Насловна / Вести / О2 Коалиција: Купуваат ли Уставниот суд и општина Карпош време за инвеститорите на спорните ДУП-ови?

О2 Коалиција: Купуваат ли Уставниот суд и општина Карпош време за инвеститорите на спорните ДУП-ови?

„Дали општината Карпош во последен момент се обидува да “им купи време“ на градежните инвеститори, поднесувајќи дописи со кои се очекува одложување на одлуката на Уставниот суд?“, прашуваат од О2 Коалицијата.

Оттаму прашуваат за чии интереси работи новото раководство на Општина Карпош – на жителите или на инвеститорите.DUP-Karpos-Ustaven

„Речиси пет месеци по финалното поднесување на граѓанските Иницијативи до Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план З 04, З 05, СЗ 19 (Влае 2) и повеќе од шест месеци за З 06, граѓаните на Општина Карпош сè уште ја очекуваат финалната одлука како потврда за почитување на процедурите и во корист на жителите на општината.

Сите 4 иницијативи се повикуваат на еден ист податок, односно фактот дека општината Карпош, не ја објавила Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина на својата официјална веб страна, со што е повредена постапката за донесување на ДУПот. Со необјавувањето, правото на жалба на овие одлуки било оневозможено”, реагираат од Коалицијата.

Тие посочуваат дека во сите одговори од надлежните се наведува дека Иницијативата ја сметаат за неоснована, бидејќи Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена била истакната на огласната табла, а постапката запазена. Па така, Општината му предлага на Уставниот суд да ја отфрли граѓанската Инцијатива.

„Тврдењата на општина Карпош се неточни и свесно се спинува одговорот без прецизно наведување дали Одлуката била објавена на веб-страната на општината“, реагираат од Коалицијата.

„20 декември, 2017 Уставен суд носи Решение за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на ДУП З 06, барајќи експлицитен одговор на прашањето дали Одлуката била поставена на веб страницата.

27 декември, 2017 информацијата за оваа одлука на Уставен суд е пренесена на ФБ групата Заедно за заштита на зеленилото на Карпош каде јасно се бара од општина Карпош да се произнесе по неа.

28 декември, 2017 Со потпис на Андреј Манолев, Претседател на Советот, општина Карпош, доставува допис до Уставен суд, како дополнение кон првичниот одговор од 1 Дек 2017, за ДУП З 04 и З 05, но не и за СЗ 19 и З 06, каде наведува дека Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена НЕ била објавена на огласната табла на веб-страната на општината и предлага до донесување на конечна одлука, Судот да донесе Решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената Одлука за донесување на наведениот ДУП, доколку со нивно извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

 

24 јануари, 2018 Уставниот суд објавува дневен ред за седницата закажана за 31 јануари, 2018 каде како точка на дневен ред е и предлогот за одлучување по ДУП З 06.

29 јануари, 2018 повеќе од месец дена подоцна од барањето и после изминат рок од 30 дена во кој требало да го достави својот одговор, Општина Карпош, со потпис на Андреј Манолев, Претседател на Советот, доставува одговор до Уставен суд, во врска со Решението за ДУП З 06, каде наведува Секторот за урбанизам смета дека Иницијативата е неоснована, поднесена од сопствени интереси, Општина Карпош ја запазила целата законска процедура при носење на оспорениот ДУП, максимално е испочитувана имотно-правната состојба, со оспорување на одлуката за носење на овој ДУП на Општината ќе и биде нанесена штета од економски и материјален аспект за која корисниците на локалитетот се засегнати.

За Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена, која е предмет на Иницијативата и врз основа на која се носи Решението, го наведува истото што и во одговорите за З 04 и З 05, испратени месец дена претходно, дека не била објавена на огласната табла на веб-страната на општината.

Општината предлага Уставниот суд врз основа на слободно судиско уверување, да го земе предвид одговорот, ценејќи ги сите факти и докази и да донесе легитимна и на Устав заснована одлука.

Со самото испорачување на нови дописи од Општина Карпош, непосредно пред седница, оваа точка е тргната, согласно деловникот на Уставен суд”, се вели во реакцијата.

За Коалицијата разочарувачки е што Општина Карпош под водство на новиот градоначалник, прво дозволува да се испратат неточни одговори од Секторот за урбанизам на 1 декември по однос на 3 Иницијативи за што одговорноста ја има Советот на Општина Карпош. Претседателот на овој Совет, Андреј Манолев, доставува покасно дополнителни одговори само за два предмета (З 04 и З 05) на 28 Декември, а дури месец дена покасно, два дена пред одржување на седницата на Уставен суд, за предмет (З 06) по кој треба да се одлучува на таа седница и кој е тргнат поради пристигнатиот одговор од Општина Карпош, согласно деловникот. Дополнителен одговор не е испратен за СЗ 19, Влае 2.

„Сето ова наведува на свесно манипулирање со податоците и времето кога одговорите се доставени или не од страна на општината, со цел да се пролонгира носењето на одлуки од страна на Уставниот суд и во меѓувреме градењето, издавањето на дозволи и сите други акти да продолжат непречено“,  сметаат од Коалицијата.

Покрај Решението за ДУП З 06, тие реагираат и за тоа што Уставниот суд нема донесено решение за поведување на постапка за З 04, З 05 и СЗ 19, иако како што велат,  има добиено одговори од општина Карпош пред три и пол и пред два и пол месеци.

„Колку време е потребно да се утврди дека Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина не била објавена на веб страната на општината?

Изминати се повеќе од месец и пол дена, но предметот за ДУП З 06 не е вратен за одлучување, иако во дописот од општина Карпош нема нови наоди.

Можеби Уставниот суд е затрпан од предмети? Можеби работи дење-ноќе, но не постигнува? Ако погледнеме, Уставниот суд во 2017 донел 159 одлуки/решенија. Има 8 уставни судии, што би дошло по нецели 20 одлуки по судија годишно, помалку од 2 месечно! Уставниот суд во Црна Гора има 7 уставни судии кои во 2016 завршиле 1163 предмети, 166 предмети по судија годишно, односно скоро 14 месечно. Не е до затрпаноста и деноноќното работење.

Уставниот суд нема рок по кој мора да одлучи по одреден предмет, може да ги чува во фиока неодредено време без никакви реперкусии. Нема надзор, нема контролен механизам. Судски реформи?

Пролонгирање на одлуките, осбоено за З 04, делот помеѓу Вардар и Илинденска, носи тешко отстранливи последици со оглед дека се гради без пречка и дење и ноќе, па додека Уставниот суд донесе Решение за поведување на постапака, нема да има основа врз која би донел времена мерка за запирање на дејствија по овој ДУП. Можеби тоа е намерата?”, прашуваат од Коалицијата.

Оттаму го повикуваат Претседателот на Уставниот суд да преземе одговорност, да ја утврди причината за ваквото одоговлекување и веднаш  да побара одлучување по овие предмети.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top