Насловна / Архитектура / Ослободување на просторот или во потрага по архитектурата на „Слободниот простор“

Ослободување на просторот или во потрага по архитектурата на „Слободниот простор“

Оваа година Биеналето за архитектура во Венеција, под насловот „Слободен простор“ (Freespace), ги истражува архитектонските интерпретации на тема која во себе носи етички, социјални, но и техничко-инженерски квалификации. Проектот „Ослободување на просторот“ (Freeingspace) со кој Република Македонија се претставува на 16-тата изложба La Biennale di Venezia е силно поврзан со концептот на слободата. Всушност, овој проект ја проширува основната тема на Биеналето „Слободен простор“ со глаголската форма на „ослободувањето“ со што архитектурата се опишува и дефинира како чин на делување, но и како искуство „кое ослободува“, и со тоа покажувајќи го потенцијалот на просторот како физичка, но и како чувствена практика.

1
Темата „Ослободување на просторот“ е инспирирана од честите просторни трансформации кои се реалност во многу градови денес. Скопје секако претставува пример каде промените на градското ткиво се неделиви од неговата историја. Оттаму, проектот „Ослободување на просторот“ се занимава со една од нив, предизвикувајќи ја екстензивната градежна активност во централното градско јадро – прозаично кодирана под името „Скопје 2014“ (Ск 2014). Биеналето во Венеција, негува и се темели на проекти кои ги испитуваат контрадикциите во тековната архитектонска продукција осврнувајќи се на теми кои одат преку физичката појава на архитектурата па ваквите состојби иако „локални“ сепак даваат можност за плоден придонес во содржината на главната тема „Слободен простор“. Поради комплексноста на задачата, но и преплетот на емоции и спротивставени мислења во врска со состојбите во Скопје и „Ск 2014“, во процесот на создавање на содржината, нашиот проект користи типично архитектонски пристап за делување со ваквата сложена општествена и просторна реалност, односно создава проекти, визии за просторот кои носат идеја за простор кој обединува, кој ослободува и кој во моментов во Скопје не постои. Затоа преку самоповикан „архитектонски конкурс“, проектот се обраќа до четири тима на млади архитекти од кои бара да дадат свое видување за тековните состојби на зададените локации – при што главна задача за секој од проектите е воспоставување на просторна вредност која се темели на квалитетот и содржината на јавниот градски простор како носечки атрибут на современиот град. Тие ја репроектираат постојната состојба на четири просторни асемблажи (објектот на Владата на РМ, платото пред МОБ и кејот на реката Вардар, стоковната куќа на плоштад Македонија, објектот на поштата и МЕПСО) и нудат концепти кои го обединуваат значењето на јавниот објект и јавниот заеднички простор.

Проект: ПОВЕЌЕ ОД ФАСАДА – КОН ОПШТЕСТВЕНО СПОДЕЛЕНО ПРИЗЕМЈЕ
Beyond The Façade. Towards Civic Ground Floor
Автори: Гордан Витевски, Владо Данаилов и Мила Димитровска

Beyond The Façade. Towards Civic Ground Floor

Целта на оваа интервенција е проект за просторно сценарио каде архитектурата се перципира како машина која создава релации на заемност помеѓу социјалните и политичките ентитети во општеството. Проектот се темели на програмско и просторно преосмислување на слободниот простор околу објектот на Владата на РМ вклучително и самиот објект. Во својата автентична конфигурација објектот – дело на архитектот Петар Муличковски, не претставува масивен монумент на политичката моќ односно својата архитектонска присутност ја гради врз уникатниот конструктивен склоп кој се темели на носечки јадра. Преку ваквата архитектонска диспозиција приземјето значително „лебди“ и на тој начин меко се поврзува со непосредното опкружување кое се интегрира со архитектурата, односно надворешниот, слободен јавен простор навлегува во габаритот на овој објект-комплекс.
Последните трансформации на објектот со таканаречениот проект „Скопје 2014“ ја менуваат неговата автентична транспарентност. Промените на објектот на Владата на РМ во периодот 2009-2014 година се темелат врз идејата за репрезентирање на богатството на државата и нејзината моќ, во кој процес јасно се поставува граница помеѓу територијата која е јавна и онаа „државната“.
„Ослободувањето“ кое го предлагаат авторите започнува со бришење на сите неконструктивни архитектонски елементи (ѕидови) на приземјето на објектот, односно трансформација која создава низа внатрешни дворови-паркови и наткриени тремови-плоштади. Во вака поставената просторна диспозиција, администрирањето на „официјалниот“ владин дел на објектот е кренат на мезанинот и горните катови со независни влезови и излези, додека приземјето интегрира дел од „внатрешните“ простори (салите), и станува градски простор кој слободно се поврзува со урбаното опкружување и парковската сцена долж кејот на реката Вардар. Проектот ги предвидува новите промени како процес со отворен крај, каде идејата за просторот се гради во неопределен временски рок. Ваквата промена подразбира делумно враќање на објектот во првична состојба, менување на приземјето и „паралелен живот“ на делови од оригиналната архитектура на објектот и извесни фрагменти од трансформациите направени со „Ск 2014“.
Всушност предвидената интервенција не претставува проект за „фасада“ (псевдокласична наспроти автентично модерна) туку истата ја кодира вредноста на архитектурата како јавно добро, каде транспарентноста и пристапноста ја артикулираат архитектурата како искуство кое ја негува личната слобода на индивидуата во рамките на општеството.

Проект: #ОТВОРАЊЕ #ПОВРЗУВАЊЕ #ОТКРИВАЊЕ #РЕПРОГРАМИРАЊЕ
#Opening #Connecting #Uncovering #Reprogramming
Автори: Дејан Ивановски и Филип Јовановски

#Opening #Connecting #Uncovering #Reprogramming

Идејата за Културниот центар во Скопје зачната од групата архитекти Биро 71 е просторна конфигурација составена од седум објекти што формираат полуотворен јавен простор (плоштад) кој е во директна релација со кејот на реката Вардар. Проектот никогаш не е завршен во целост односно изградени се само четири сегменти со плоштадот како средишен дел на овој урбан проект.
Изградбата на низа нови објекти во рамките на „Ск 2014“ формира нов фронт на реката Вардар, кој го растура архитектонското единство на постојниот простор, го руши плоштадот-плато пред објектот на МОБ и притоа не воспоставува ниту просторна, ниту програмска релација со постојното урбано ткиво.
Проектот #Отворање #Поврзување #Откривање #Репрограмирање го користи јавниот карактер на овој комплекс како идеја преку која повторно се формира целината на Културниот центар и се регенерира овој јавен градски дел. Архитектонските тактики со кои се проектира се дел од самиот наслов и тие јасно ги отсликуваат просторните намери на авторите. Имено проектот најпрво отсекува просторни волумени од „новите“ објекти на „Ск 2014“ и на тој начин визуелно го отвора погледот на градот кон историското јадро. Потоа преку внимателно интерполирани платформи – јавни простори ги интегрира сите објекти во рамките на комплексот односно го поврзува кејот и плоштадот со „ослободените“ нивоа на новите објекти на приземје и на горните катови. Ваквото програмско и просторно интегрирање е последната „физичка“ тактика на проектот (откривање) со која се соголува лажната монументална матрица на објектите-кулиси изградени со „Ск 2014“, а репрезентативната моќ се реконфигурира во перформативна содржина својствена за јавниот градски простор.

Проект: ДЕСТРАТИФИКАЦИЈА ’29 ’65 ’14 ’20
Destratification ’29 ’65 ’14 ’20
Автори: Благоја Бајковски, Марина Торнатора, Лучија Ла Џуса и Алесандро Де Лука

Destratification ’29 ’65 ’14 ’20

Со проектирањето на стоковната куќа на главниот градски плоштад во 1958 година позната како Нама (денес Сити галери), архитектот Славко Брезовски ги поставува основите на модерниот начин на трговија. Стоковната куќа долги години потоа претставува комерцијален модел кој има големо влијание во создавањето на културата на градското живеење и го гради модерниот животен стил.
Во архитектонско-урбанистичка смисла станува збор за цврст монолит кој со својот периметар излегува на два плоштади (запад и југ) при што фасадите го дефинираат неговиот архитектонски идентитет на репрезентативна надворешност и внатрешност организирана како рационален „контејнер за продажба на потрошувачки добра“.

Низ годините објектот во повеќе наврати ја менува својата внатрешна организација задржувајќи го притоа трговскиот карактер (и административен на горните катови) како и трипартитната композиција на фасадното обликување која останува непроменета.
Апсурдноста на рецентните трансформации (Ск 2014) се највидливи токму во тој домен – додека сите претходни менувања на објектот се однесуваат на општата функционалност на внатрешниот простор кој се приспособува на потребите на продажбата, овој пат истиот се остава за сметка на потполно менување на фасадата. Промените се радикални и тие ги менуваат основните композициски елементи кои ја дефинираа фасадната детерминираност на автентичниот објект.

Концептуалната вредност на проектот Дестратификација ’29 ’65 ’14 ’20 лежи во фактот дека авторите не започнуваат да ја градат својата идеја со менување на новата фасадна состојба (Ск 2014), туку идејата за трансформација ја градат преку јавниот простор со кој е обиколена стоковната куќа. Преку внимателно читање на историските урбани слоеви на градската текстура на Скопје (29-та, 65-та година и интервенциите направени со проектот „Скопје 2014“), се дефинира новиот карактер на просторот околу. Истиот (малиот плоштад од јужната страна) се внесува во внатрешноста на објектот менувајќи го неговиот „трговски“ и приватен карактер во нов јавен простор и наткриен плоштад лоциран на подрумското ниво на оригиналниот проект.
Во однос на фасадата, авторите го враќаат оригиналниот монолитен изглед на горниот дел од тело на објектот, а фасадната прекривка на средишниот конзолен дел ја отсекуваат до оригиналниот волумен на објектот (на тој начин се пресекува декорацијата и нејзината логика). „Лушпата“ од „Ск 2014“ останува одвоена за 1.5 м пред автентичниот волумен на објектот – истата е бојадисана во црна боја згаснувајќи ја фасадната пластика и означувајќи ја нејзината лажна вредност (барокот не може да биде црн!).
Внатрешниот „контејнер“ добива нова структурна диспозиција потполно во релација со новата состојба на фасадата. Во програмска смисла објектот претставува „културен дом“ со што оваа важна урбана функција се носи во средиштето на градскиот простор.

Проект: НОВИ ПОВРЗУВАЊА
Re-connecting
Автор: Александра Шулевска

Model

Објектот на Телекомуникацискиот центар, нешто подоцна шалтер-салата на ПТТ (1972-1981) на архитектот Јанко Константинов и објектот на ЕСМ на архитект Зоран Штаклев во архитектонска смисла имаат јасна композициска поставеност и артикулација во пејзажната топографија создавајќи полузатворена блок-машина кон кејот на реката Вардар и историските референци кон север.
Главната просторна девастација со која „Ск 2014“ ја промени вредноста на оваа локација не е толку во менување на појавноста на објектите (нова фасада со лажни столбови) колку во вметнувањето на два нови објекта со кои се нарушува композициската целокупност на овој комплекс – објектите имаат непримерна димензија, погрешен волумен, програмска безидејност и никаков однос кон граничните објекти и слободниот простор.
Проектот „Нови поврзувања“ ја менува „наследената“ просторна состојба на овој комплекс следејќи ги функционалните потреби и промени на објектите низ годините, како и рецентните физички оштетувања на дел од нив (пожарот во 2013 година). Па така, процесот на репроектирање не инсистира на создавање на нови склопови, туку кохерентноста на интервенцијата ја гради врз база на постојниот моќен просторен контекст на авентичните објекти. Најпрво, се вметнува нова платформа, како функционална протеза со што се потенцира подолжната оска низ комплексот како линија на движење и потоа се длаби во постојното ткиво со вадење на волуменски фрагменти од објектите (катната гаража) и нивна програмска адаптација како дел од процесот за просторна интеграција на објектите. Објектот на шалтер-салата во целост ја менува својата функција и станува повеќенаменски простор предвиден за различни културни настани. Тој се соголува до основната конструктивна структура, а внатрешниот простор се интегрира во единствен функционално-флексибилен волумен. На ниво на приземјето се јавува систем од фрагментирани секвенцијални отсечоци, нивелмански различни платформи-плоштади кои визуелно се отворени кон кејот на реката, со што само се потврдуваат контекстуалните вредности кои ги има оваа локација.

*****

Сите горенаведени проекти ја трансформираат постојната состојба на просторот, но нивната цел не е еднозначна сензационалност и ексклузивност (впрочем исклучивоста на постојното беше тактика на „Ск 2014“) туку е критичко преосмислување како на автентичното градителско наследство така и на ефектите од рецентните промени. Сите четири проекти се идејно зачнати од авторите како синхронично следење на промените низ ракурсот на активен учесник во професионалниот и општествениот живот и иако се специјално изработени за овогодинешното претставување на Република Македонија на архитектонското Биенале во Венеција нивната цел е да отворат професионална дискусија како за квалитетот на архитектурата така и за позицијата на архитектите во општеството и процесот на создавање на просторот.

*****

Македонското претставување на 16-тата Меѓународна архитектонска изложба – la Biennale di Venezia 2018 е организирано од Музејот на современа уметност – Скопје, со поддршка на Министерство за култура на Република Македонија.

Комесар: Зоран Петровски
Куратори: Слободан Велевски, Марија Мано Велевска
Автори: Дејан Ивановски, Филип Јовановски, Благоја Бајковски, Марина Торнатора, Лучија Ла Џуса, Алесандро Де Лука, Владо Данаилов, Мила Димитровска, Гордан Витевски, Александра Шулевска, Слободан Велевски, Марија Мано Велевска

Автори:  Слободан Велевски, дипл.инж. арх.

Марија Мано Велевска, дипл.инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top