Насловна / Арт и дизајн / Новиот „Витни“ е синтеза на најзначајните музеи во Њујорк

Новиот „Витни“ е синтеза на најзначајните музеи во Њујорк

Можност и слобода. Овие големи и никогаш докрај остварливи соништа, на материјално ниво, имаат свое место на постоење – Менхетен, урбаната џунгла и срцето на Њујорк. Место на бескрајни копнежи и желби, совршени парадокси, агресивни контрасти, милиони човечки судбини, многу солзи и срушени идеали. Менхетен – една фантастична архитектонска и визуелна утопија, секогаш современа во својата материјализација и секогаш непредвидлива, една неограничена конзумеристичка илузија, олицетворение на моќ и вековен симбол на доминација во светот.vitni-muzej-nov_33

Денес, по терористичките напади на 11 септември во 2001 година, по економската криза во изминатата деценија, Њујорк доживува неверојатна урбана експанзија на градот, при што главен акцент се става на целосно поврзување на градското ткиво преку редефинирање, регенерирање и ревитализација на стари и социјално замрени инфраструктури и нивно активно и беспрекорно функционирање од аспект на социо-културното живеење, пред сè, заради зачувување на здравата животна средина. Ваквиот урбанистички пристап и планиран развој на градското ткиво константно привлекува сè повеќе и повеќе архитекти, и генерира уште толку и повеќе идеи.vitni-muzej-nov_32

High Line

Така, во процесот на регенерирање на Њујорк, за цело време во последните години актуелен е западниот дел од Менхетн покрај реката Hudson, регион богат со флора и фауна. Во таа насока, неприкосновен репрезент во ревитализацијата на овој мегалополис е, секако, High Line. Линиска структура, подигната од нивото на теренот, која своевремено била важна железница која го хранела градот, односно опслужувала 22 блока од градот, разнесувајќи храна и патници, а денес претставува незаменлива општествено-социјална конструкција во градот. Ова шеталиште започнува од новоизградената станица Hudson Yards, и освен тоа што ја презеде популарноста на Central Park, на сите урбанисти во светот им постави домашна задача за тоа, како не е нужно да се дислоцираат старите пруги за да се симне градот до реката, туку е доволно на нив да се засадат дрвја, да се постават клупи и останати урбанистичко-уметнички елементи и реквизити кои овозможуваат вистинска и атрактивна линиска структура, која секојдневно привлекува илјадници луѓе од целиот свет.vitni-muzej-nov_02

High Line

На тој начин, опстојувањето на оваа некогашна железничка инфраструктура било прифатливо единствено преку нејзино функционално и програмско редефинирање. High line претставува реализирано совршенство во ова време кога пропагандите за зачувување на здрава животна средина имаат доминантен карактер.

Тогашниот градоначалник на Њујорк, Rudolph Giuliani, кој во најголема мера е заслужен за денешниот изглед на градот, под мотото „овој град е создаден да изненадува, во него сè е дозволено“, пред колективот ја претставил својата радикална идеја за повторна интеграција на железницата како поинаква инфраструктура во матрицата на градот. Откако проектот бил широко прифатен и идентификуван од граѓаните како голем социолошки потенцијал, неговата реализацијата била доверена на холандскиот пејзажен архитект Piet Ouldoff, во соработка со локалните градежни фирми Diller Scofidio и Renfro. Обновата на старата инфраструктура игра значајна улога во град кој бележи дефицит на зеленило, така што оваа консолидација игра важна улога во регенерацијата на градското ткиво.

Уникатната конзерваторска интервенција се протега низ 22 блока, и е лесно достапна за сите граѓани. Пешачка зона богата со дрвја, ниско зеленило и урбан мебел лебди над градот, создавајќи идеална контратежа на активниот и хаотичен животен ритам на Менхетн. Во концептот на оваа зелена линија лежи идејата за превласт на природата врз градот и материјалното во него. Преку комбинација од органски и вештачки материјали се остварува нужната култивација на оваа структура, така што во својата програма таа нуди варијации на зелени катчиња, едни диви, други погодни за одгледување хранливи продукти, трети ангажирани со урбана опрема, итн. Патеката за кратко време со својата атрактивна содржина успеа да привлече толкаво внимание, што многу познати личности, како што се Edward Norton, Glenn Close, Kevin Bacon, David Bowie и Diane von Furstenberg, во нејзина непосредна близина инвестираа во приватни недвижнини.

vitni-muzej-nov_31

Музејот е основан во 1931 година од страна на Gertrude Vanderbilt Whitney (1875–1942) во Greenwich Vilage, Њујорк

Кога за првпат ќе прошетате по оваа површина, имате чувство како да сте дел од надреална сцена. Додека долу на улицата, во градот, сè е бучно, фреквентно, незапирливо, на само неколку метри над тој хаос владее неверојатен мир, каде што се дише со полн здив. Затоа животот на Менхетн се искачи едно скалило погоре од аспект на хуманите услови за живеење. High line нуди живописни пејзажи низ транспарентните екрани поставени на работ – вам ви се чини дека сте во театар, но она што се прикажува на тие екрани е реалноста од улиците на Њујорк. Покрај оваа рефлектирачка површина може да легнете и да уживате во погледот на реката Hudson и во една неприкосновена слободностоечка стуктура – импозантниот новоизграден објект Whitney Museum of American Art, дело на славниот италијански архитект Renzo Piano.

Whitney Museum of American Art

Новиот музеј на американската модерна ликовна уметност Whitney, заедно со High Line, во вистинска смисла на зборот ја заокружуваат ревитализацијата на некогаш социјално замрениот Chelseа. Денес, оваа област на приватни галерии, модни збиднувања и „фуд маркети“, претставува живот достоен на човекот.

Во секој случај, архитектот Renzo Piano (Renzo Piano Building Workshop, во соработка со архитектонската фирма Cooper Robertson), имал тешка задача да биде еднакво добар како неговиот познат претходник Marcel Breuer (1902 -1981), автор (во соработка со архитект Hamilton Smith) на „стариот“ Whitney Museum of American Art на Менхетен, лоциран на Madison Avenue и 75th Street. На оваа локација, „Витни“ функционираше од 1966 до 2014 година.

Инаку, историјата на музејот носи важно наследство. Музејот е основан во 1931 година од страна на Gertrude Vanderbilt Whitney (1875–1942) во Greenwich Vilage. Подоцна, во 1966 година, музејот се преселил во зградата на Madison Avenue, која ја дизајнирал Marcel Breuer. Вo Њујорк велат, ако The Metropolitan Museum of Art е најголем, The Museum of Modern Art (MoMA) е најпопуларен, The Guggenheim Museum е најубав, тогаш Whitney Museum of American Art е нивна синтеза.

vitni-muzej-nov_34

Во 1966 година, музејот се преселил во зградата на Madison Avenue, која ја дизајнирал Marcel Breuer

Објектот на стариот „Витни“ останува да функционира како The Met Breuer за модерна и современа уметност во рамките на The Metropolitan Museum of Art. Оваа зграда сама по себе претставува уметничко дело на Marcel Breuer, инаку ученик на Walter Gropius. Основните материјали се бетон, гранит, плочи од син камен, употребено е дрво за гелендери, а бронзата е користена за кваки, рачки и врати.

vitni-muzej-nov_30

Новиот Whitney Museum of American Art

Новиот музеј „Витни“ за посетителите е отворен на 1 мај минатата година во срцето на Менхетен – Meatpacking District. Објектот е осумкатаница со севкупен простор за изложување од 5800 метри квадратни, од коишто 4600 метри квадратни заземаат внатрешните галерии, a 1200 метри квадратни се оставени за изложувачки простор на отворено со тераси кои имаат поглед на High Line.

Jpeg Jpeg

Центарот за едукација овозможува state-of-the-art работилници, два театри и многу други поволности за посетителите, вклучувајќи и сала од 6000 метри квадратни, ресторан, кафуле, локали за изнајмување и канцеларии. Сето ова придонесува за креирање на ново културно значење на „Големото јаболко“.

Светски познатата архитектонска и градежна компанија Permasteelisa Group заедно со својата компанија-сестра American subsidiary Permasteelisa North America, учествувале во изградбата на новиот музеј посветен на американската современа и модерна уметност.Jpeg Jpeg

Музејот е отворен со изложбата America is Hard to See. Во овој период, актуелни изложби во музејот се Carmen Herrera: Lines of Sight; Human Interest: Portraits from the Whitney’s Collection; Sophia Al-Maria: Black Friday; Torbjørn Rødland: Blue Portrait (Nokia N82); Sibyl Kempson: 12 Shouts to the Ten Forgotten Heavens…

Фасада

Кога се движите низ музејот, се чувствува дека се работи за многу амбициозен проект, не само заради своето значење и димензии, но и заради специфичниот облик на структурата. Зградата, долга 87 метри, широка 38 метри и висока 53 метри, има мошне комплексна форма која барала константна употреба на 3Д моделирање, затоа што фасадите се наведнати под различни агли навнатре и нанадвор. Изведувачите морале да решат доста потешкотии и предизвици, најмногу заради фасадата што била од различни типови, димензии и облици на панели кои се специјално дизајнирани, произведени и инсталирани на објектот.Jpeg

Главната фасада, од 6500 метри квадратни, се состои од алуминиумски единици (метар на метар широки и долги) прекриени со 8 мм дебели и екстра долги лимени панели, со тежина до 2,5 тони и со должина до 21 метри, кои одат и преку повеќе катови. Инаку, овие огромни панели од пристаништето во Њујорк биле транспортирани до локацијата, а биле поставени со специјално дизајнирана машина за овој проект – Suction Lifter. Објектот остава сив и монолитен впечаток, кој фантастично се вклопува во овој дел на Менхетен.Jpeg

На северните и јужните лифтови од објектот изработени се глазирани фасади, инсталирани на начин да обезбедуваат минување на природна светлина внатре во објектот – Stick системот на фасадата се состои од дупло глазирано стакло комбинирано со Sun shading системот.

Ѕидовите на предворјето, коешто е со површина од 600 метри квадратни, се испреплетени со кабли кои придонесуваат за потполна транспарентност на главниот влез во музејот. Oвој потфат е направен со цел музејот да се претстави како еден отворен и достапен простор, и на тој начин да комуницира со посетителите.Jpeg Jpeg Jpeg

Влегувањето во галериските простори на катовите е комплетно транспарентно од било кој пристап од аспект на надворешните скали и пространите тераси. На моменти, бидејќи и терасите се користат за изложбени поставки, односно за скулптури и амбиентални инсталации, кај посетителите исчезнува просторниот однос внатре – надвор. Jpeg vitni-muzej-nov_40 WSJ_gfx_template_x15.1.3 vitni-muzej-nov vitni-muzej-nov_35 vitni-muzej-nov_38 vitni-muzej-nov_37 vitni-muzej-nov_36

Новиот музеј „Витни“ е позициониран меѓу реката Hadson и High Line со оригинални урбани паркови, кои му даваат посебност во таквото опкружување. На последниот кат се наоѓа кафетерија исполнета со природна осветленост поради челичниот и стаклен светларник на кровот.

Испрати коментар

Scroll To Top