Насловна / Градежништво / Нејзиното височество – плута

Нејзиното височество – плута

Плутата несомнено е дар од природата на човекот. Широкиот дијапазон на области во коишто плутата е навлезена, како што се модата (апликации на модни детали, дамски чевли, накит, чанти, гардероба), дизајнот и внатрешната архитектура (ѕидни и подни облоги, светилки, разни украсни предмети), здравјето (деривати од дрвото плута даб како суровина во фармацевтската индустрија), производството на вино (незаменливи затворачи на шишиња – тапи), производството на енергија, авионската и авто индустријата итн.

Имајќи го предвид сето ова, плутата како производ добиен од дрвото плута даб (видете ги претходните две продолженија), ја чини уникатна како неисцрплив природен ресурс, голем пријател на човекот во зачувување на животната средина, пред сè поради енормно количество апсорпција на COво текот на животниот век на дрвото, но исто така, и во заштеда на енергија кога производите од плута се употребуваат како изолациски материјали во градежните објекти.

Не постои градежна конструкција во која плутата не може да се употреби како мерка за топлинска, звучна и антивибрациска изолација. Широката палета на полупроизводи или финални производи од плута, како самостоен материјал или употребен во комбинација со други материјали, ја најавува плутата како материјал на иднината.

Изолациски материјал на иднината

Глобалните климатски промени, несомнено причинети од енормната емисија на т.н. стакленички гасови, го запали „црвеното светло“ во светот и во Европа. Земјите од Европската Унија, меѓу другото, реагираа со усвојување на познатата Енергетска тријада (Trias energetica), што всушност е концепт за заштеда на енергија, заштита на животна срединаи намалена зависност од необновливи извори на енергија. Овој концепт е симболизиран со три бројки 20:20:20, коишто значат: обврска на земјите членки до 2020 година за 20% да ја намалат потрошувачката на енергија, за 20% да ја намалат емисијата на COи за 20% да ја зголемат употребата на обновливи извори на енергија.

Слика 1 - Тријада
(Слика 1)

Плутата е кандидат бр. 1 за исполнување на овие критериуми. Зошто токму кандидат бр. 1? И со други изолациски материјали може да се задоволат барањата за намалена потрошувачка на енергија и намалена емисија на CO2. Но, многу важен факт, кој денес треба да се земе предвид, е односот помеѓу потрошена енергија за да се произведе единица некој изолациски материјал и количество енергија што ќе ја заштеди истата единица од тој изолациски материјал, по неговата употреба. Во овој факт лежи потенцијалот за лидерска позиција на плутата како изолациски материјал на иднината. Како последица на ова, зголемената потрошувачка на плутата како изолациски материјал автоматски повлекува и зголемување на површините со дрвото плута даб, кое ќе биде голем „уништувач“ на COво текот на животниот му век (видете ПОРТА 3, број 223, „Нејзиното височество плута -1“ -Еколошки аспекти).

Вообичаени се градежните конструкции во кои плутата се употребува како изолациски материјал. Тоа се надворешни фасадни ѕидови со изолација однадвор (КСиНТИ фасада), во средина („сендвич“ ѕид) и од внатрешна страна, со декоративни и естетски облоги, преградни ѕидови внатре во зградите за обезбедување звучна изолација помеѓу двајца корисници, потоа меѓукатни конструкции помеѓу греани простории како звучна изолација од ударен звук, покривни конструкции (рамни топли и студени покриви) и мансардни простори со закосени покриви, конструкции над негреани (подруми, гаражи) или отворени простори (еркери), подни конструкции на терен и, како особено интересна и уникатна примена во подовите, во функција на топлинска изолација, естетика и механичка отпорност против негативни влијанија од типот притисок и пенетрација, триење, абење.

Слика 2 - Декоративен под од плута(Слика 2)

Гранулат од експандирана плута

Гранули од експандирана плута се субпроизвод добиен за време на производството на плочи од експандирана плута.

Слика 3 - Гранулирана плута

(Слика 3)

Гранулите се со големина од 0-3 mm, 3-5 mm, 3-10 mm и 3-15 mm. Коефициентот на топлинска спроводливост им е l = 0,040 W/m·K. Основна примена им е во подовите како звучна изолација од ударен звук, но и за подготовка на лесен естрих, со подобрени топлинско-изолациски својства.

Слика 4 - Дрвен под врз гранули од експандирана плута(Слика 4)

Слика 5 - Дрвен под врз лесен бетон од гранули од експандирана плута(Слика 5)

Пред мешањето со цемент и песок, гранулите треба да се навлажнат со потопување во вода.

Пливачки подови

За топлинска и звучна изолација на меѓукатни конструкции во употреба се панели за пливачки подови, во трослојна комбинација со средишен слој од агломерирани влакна со средна или голема густина и со дебелина 6-7 mm, како основа од долната страна е слој од агломерирана плута со дебелина 1-3 mm и завршниот површински носечки слој од горната страна од агломерирана плута со висока густина и со дебелина 2,5-3,2 mm.

Компактна врска помеѓу трите слоја се обезбедува со лепило од двете страни на средишниот слој, и ваков „сендвич“ потоа се става под преса меѓу две метални, ладни или загреани плочи. Како финална операција, панелите може површински да се обработуваат и естетски да се дизајнираат, а рабовите по сите четири страни да се оформат за монтажа на „перо и жлеб“, или со клинаеста врска.

Слика 6 - Плочи на перо и жлеб(Слика 6)

Слика 7 - Плочи со клинеста врска(Слика 7)

Димензиите на плочите се 900 х 300 mm, а вкупната дебелина е 3,5-4,5 mm.

Декоративниот газечки слој на вакви панели од плута може да има различни текстури, тонови и бои, со што се овозможува креирање на различни амбиенти во функција на удобност – квалитет својствен на плутата.

Слика 8б - Амбиент со под од плута(Слика 8)

Надворешни фасадни ѕидови

Како изолација на надворешни фасадни ѕидови, производите од плута можат да се користат на неколку начини:

1. Топлинска изолација по систем КСиНТИ (ETICS) – Композитни системи за надворешна топлинска изолација (External Thermal Insulation Composite Systems) – со употреба на плочи од експандирана плута, при проектирањето, изведбата и функционирањето во ништо не серазликува од системите на база на експандиран (EPS) или екструдиран (XPS) полистирен (стиропор), или на база на минерална волна.

Слика 9б - КСиНТИ со плута(Слика 9)

За овие два системи постојат македонски стандарди, идентични со европските (EN) и меѓународните (ISO). Но, во рамките на Европскиот комитет за стандардизација (CEN), Техничкиот комитет 88 (TK88) и работната група 18 (WG18), во подготовка е стандард за КСиНТИ на база на експандирана плута, којшто набргу по објавувањето, во рамките на Македонскиот институт за стандардизација (ИСРМ) и неговиот соодветен Технички комитет, ќе биде усвоен како македонски стандард.

КСиНТИ (ETICS)фасада со плочи од експандирана плута поседува документ за Eвропска техничка усогласеност (European Technical Approval- ETA 12/0619).

2. Топлинска изолација со видливи плочи од експандирана плута од надворешна страна на ѕидот, позната како MD фасада.

Слика 9в - КСиНТИ со плутаСлика 10 - MD Фасада(Слика 10)

Ова е уникатен случај изолацискиот материјал, поставен директно од надворешна страна, без проблеми успешно да може да се спротивстави на сите надворешни (механички влијанија, температурни промени, ветар, влага, зрачење од сонцето итн.) и внатрешни (дифузија на влага) влијанија. Но, пред сè, атрактивниот изглед на вакви фасади е единствен и неповторлив.

Слика 11а - Португалски павиљон на Expo 2010 во Шангај(Слика 11)

Технички карактеристики на MDфасада се:
– Густина на плочи од експндирана плута: 140/160 kg/m3
– Топлинска спроводливост: 0,040/0,042 W/m·K
– Отпорност на притисок при 10% деформација: 180 kPa
– Апсорпција на вода со делумно натопување: 0,30 (kg/m2)
– Работна температура помеѓу -180ºC и +120ºC

Овие резултати се од тестирање според EN 13170

Специјалната MD фасада е развиена од страна на португалската фирма AmorimIsolamentos S.A. и се препорачува за надворешни ѕидови како видлива изолација, без каква и да било дополнителна обработка. Плочите од експандирана плута се прицврстуваат на подлогата механички (со анкери) или со водоотпорно лепило.

Прва примена на ваква фасада е на Светската изложба во Хановер 2000 година, проектирана од страна на архитектите Алваро Сиза и Едуардо Соуто де Моура, а како референца се зема португалскиот павилјон во Коимбра (Coimbra) од мај 2002 година, кој до денес е без каков било вид на функционални, технички и естетски проблеми. Од тие причини, AmorimIsolamentos S.A. преземгаранција од минимум 10 години.

3. Топлинска изолација со плочи од експандирана плута поставени помеѓу два ѕида, т.н. сендвич ѕид, коишто истовремено имаат функција и како звучна изолација.

Слика 12 - Сендвич ѕид со плута(Слика 12)

Покривни конструкции

Во косите покривни конструкции над греан простор, детаљот и местоположбата на топлинската изолација од плочи од експандирана плута се стандардни.

Слика 13 - Изолација на кос покрив(Слика 13)

Покрај набројаните градежни конструкции, производите од агломерирана експандирана плута наоѓаат соодветна примена и во други конструкции, како што се преградни ѕидови помеѓу двајца корисници, со добри звучно-изолациски карактеристики, пливачки подови при подно греење, еркери на фасада, зелени покриви итн.

Во Табела 1 се дадени технички карактеристики на производи од агломерирана експандирана плута за трите начини на изолирање на надворешни фасадни ѕидови.

Табела 1

Нејзиното_височество_–_плута_Порта3_-_градежништво,_архитектура_и_екологија_-_2014-11-05_13.02.04

д-р Петар Николовски, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top