Насловна / Арт и дизајн / Необичен и смел мебел коj прави револуција во внатрешното уредување

Необичен и смел мебел коj прави револуција во внатрешното уредување

Добро познато е дека изборот на удобно седење во домот игра голема улога во квалитетот на живот, но и во естетскиот дел и целокупниот дизајн. Вистинскиот избор на комбинирање може да претставува главен акцентен момент во еден ентериер, да создава контраст, да го смирува, но и да разигрува.
Ви претставуваме неколку смели парчиња мебел, креирани денес, но и пред педесетина години, кои се присутни сè почесто и почесто, рушејќи ги сите  табуа и стандарди за она што треба да го претставува модерното и луксузното за да изгледа добро.

Moustache Bold стол – Студио Big Game,  година: 2004

Столот Болд од истоимената колекција, e дизајниран од страна на студиото BIG-GAME вo 2004 година. BIG-GAME е дизајнерско студио со седиште во Швајцарија, основано во 2004 година од група дизајнери Augustin Scott de Martinville, Elric Petit and Grégoire Jeanmonod.

Најголемата инспирација за боите и формите при создавањето на вакво автентично и уникатно парче мебел е црпена од класиците на Баухаус школата во текот на XX век.

Посетувајќи саеми и складишта, тимот се фасцинира од идејата за леснотија и континуирана линија, која е преплетена во тродимензионален објект, па така при посета на белгиската компанија за тапацир Drisag, се родила идеја да експериментираат со полиуретанска пена, опшивајќи директно метална цевка со цел да се создаде стол кој е визуелно составен само од линии. По големо пребарување и тестирање, текстилот избран за покривање на пената го произведува фабрика за чорапи.

chaise-bold_resize

Размислувајќи за оригиналната цевка која е направена подебела од пената,  столот го добива името BOLD, што значи нешто задебелено и истакнато. Од истата серија, достапни се и клупа, табуретка и фотелја кај кои јасно е воочлива истата задебелена линиска геометрија и текстил во разни колорити.

Во 2009 година, Стефан Ариуберг и Масимилијано Јорио ја создаваат компанијата Мустачи за производство на мебел. Столот BOLD е првиот објект во нивниот каталог, следен неколку години подоцна кај истоимената клупа.

media_press__17062016164919-1024x1536_resize

Roly Poly стол – Faye Toogood, година: 2018

Името Faye Toogood е клучна фигура во она што денес се нарекува современа уметност. Таа е уметница која живее и работи во Лондон, Велика Британија, а нејзиното творештво опфаќа богат дијапазон на дизајнерски и уникатни дела, во кои се вбројуваат мебел, облека, цртежи, скулптури, како и проекти за внатрешно уредување. Позната е по својот личен печат на работа со неутрални бои и природни материјали.

Еден од нејзините најистакнати и најпродавани дела дефинитивно претставува „откачениот“ стол Roly Poly, кој е дел од колекцијата „Assemblage“. Во оваа серија на предмети за мебел, главниот фокус на дизајнерката е околу едноставни, масивни форми инспирирани од тоа што се нарекува аутсајдерска уметност и примитивизам. Облините на фотелјата Roly Poly имаат смирен континуитет, што потсетува и асоцира на наивен, речиси детски дизајн. Според дизајнерката, заоблените и меки форми се контраст на секојдневните строги, линеарни средини.

roly-poly-armchair-flesh_resize

Фотелјата има јасен монолитен дизајн кој е составен од седечки дел во форма на чинија и четири цилиндрични ногари кои се изработени од кружно обликуван полиетилен, а ниското седиште е збогатено со меки обложени перничиња кои се вгнездуваат во заоблениот седечки дел овозможувајќи удобно седење. Ваквиот дизајн е достапен и како софа варијанти во широк спектар на бои за да се надополни секаков вид внатрешна или надворешна декорација.

Затоа, всушност оваа фотелја толку често зема замав при уредувањето на просторите денес.

H868e55263ec3481a903796db5111c4f6H_resize

„Оваа креација едноставно зрачи со позитивна енергија на начинот на кој се спојува со сензуалноста на биоморфните форми“ – изјавува во еден наврат Faye Toogood за својот дизајн;
„Мојот личен пристап не ги зема предвид конвенциите за подобро спроведување смели, радосни и спонтани достигнувања. Моето студио е познато по производството на многу концептуални дела, полни со енергија и различност. Всушност, мислам особено дека има допир на човечност и емоции зад сè што правиме“.

Уметницата со овој дизајн дебитирала на Milan’s Salone de Mobile во 2018, каде добива голем број на позитивни критики.

Фотелја Le Club – Jean-Marie Massaud, година 21021

Светски реномираниот француски архитект и дизајнер Jean-Marie Massaud во 2021 година ја дизајнира фотелјата Le Club за италијанскиот бренд Poliform.

Брендот Poliform е создаден на иницијатива на роднинитеAlberto Spinelli, Aldo Spinelli and Giovanni Anzani, чија цел е да ја трансформираат семејната занаетчиска компанија основана во 1942 година во една современа и модерна индустрија. Новото име, Poliform, го означува мостот со минатото, сугерирајќи флексибилност, едноставност, елеганција и отвореност кон иднината. Па така, од 1970 година до денес, Poliform е една од најзначајните индустриски компании во светот на меѓународен мебел за квалитет на дизајн, извонредност на проекти и иновации.

мас

Инспириран од грандиозните и големи фотелји на елитните клубови (gentlemen’s club) од минатиот век, Le Club реинтерпретира еден од архетиповите на дизајнот со современ пристап. Прецизното прилепување на челичната рамка и обликуваното, воедно и флексибилно полиуретанско седиште обликуваат јасна линија и единство што е сведоштво за маестрална и висококвалитетна изработка.‎ На овој начин, квалитетот на изработката и удобноста на фотелјата се секогаш на прво место. Оригиналната верзија е често присутна во уредувањето на домовите, па наоѓа примена и во комерцијалните содржини, а поради високата цена и врвниот квалитет, несомнено секогаш додава луксузен акцент во просторот.

e83938af4ad0fdc7e393dd3983a392ce_resize

Up фотелја – Gaetano Pesce , година: 1969

Фотелјата Up Chair е револуционерен и предвременски дизајнерски пронајдок на италијанскиот архитект Gaetano Pesce од далечната 1969 година.

Идејата за оваа фотелја авторот ја добива под туш. „Го имав сунѓерот во рака“, изјавува тој. „Кога го притиснав сунѓерот, тој се смали, а кога го пуштив, се врати на првобитниот волумен.“

Оваа визуелна слика всушност го инспирира да создаде парче мебел изработен од полиурета, чиишто верзии се изложени во музеи за дизајн низ светот, вклучувајќи го и MoMA во Њујорк.

B und B Italia Serie 2000 Sessel UP5 und UP6 gestreift 4_1920x1920_resize

Оригиналниот Up chair, е произведен за прв пат од компанијата C&B Italia (денешниот познат бренд  B&B Italia). Направен е од полиуретан, се испорачува во компресиран вакуум кој со помош на гас фреон трајно ја добива посакуваната меуреста и масивна форма.

Истата година во склоп на фотелјата се произведува и отоман додаток во кружна форма изработен исто така од полиуретан, кој бил револуционерен за тоа време. Сепак, материјалната иновативност не е она што го одбележува овој дизајн, туку неговата форма. Оваа форма има метафоричко значење на голема и удобна утроба, а и потсетува на антички статуи на божици на плодноста. Сликата на удобност е комбинирана со пофигуративна слика на жена со топка и синџир на ногата, која одговара на сферичниот отомански додаток врзан за столот.

Па на тоа авторот се надоврзува: „Во тоа време раскажував лична приказна за мојот концепт за жените: Верувам дека жените отсекогаш биле неволни заробеници на самите себе. Затоа решив на оваа фотелја да ѝ дадам облик на жена со топка и синџир, традиционална слика на затвореничка“.

original_resize

Првата промотивна кампања од 1969 година

Но, низ својата историја оваа фотелја претрпува и некои контроверзни моменти, како на пример прекинувањето во 1973 година кога гасот фреон – кој се користи за надување на столот – бил забранет поради неговиот негативен ефект врз озонот. Но, по околу четвртина век, B&B Italia го реиздава  во 2000 година, со нова полиуретанска конструкција во ладна форма која целосно се одржува поради густината на нејзината пена.

Првичната идеја околу колоритот е со пруги (црвени и црно-бели) или еднобојна, но втората генерација воведе осум бои за покривање, вклучувајќи сребрена боја. А во 2019 по повод 50-тиот роденден на фотелјата, B&B Italia ја отвори својата гардероба до портокалово-црвена, темносина, бензин и смарагд зелена, кардамон и специјално издание беж/зелени шарени бои што се повикуваат на оригиналната боја палета од 1969 година.

est-living-chelsea-hing-emerald-terrace-1_resize

Во 2019 година, за да се одбележи јубилејно половина век од создавањето на овој дизајн, B&B Italia постави  фотелја со висина од 26 метри на плоштадот Дуомо во Милано, како дел од Salone del Mobile за време на Design Week во Милано. Насловен како Suffering Majesty, столот е прободен со стотици стрели и опкружен со шест мрачни животински глави од полистирен. Ваквото претставување е наменето како изјава за насилството врз жените. „Денес, по 50 години, постоењето на жените е сè уште загрозено, иако за среќа има сè повеќе гласови кои се издигнуваат во името на нивна одбрана“, изјавува Pesce. „Инсталацијата на Пјаца дел Дуомо за време на дизајнерската недела има за цел да ја прослави италијанската креативност, но и да ја врати оваа болна порака до совеста на илјадници посетители од целиот свет.“

maesta-soffrente-gaetano-pesce-design_dezeen_2364_col_0-852x612_resize

Pacha фотелја – Pierre Paulin, година: 1975

Изминативе неколку години фотелјата Pacha креирана од францускиот дизајнер на мебел Pierre Paulin, е доста активна во трендовите на внатрешното уредување. Со својата невообичаена и монолитна форма храбро се истакнува во просторот, давајќи модерен, но истовремено и комфорен изглед.

fauteuil-pacha-pierre-paulin-plusieurs-finitions-et-options-disponibles-gubi_resize

Визијата на дизајнерот Пјер Паулин била да создаде чувство на „седење на облаци“. Со сигурност пред своето време во 1975 година, колекцијата Pacha конечно се истакнува денес. Заоблена, мека и ниска, Pacha Lounge Chair, благодарение на опсесијата на Paulin за ергономска прецизност и изработка, е креација која опфаќа и екстремна удобност и разновидност без напор. Постаментот може да биде фиксиран или ротирачки, во црно или во бисерно злато, како и огромен број приспособливи опции за тапацир.

Автор: Ангела СТЕФАНОВСКА, дипл. инж. арх.

Scatto2_DivanoBianco_Gubi_Dolomia_0+6-post_resize

naughty-linen-gubi-pacha-chair-boucle-05_resize

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top