси, додека поврзувачките тунели се со дијаметар од 5 и 2 метри. Системот има капацитет од 1,6 милиони кубни метри, што е огромна количина на отпадна вода.
Правен скоро 10 години
Изградбата на проектот започнала во 2016 година на 24 градилишта низ Лондон. На градилиштата беа изградени повеќе од 20 длабоки шахти, од кои некои биле широки колку куполата на катедралата Свети Павле. За изградба на системот беа користени шест дупчалки, кои се именувани во чест на инспиративни жени од локалната заедница, вклучувајќи активистка за правата на жените, филантропии жени научници.
Влијание врз заштитата на реката Темза
Благодарение на новиот систем, еквивалент на 2.200 олимписки базени со отпадна вода е спречен да влезе во Темза. Сепак, работата се уште не е целосно завршена, а тимот ќе продолжи да ја следи работата на системот при обилни врнежи.
„Ова е уште еден значаен чекор напред – со завршувањето на овој последен приклучок, супер каналот е целосно оперативен и ја штити Темза“, рече Andy Mitchell, директор на Tideway. „Следниот чекор е да го тестираме во услови на бура – така што внимателно го следиме времето – и тоа ќе го правиме во текот на следните месеци. Ние сме на почетокот на новото поглавје за Лондон и неговата река. Нашата мисија отсекогаш била да создадеме не само тунел, туку поздрава, попросперитетна средина за реката и нејзините жители. Со нетрпение очекуваме да го видиме вистинското влијание во годините што доаѓаат и да споделиме сè што ќе научиме за позитивните промени“.
Иако проектот е завршен, има уште многу тестирања за да се осигура дека системот навистина работи како што треба. Поради неговата важност за еколошката рамнотежа и здравјето на Лондон, надлежните ќе продолжат да ја следат работата и да вршат дополнителни тестови за да се осигураат дека новата инфраструктура обезбедува долгорочна заштита на Темза.