Насловна / Архитектура / Норман Фостер – футурист во просторот и времето (1 дел)

Норман Фостер – футурист во просторот и времето (1 дел)

Еден од најпознатите современи архитекти во светот денес, човекот кој создава објекти симболи низ целиот свет, е Норман Фостер (Lord Norman Foster of Thames Bank).

Големите градовите на Европа, Америка, Азија… се гордеат со неговите објекти. Тие стануваат дел од нив. Ги формираат нивните панорами. Го нарекуваат „херој на хаи-тек“. Револуционер и иноватор, футурист, мајстор кој го изведува скоро невозможното. Создава префинета, ултра современа архитектура од челик и стакло, со врвна технологија, современи материјали и принципи за одржлива архитектура, урбанизам и дизајн.

Giraglia Rolex Cup 2014

ПРОФЕСИОНАЛЕН ПАТ

Норман Фостер е роден на 1 јуни 1935 година во Манчестер, Англија. Од 1953-1955 година бил пилот во Кралската воено воздухопловна војска. Дипломирал на Универзитетот за градежништво и архитектура (1956 –1961) во Англија. Магистрирал на Универзитетот Јеил во Конектикат, САД (1961-1962), каде се запознал со англискиот архитект Ричард Роџерс. Во 1963 година во Лондон, со  Роџерс и нивните сопруги, формираат заедничко биро „Тим 4“(1963-1967). Потоа се раздвојуваат и секој продолжува со посебно студио по својот пат. Денес двајцата се во самиот врв на англиската и светската архитектура.

Во 1967 година создал сопствена фирма „Асоцијација Фостер“ која подоцна прераснува во „Фостер + Партнери“.

Во истата година почнува да соработува со американскиот архитект, инженер, иноватор, футурист, Ричард Бакминстер Фулер (Richard Buckminter Fuller, 1895-1983), кој го привлече вниманието на футуристичките архитекти од целиот свет, посебно на тогаш младиот Норман Фостер, со стаклената купола – Биосфера (американски павилјон на Светската изложба Експо 67, одржана во Монтреал во 1967 година). Фулер се прослави во архитектурата со создавање на ноу-хау, лесни куполи со кои покрива големи градски простори. Неговото космичко и холоистичко разбирање на универзумот и нашето место во него, го водело кон проучување и користење на современата технологијата за подобрување на животот на човештвото. Творечката соработка со Фулер, како консултант на неговото многу успешно биро во Лондон, траела се до смртта на Фулер во 1983 година.

„Фостер + Партнери“ денес е едно од најуспешните архитектонски глобални студија во светот. Во проектите  користи просторни конструкции, големи површини од стакло и метал, повеќефункционалност на слободните простори и префинети детали. Посебно внимание посветува на екологијата и новостите во областа на енергоснабдувањето. Идеите ги реализира преку многу смели инженерски решенија, со максимално исполнување на објектите со природното светло и воздух.

Фостер ги поттикнува иновациите и соработката низ целиот свет. Обезбедува динамични работни места во девет глобални студија низ светот (Лондон, Абу Даби, Пекинг, Купертино, Дубаи, Хонгконг, Мадрид, Њујорк, Сан Франциско и Шангај), кои работат како едно студио, кое е етно и културно разновидно. Работи на проекти со блокбастер буџети во широк спектар на нации, со повеќе од илјада вработени.

СОЗДАДЕНИ ДЕЛА НИЗ СВЕТОТ

Компанијата работи извонредно во областа на урбанизмот, јавната инфраструктура, аеродроми, станбени објекти, деловни, објекти од областа на културата, приватни куќи, дизајн на производи… Опусот на нивната работа е огромен.

Во многу случаи во текот на изминатите децении студиото „Фостер+Партнери“ се покажаа како една од најиновативните практики во Светот.

Да се опфати се во еден ваков текст е невозможно. Ќе се осврнам на неговото огромно дело преку неколку од неговите извонредни објекти.

– 70 те години на 20 век. Почетоци…

1. 1971 -1975, Willis Faber and Dumas Headquarters, Ipswich, United Kingdom

Прва зелена зграда на Фостер, која дури и според денешните стандарди е пример на еколошки информиран, почитуван дизајн. Се појави многу пред другите вакви објекти. Тоа е зграда на три ката со која тој ги потиснува принципите на модернизмот, ги исполнува просторните барања и е во согласност со околината. Додека Гугл и другите од Силиконската долина сега се залагаат за корпоративна култура која ги меша работата и забавата, Фостер во овој објект промовираше друштвени деловни простории многу порано, пред ова да стане актуелно и модерно.

1. The Willis Faber and Dumas Headquarters, Ipswich, UK.jpg (1974-1978)

2. 1974-1978, Sainsbury Centre for visual Arts

Центарот Sainsbury е многу повеќе од конвенционална галерија, каде акцентот се става на уметност во изолација. Наместо тоа тој интегрира голем број на сродни активности во еден простор, исполнет со светлина.

Зградата донесе нова префинетост во неговиот ран период на истражување на лесни и флексибилни структури. Објектот вклучува рецепција, галерии, факултет за ликовна уметност, заеднички простор и ресторан. Структурните и услужните елементи се содржани во двослојните ѕидови и покривот. Прозорците по цела висина, поставени на краевите на објектот, го отвораат просторот кон околниот пејзаж. Површината на објектот е 6.186 квадратни метри.

2. 1974-1978, Sainsbury Cenre for Visual Arts (1974-1978)

Објектот има добиено повеќе награди (Royal Institute of British Arrchitects, Award

Museum of the Year Award, 6 th International Prize for Architecture, Brussels…)

–  Средина на 80-те… работа во Хонгконг… светско внимание…

3. 1979-1986, Hong Kong & Shanghai Bank, Hong Kong

Објектот е создаден во период кој беше чувствителен за Хонгконг, како поранешна колонија на Англија. Создавањето на седиште на Шангајската банка како „најдобра банка во светот“ во Хонгконг, беше знак на доверба. Очите на јавноста беа свртени кон неа.

3. Hong Kong & Shanghai Bank Headquarters, (1979-1986), Hong Kong, China

Обликот на зградата е од три индивидуални кули од дваесет и девет, триесет и шест и четириесет и четири ката. Огледалниот „сончев покрив“ го рефлектира сончевото светло низ атриумот до јавениот плоштад долу. Применет е висок степен на префабрикација, вклучувајќи и фабрички завршени модули. Сервисните јадра се на периметарот. Флексибилноста на Банката е со висок приоритет. Објектот го привлече вниманието и доби многу награди.

3a. Hong Kong & Shanghai Bank Headquarters,(1979-1986), Hong Kong, China

– 90 те Европа, Азија… едни од најамбициозните проекти на модерната епоха… светско внимание и признание…

4. 1991-1997, Commerzbank, Frankfurt, Germany

Комерцбанката е прв еколошки деловен објект во светот. Во моментот на нејзиното завршување беше највисока зграда во Европа, со висина од 298 метри и површина од 120.736 квадратни метри. Проектот развива нови идеи и шеми за екологија и работа. Централно место на концептот е потпирањето на природни системи за осветлување и вентилација. Резултатот е намалување на нивото на потрошувачката на енергија на половина, во однос на конвенционалните деловни кули.

4a. Commerzbank, Frankfurt, Germany, (1991-1997)

Планот на зградата е триаголен, со централен атриум со градина, по целата висина. Еколошки градината донесува свеж воздух и светлина, кој делува како природен вентилационен оџак за внатрешните канцеларии.

Објектот доби повеќе награди меѓу кои награда на градот Франкфурт за Зелен објект, награда RIBA…

4b. Commerzbank, Frankfurt, Germany.jpg plan. (1991-1997) jpg

Интересно е дека на денот на отворањето на Комерцбанката, Фајненшел тајмс, го прифати објектот како симбол на градот Франкфурт, како што се Парламентот во Лондон или Ајфеловата кула во Париз.

5. 1992-1998, Hong Kong International Airport, China

5a. 1992-1998, Hong Kong International Airport, China (1992-1998)

Аеродромот Чек Лап Кок е еден од најамбициозните градежни проекти на модерната епоха. Островот на кој е изграден, беше планински терен со врв од 100 метра, кој сега е израмнет до седум метри надморска височина. Островот е проширен,  неговата оригинална величина е зголемена за четири пати. Како мал град за себе, со површина од 516.000 квадратни метри, се очекува до 2040 година, да биде домаќин на 80 милиони патници годишно. И покрај огромната големина, објектот е достапен и разбирлив, како аеродром проектиран на еден кат, наместо двојниот пристап кој е вообичаен на повеќе типични аеродроми. Неговиот конструктивен системи, ставањето на услугите за багаж и транспортните врски под нивото, овозможува создавање на кров кој е провиден и терминал кој поголемиот дел од денот е природно осветлен. Објектот освои безброј награди…

5b. Hong Kong International Airport, China.jpg, (1992-1998) enterier

– Кај на 20-от век… историски објекти, соочување на класицизмот, архитектурата и урбанизмот со компјутерски генериран дизајн на просторот… Притцкерова награда 1999 година…

6. 1999, Reichstag, New German Parliament, Berlin, Germany

Со обединувањето на Германија, и префрлувањето на престолнината во Берлин,  решено е да се обнови историскиот објект на Раисхтагот. Победник на меѓународниот конкурс беше архитектот Норман Фостер. Трансформацијата на Раисхагот е базирана на четири поврзани прашања: значењето на Бундестагот како демократски форум, разбирањето на историјата, посветеност на пристапноста на објектот и на екологијата.

6. Reichstag, New German Parliament, Berlin, Germany, 1999

На врвот на Раисхтагот е поставена современата стаклена купола, со цел да го симболизира обединувањето на Германија. Куполата е блескава структура од метал и стакло, со рампа која води до терасата на покривот со поглед од 360 степени кон центарот на Берлин. Огледален конус поставен во центарот на куполата ја усмерува сончевата светлина во објектот. Ноќе овој процес е обратен. Куполата станува светилник на небото, сигнализирајќи ја енергичноста на германскиот демократски процес. Објектот е отворен за јавноста. Тој асоцира дека народот е повисок од власта.

Зградата е модел на одржливост, со согорување на био – гориво за производство на електрична енергија, систем далеку почист од согорување на фосилни горива (ја намалува емисијата на јаглерод диоксид за 94 отсто). Вишокот на топлина се чува длабоко под земјата и може да се користи за греење на зградата или добивање на ладна вода. Значајно е дека енергетските потреби на зградата се скромни, се произведува повеќе енергија отколку што се троши и има улога на мини централа во новата влада.

6b. Reichstag, New German Parliament, Berlin. 1999, enterier jpg

Во дизајнот на објектот задржани се остатоци од историското минато, вклучувајќи и графити испишани од војниците на Црвената армија во 1945 година.

Во почетокот куполата предизвикала контрадикторни реакции, но била признаена како една од најважните знаменитости.

Фостер ја доби наградат Притцкер во 1999 година за својата работа на оваа зграда, која стана симбол на Берлин и една од главните туристички дестинации во градот.

 7. 1994-2000, Great Court at the British Museum, London, UK

Ова е еден од објектите кој ја дефинира кариерата на Норман Фостер. Проект на соочување на класицизмот, архитектурата и урбанизмот со компјутерски генериран дизајн на просторот.

7. Great Court at the British Museum, London, 1994-2000

Реновирањето на дворот во центарот на Британскиот музеј, со површината е 19 илјади квадратни метри, е многу успешно реализирано. Со почитување на постојните објекти, поставен е нов застаклен кров, направен со најсовремена технологија и економичност на формата.

7a. Great Court at the British Museum, London, 1994-2000

“Новиот двор на Британскиот музеј е неверојатно убав. Благодарение на кровот од стакло и челик, се почитува класичната архитектура на оригиналната зграда и се   обезбедува нежен контрапункт на неа“, изјави Американскиот магазин The New Yorker. Британскиот музеј со над шест милиони посетители годишно, е еден од најпопуларните објекти во светот, како Лувр во Париз или Музејот на уметноста Метрополитен во Њујорк.

Автор: Љупка ДУКОВСКА, дипл. инж. арх

Испрати коментар

Scroll To Top