Вчера Собранието објави јавен конкурс за изработка на лого на законодавниот дом.
Според објавениот повик, новото лого треба да ги отсликува националните вредности, како и мисијата и визијата на институцијата. Во конкурсот се наведени и основните елементи кои треба да ги содржат предложените идејни решенија, а особено внимание се посветува на оригиналноста.
Дизајнот треба да биде уникатен и неупотребуван досега, а авторот на тој начин да обезбеди ексклузивност на дизајнот и да гарантира дека конечниот труд нема да повредува какви било интелектални права.
Во повикот се објавени главните елементи кои треба да ги содржат идејните решенија за изработка на логото и критериумите што треба да бидат задоволени. Секој учесник на конкурсот има право да поднесе најмногу три идејни решенија за лого на Собранието. Предлозите ќе ги разгледува посебна комисија формирана од претседателот на Собранието. Рокот за доставување на предлозите е 45 дена од денот на објавување на конкурсот.