Насловна / Вести / Новороденче што почнува да умира

Новороденче што почнува да умира

Ова е приказна за една населба, која  недородена тивко умира, сè уште несвесна за својата тажна иднина.

maxresdefault_resize

НОСТАЛГИЈА

Постземјотресниот период го поминав во мојот Аеродром. Бараките беа крајот на Скопје, од каде натаму почнуваше бескрајната зелена ливада на скопскиот аеродром.

Бевме деца, сите исти, среќни во еднаквоста која доминираше во тогашниот систем. Имавме премногу простор и слобода  за детски игри….

Минуваа години. Аеродромот се пресели во Петровец. Населбата растеше… Се направи урбанистички план со сите стандарди и нормативи за урбано, градско живеење. Се создаде населба проектирана и градена од врвните македонски градежни компании и проектанти кои оставиле значаен белег во нашата архитектура. Урбанизмот на населбата се изучуваше како позитивен пример во сите архитектонски школи на тогашната држава,со сите потреби за едно развиено урбано живеење. Аеродром стана населба, пример за цела тогашна Југославија, па и пошироко. Беше привилегија да се живее тука, (со исклучок на црната точка – ѓубриштето Вардариште и долгото траење на неговото лечење)

4H5A9621_resize

ПОЛИТИКА И ПРОФИТ

Кон крајот на минатиот и почетокот на новиот век, дојдоа времиња кога политиката и профитот преку градењето се споија. Урбанистите заради политички притисок и  „преживување“ евтино си го продадоа своето знаење и за жал моралот пред сè. Стручната фела беше тотално поразена. Нормативите за нормално урбано живеење, потребен станбен простор, зеленило, улици, паркинзи, детски градинки, игралишта и други јавни потреби на жителите, се заборавија.

Кулминацијата во уништувањето на урбанизмот во Скопје се случи во последните 10-15  години.

4H5A9629_resize

Ни се случи Дебар Маало, Карпош, Кисела Вода, Аеродром, Маџар Маало / најново станбено „урбано гето“ во зародиш / ….Бескрупулозно, немилосрдно уништување на просторот. Бетонската џунгла го уништи зеленилото, игралиштата, убавите скопски маала седенките пред куќите и станбените згради во урбаните населби, проектирани и изведени по мерка на човекот и тогашното градско живеење. Струењето на воздухот од Водно и Сарај запре. Скопје стана најзагаден главен град во Европа, а и врв во светски рамки.

dup1_resize

А власта без никаков план и стратегија  за развој на целата државата дозволи и стимулираше со непланско градење и кредитирање, купување супстандардни станови под мотото „ексклузивност“. Граѓаните од немање избор ги направи заложници и зависници на нејзините политики и ги насели во „големиот град“.  Се случи масовно населување  од внатрешноста во Скопје, без никаква контрола. Следуваат години на пропаст на малите места, особено од истокот на Македонија. Над 60 % од новите станови во Скопје ги купуваат луѓе од провинција!!! И без никого да навредам општо е познато дека феноменот на населување во градот е носење „свежа крв“ и е добро. Како што тврдел Жак Превер „Најубавите работи во Париз доаѓаат од провинција. Сена на пример“. Но, проблем е во масовноста. Масовноста е „бомбашки напад“ на градското живеење. И да биде уште пострашно нападот го направи државата плански со неплански урбанизам.  Словенечкиот главен град Љубљана остана – идеал, само еден дамнешен сон за тоа како требаше да биде нашето Скопје. Тие успеаја, Скопје галопира кон својата катастрофа. Со голо око е видливо дека Скопје ова насилие во урбанизмот не може да го издржи. И скопјани се тие кои масовно низ сите населби се собираат и апелираат.

4H5A9560_resize

И сега за урбаната единица Стар Аеродром на почетокот на населбата, тоа што некогаш беа стотина бараки во кои живееја околу 1800 жители, со сета потребна инфраструктура и јавни површини.Кон крајот на минатиот век се пристапи кон правење на нов ДУП за ревитализација на веќе руинираната урбана единица. / Во канцеларијата на градоначалникот на Аеродром и денес постои макета направена по ДУП од почетокот на 2000 година, на која се гледа како висината на сите станбени единици, на место на бараките се до 5-6 ката максимум. Така требаше да биде.

Следуваа години во кои ДУП-от се ревидираше неколку пати, со постепено подигање на катноста, за да во 2014 стигнеме до П + 9 + ПП и  за потребите на градоначалникот и неговите планови до сума од 700 до 900.000 евра за комуналии по една зграда, односно приход за општината од неверојатни 40 милиони евра / за предвидените 50 згради /.

4H5A9533_resize

4H5A9482_resize

Под лажното мото на бившиот градоначалник Коневски „да се задоволат потребите на граѓаните што живеат во бараките во нестандардни услови“ (тоа значи 10 фамилии во две бараки), се преиначи ДУП-от, преку ноќ, па овозможи на таа иста површина , но сега без зеленило и иста сообраќајна инфраструктура  да се проектираат станбени блокови од по 10  ката, со по над 130 стана . Во чиј интерес. На тие 10 фамилии, што добија по 2-3 стана премија?? На градоначалникот што од комуналиите од таа небулоза на градби наплати комуналии за да гради прескапи фонтани, црквички  или и плус  нешто за ??….

Резиме за новата населба во раѓање. 15 пати се зголемува бројот на жители на истата парцела од 30 ха !! Добиваме „град во град“ со над 30.000 жители. Сообраќајните решенија се едноставно нерешливи и за неколку години сегашниот утрински колапс ќе стане целодневен и неподнослив.

Каде е интересот за нормален простор за живеење. Каде е воздухот, детските градинки и игралишта, училишта… Во чиј интерес се случува ова силување на просторот. На аеродромци, скопјани или на некои поединци од политиката, градежништвото…

4H5A9597_resize

И уште малку политика, што за жал кај нас е СÈ.

Со голем ентузијазам аеродромци ја избраа новата локална власт и новиот градоначалник господинот Златко Марин, очекувајќи брзи и драстични промени во урбанизмот.  Ги очекувавме новите решенија веднаш. Но првичниот став беше:

Не може ништо да се промени. Десетина години се менуваше сè преку ноќ, против наш интерес.  А сега ни требаат нови години за да се прекине нешто лошо, ужасно лошо.Карванот врви, кучињата лаат… Уште малку и ќе нема што да се менува. ЌЕ НЕМА ПРОСТОР  ЗА НЕКОЈА СЕРИОЗНА ПРОМЕНА. Не можело вака, не можело онака. Не било по закон. А по кој закон се уништуваше урбанизмот. По кој закон ни го уништуваат живеењето во населбата.

Во постојниот ДУП не е предвиден простор за нови градинки, кои и сега се со капацитет критични, нема простор за нови детски игралишта, јавни површини и објекти од јавен интерес, а се претпоставува дека огромен процент од новодоселените се млади  фамилии кои треба да се шират.Тие и не се свесни што сè ги чека во наредниот период. Најважно им беше да дојдат во големиот град. Утре за сите овие небулози ќе им биде крива државата во тој момент, а не лошата политика во денешното време.

4H5A9634_resize

На сите граѓани на Општина  Аеродром, па и пошироко на градот Скопје, треба да им е јасно. Ова што ни се случува годиниве  во Стар Аеродром, е уништување на животните услови на подолг рок, што ќе се одрази како цунами многу пошироко.

Каде е животот? Што им нудиме во оставнина на идните генерации?

Уште фали постојната касарна да се узурпира во нова населба, не дај боже слична на сегашниов Стар Аеродром, при постојните сообраќајни решенија за излез од општината  (впрочем и некои нови можности не постојат во догледна иднина).

НАДЕЖ

Наравоучение. Скопје одамна го изгуби правецот на развој што објективно го имаше како нов град после земјотресот од 1963 година, град планиран за 300 илјади жители. Но никогаш не е доцна да се рече ДОСТА Е со ваков неконтролиран раст, без попис на жители и состојби со број на станови, фамилии…

До политичарите, до градоначалникот на Скопје и градоначалниците на општините. Менувајте ги лошите урбанистички планови – веднаш. Дозволете архитектонско урбанистичката фела да го каже своето, за доброто на Скопје, без притисок. Не смеете да дозволите развојот на Скопје зависи само од комуналиите од „контролираната“ неконтролирана станбената изградба. Знам дека е тоа макотрпен и долготраен процес, урбанизмот е наука, бара многу стручност и време за реализација. Не тактизирајте, немате време за купување, нарачајте планови по сите стандарди, повикајте на одговорност, не само политичка, него што е многу важно и стручна. Спасете го она што преостана да се спаси.

4H5A9643_resize

4H5A9589_resize

*****

Плански концепти кои демнат

М-р Ненад Тониќ, дипл.сооб.инж

Тестирајќи ја во еден период „строгоста“ на одредбите и параметрите на ГУП-овскиот акт населбата со планска одредница локалитет „Црква“, урбана единица „Б“ (кодно име „Стар Аеродром“) покажа амбиција да вдоми повеќе од 26.000 жители, на површина од 30 и кусур хектари. Во форма на основни општествено-социјални ќелии 26-те илјади посакувани резиденти можат да се впросечат во околу 7.400 домаќинства, кои, низ призмата на степенот на моторизација, продуцираат возен парк од околу 6.000 возила.

Овој локалитет по сè изгледа елегантно би се вклопил во статистичкиот профил на општината со најголема застапеност на семејства со три и четири членови, најголем број вработени во јавниот сектор и домаќинства со едно и две возила . Останатото ќе го направат фокалните гравитациски сили на квартетот Плоштад „Македонија“ – ТЦ „Мавровка“ (со својата трговска заднина) – Клинички центар – Универзитетски комплекс „Св. Кирил и Методиј“. Јасна подлога за доктринарна доминација на приватните автомобили и најобемни патувања во правец на строгиот градски центар.

Појавата на овој урбанистички типикон требаше самата по себе да претставува аларм за „систематски преглед“ на критичните точки на непосредната транспортна инфраструктура. Вгнездена во „цветната ложа“ од бул. „Јане Сандански“, бул. „Кузман Јосифовски – Питу“ и ул. „Фрањо Клуз“, резултантната плима од утрински патници, во контекст на сето претходно наведено, би се потпирала на два крстоснички „вентили“: крстосница бул. „Јане Сандански“ – бул. „Кузман Јосифовски – Питу“ – ул. „Фрањо Клуз“ и крстосница ул. „3-та Македонска бригада“ – ул. „Фрањо Клуз“. Притоа, три од горепосочените гравитациски центри се достапни првенствено преку првонаведениот „вентил“! А возачката психологија е една те иста, секаде во светот, најкусиот пат е секогаш и најбрзиот пат! Под претпоставка дека само 60 % од вкупниот број на возила во утринскиот врвен час ќе се отиснат кон работните места на своите сопственици, на излезните пунктови на локалитетот се добива маса од 3.600 возила. Таа маса, поделена во груб сооднос 70 % – 30 % на крстосницата бул. „Јане Сандански“ – бул. „Кузман Јосифовски – Питу“ – ул. „Фрањо Клуз“ ќе „дотера“ 2.520 лимени статусни симболи, или колона од возила долга 15,1 километри! „И што сега…?“

4H5A9616_resize

Насладувајќи се на сопствената важност, еден сообраќаен инженер може да замолчи и да ужива во постигнатиот ефект. Поискрениот ќе признае дека оваа плима од возила ниту ќе се појави во ист момент на приодите на крстосницата ниту пак ќе заземе иста насока. Најискрениот ќе опомене дека е рано да се здивне. Онаа мистерија од врвен час одржува тесни врски со професионалниот ангажман на утринските патници. Сместете го мнозинството од нив по административните храмови и тој час почнува да губи на должина временски збивајќи го истото количество од возила. Развлечете го тој „час“ на 90 минути и на секои пет крстосницата во просек ќе треба да пропушти 140 возила. Скусете го на 45 и семафорскиот план ќе „зоврие“ од просечните петминутни „порции“ од 280 возила. Доделете му на секое возило ниту теоретски возможни три секунди за поминување на крстосницата, 280-тото ќе ја помине за 14 континуирано „зелени“ минути; 2.520-тото тоа ќе го направи за 2,1 часа! И сето ова од еден крстоснички приод. А секоја крстосница има и други приоди, со свои транзитни оптоварувања. И некој друг тек кој вообичаено е доминантен и кој диктира и бара подредување.

Некои, претежно, вонинженерски подметнувања дека сообраќајот е кочничар на просторниот развој, од кој и самиот животно е зависен, се недостојни интенции за еродирање на почитта, што ѝ ја должиме на целината на просторот во кој егзистираме. Доколку е ставен во функција на тоа, ресетирањето на кој и да било локален концепт е и повеќе од пожелно!

Целиот текст е објавен во бројот од октомври 2015 година

Еден коментар

  1. Анонимен

    Секоја чест за сообраќајниот инзинер,браво.Само да не е кабает за анализата.Сигурно ќе го побијат слаткари,кондураџии,бербери,правници и слично кои повеќе разбираат.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top