Насловна / Вести / Најзагадени региони се тие каде што имало рударство и металургија

Најзагадени региони се тие каде што имало рударство и металургија

Аерозагадувањето како горлив проблем на нашето секојдневие, неминовно стана дежурна тема во јавноста. Дебатите, критиките до индустријата и до надлежните органи, па дури и шпекулациите за тоа кој е главниот виновник, особено се разгоруваат секоја зима. Но, иако несомнено, загадувањето на воздухот е еден од приоритетите кога станува збор за квалитетот на живот, сепак се чини дека останатите аспекти од заштитата на животната средина се во втор план, односно за нив во јавноста не се презентираат доволно информации. Еден од овие аспекти е секако загадувањето на почвите.

Со цел запознавање на пошироката јавност со состојбите по однос на ова прашање, како и подигање на свеста за потребата од активно делување во оваа сфера, Порта 3 имаше задоволство да разговара со проф. д-р Трајче Стафилов, професор на Институтот по хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Проф. Стафилов е еминентен научник со над 200 објавени трудови, кој дел од својата професионална кариера поминал и во нашите индустриски капацитети – ФЕНИ Кавадарци и РЖС Скопје, и тоа во нивните „златни“ години. Негова долгогодишна научна преокупација е загадувањето на почвите во Македонија со тешки метали, а резултатите од своите истражувања ги има сублимирано и во првиот геохемиски атлас на Македонија. Професорот Стафилов и покрај своите бројни ангажмани, љубезно одговори на нашата покана за ова интервју, за што Редакцијата на Порта 3 најсрдечно му се заблагодарува.

Trajce-Stafilov2

Професоре Стафилов, уште во 2004-2005 година, преку Студија финансирана од ЕУ идентификувани се 16 еколошки жешки точки во Македонија, меѓу кои се Бучим, Железарница, ОХИС, Топилница „Злетово“, некогашниот рудник и флотација во Лојане Кумановско, термоцентралите и др. Депонирањето на пепел, троска, но и опасни хемикалии сериозно ја контаминираат почвата. Особено е индикативно дека кај капацитетите што одамна не се во функција демнат можеби најопасните загадувачи. ОХИС со депонијата на линдан и Лојане со отпадот кој содржи висока концентрација на арсен го потврдуваат ова. Какви се последиците за почвите, но и за здравјето на населението во овие подрачја?

– Студијата која ја наведувате овозможи да се дефинираат 16-те т.н. „жешки точки“ во Република Македонија. Притоа, со прелиминарни истражувања добиени се основни податоци за обемот на загадувањето на животната средина во околината на овие локации. По нивното дефинирање, Европската Унија, УНДП и Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) финансираа изработка на претпроектни (физибилити) студии за одредени локации со депониран опасен отпад (ОХИС, Топилницата за олово и цинк во Велес, Југохром, Лојане, Железарницата во Скопје, Пробиштип) во кои подетално е истражувана состојбата со загадувањето и предложени се повеќе варијанти за делумно или целосно решавање на проблемите кои произлегле во однос на загадувањето на животната средина. За некои од овие локации се преземени и одредени мерки за намалување на нивното влијание врз загадувањето на животната средина. Таков е примерокот со делумното санирање на депонијата на троската од поранешното производство на ферохром и хромни соединенија во топилницата „Југохром“ Јегуновце, рудникот и флотацијата за бакар „Бучим“ и други. Меѓутоа, за поцелосно решавање на проблемите со овие депонии потребни се дополнителни проекти и средства за решавање на проблемите со загадувањето на непосредната животна средина, но во некои случаи и на пошироката област од овие локации.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Топилница Велес

За Скопје од особена важност е санирањето на депонијата со линдан во ОХИС, со оглед дека оваа точка е рангирана како број 1, но и со оглед на близината до градот. Кои се спецификите на линданот и најголемите опасности од линданот по човековото здравје? Дали е на повидок скоро решение?

– Пред 40-тина години во фабриката ОХИС престанато е со производството на пестицидот линдан. Линданот претставува еден од изомерите на хексахлороциклохексанот (HCH), неговиот гама-изомер (γ-HCH). При неговата синтеза паралелно се добивани и другите изомери на HCH: алфа (α-HCH), бета (β-HCH), делта (δ-HCH) и епсилон (ε-HCH). Овие изомери по сепарирањето на линданот биле депонирани во дворот близу до погонот за неговото производство. Исто така депонирано е и извесно количество од самиот линдан. Така, во фабриката ОХИС сега имаме депонирано околу 15.000 тони од сите изомери на HCH. Дополнително, овие депонии биле покриени со околу 15.000 тони почва па сега имаме депонија со над 30.000 тони опасен отпад. Линданот, како и другите изомери се токсични хемиски супстанци и предизвикуваат нарушување на здравјето на луѓето предизвикувајќи различни заболувања во зависност од внесеното количество во организмот. Поради неговата токсичност линданот во 2009 година е ставен на листата на опасни токсични супстанци кои тешко се разградуваат во животната средина (POPs – Persistent Organic Pollutants) според Скокхолмската конвенција на Обединетите нации. Поради ова Министерството за животна средина и просторно планирање преку Канцеларијата за POPs му придава големо значење на овој проблем и бара негово решавање. Во тек е реализација на проект за решавање на овој проблем финансиран од Глобалниот еколошки фонд на ООН (GEF). Резултатите од овој проект ќе дадат поточни информации за обемот на контаминацијата на сите медиуми на животната средина во тој дел на Скопје, како и мерки за негово решавање.

Deponija-vo-Ohis

Депонија во Охис

Депонијата со линдан постои веќе неколку децении. Дали со оглед на долгиот временски период на изложеност на почвата и подземните води, ситуацијата станува уште посериозна?

– Секако. Прелиминарните испитувања покажуваат високи концентрации на овие изомери (вклучувајќи го и линданот) во почвите и подземните води, а детектирано е и нивно присуство во воздухот во Скопје преку дисперзија на честичките со овие супстанци во животната средина.

ЛИНДАН ДЕПОНИИ

Линдан депонии

И рудникот и флотацијата Лојане во Кумановско беше предмет на претпроектна Студија за санација подготвена од страна на УНДП. Се чини дека активностите запираат по изготвувањето на студии и акциони планови. Кои се според Вас клучните системски недостатоци поради кои реализацијата на ваквите проекти постојано се одолговлекува?

– Во просторот помеѓу Лојане и Ваксинце постојат 2 депонии. Едната која е поголема (околу 450.000 тони) содржи од 1-2 % арсен и антимон, а втората претставува арсенски концентрат со околу 50 % арсен (околу 5.000 тони). Студијата покажала загрижувачко загадување на почвите и подземните води во тој регион, а нашите испитувања покажаа и присуство на честички со арсен и антимон и во воздухот. Не ми е познато зошто се одолговлекува нејзиното санирање, но знам дека од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање се преземаат мерки за обезбедување на средства за решавање на проблемот.

По завршувањето на оперативниот век на еден индустриски капацитет, соодветното декомисионирање е обврска на компанијата. Веројатно, само кај нас последиците се на товар на државата и граѓаните. Од друга страна пак, активните индустриски капацитети постојано се трудат да ги одложат своите обврски по однос на вложувања во заштитата на животната средина, правдајќи се со економскиот опстанок. Можеме ли да следиме некој позитивен пример во регионот, поврзан со санација на жешки еколошки точки?

– Поголемиот број од депониите кои се вклучени во листата на „жешки точки“ се создадени во минатото (т.н. историско загадување) во време кога сопственик на фабриките била државата. Поради тоа, обврска на државата е да презема мерки за нивно санирање. Секако, имаме и позитивни примери на преземање на мерки за решавање на проблемите со депониите, и мерки за намалување на загадувањето на животната средина од страна на некои компании кои ги преземаа фабриките. Таков пример е рудникот „Бучим“ кој вложи големи средства посебно за решавање на загадувањето на подземните води, но и преку користење на отпадната рудничка јаловина за дополнително хидрометалуршко производство на бакар. Има и други примери, како што е тоа случајот со рудникот „Саса“ со изградбата на нови јаловишта за флотационата јаловина, потоа фабриките Макстил и Фени со изградба на филтри за намалување на загадувањето на воздухот со прашина. Секако на ова влијае и зајакнатата контрола од страна на Инспекторатот при Министерството како и воведувањето на новите законски мерки кои се однесуваат на спречување на загадувањето на животната средина од страна на производните погони.

Bucim Makedonija

Бучим

Како креатор на првиот геохемиски атлас во Македонија, сте испитале огромен број примероци од нашите почви. Во кои делови од земјата контаминираноста е најсериозна, како според концентрација, така и според вид на загадувачи?

– За изработка на геохемискиот атлас на Република Македонија беше изготвен план за земање на примероци со мрежа од 5 × 5 km со што беа дефинирани 1025 локации од кои беа земени по 2 примерока почва од длабочини до 30 cm, што значи дека вкупно беа земени 2050 примероци. Дополнително во одредени региони каде се очекуваше одредено загадување на почвите, како и за изработка на посебни атласи за тие региони (Велес, Скопје, Кавадарци, Битола, Кичево) земени се уште околу 2000 примероци. Од добиените резултати како и од картите на просторна дистрибуција на 40 хемиски елементи може да се заклучи дека генерално застапеноста и дистрибуцијата на хемиските елементи во почвите ја следи литологијата (геологијата) на Република Македонија. Сепак, во одредени региони, посебно во оние каде имаме рударски и металуршки активности, има и делови кои се загадени со тешки метали, како резултат на депонирање на отпадни материјали или отсуство на системи за спречување на загадувањата. Најкарактеристичен пример претставува загадувањето на почвите во градот Велес и неговата околина како резултат на работата на Топилницата за олово и цинк. Резултатите покажуваат загадување на почвите на простор од околу 100 km2 од кои почвите на површина од околу 15 km2 се екстремно загадени и потребна е интервенција за нивно санирање. Во овој простор освен високите содржини на олово и цинк, присутни се и високи содржини и на други тешки метали, како што се кадмиум, арсен, антимон, талиум, индиум и други. Исто така, поради големите количества на флотациона јаловина од флотацијата на олово-цинковата руда од рудникот „Злетово“ депонирана на отворен простор близу Пробиштип, утврдено е загадување на почвите со слични метали на поголем простор. Во одреден дел од Скопје, посебно во делот на источната индустриска зона, забележани се загадувања на почвите со цинк и кадмиум како резултат на индустриски и урбани активности.

rangiranje na zeskite ekoloski tocki

mapa na zeski ekoloski tocki vo mkd

Дали одредени резултати и сознанија биле дури и за Вас фрапантни, но и разочарувачки од аспект на нашата негрижа за животната средина?

-За мене најфрапантни се резултатите добиени за загадувањето на животната средина во градот Велес и неговата непосредна околина од работата на Топилницата. И покрај тоа што Топилницата не е во фунција од 2002 година загадените почви и понатаму претставуваат проблем како во загадувањето на храната која се произведува во таа област така и во загадување на воздухот со честички со висока содржина на тешки метали. Дополнителен извор на прашина со висока содржина на тешки метали претставува депонијата на троска која се наоѓа во непосредна близина на Топилницата од околу 1,5 милиони тони со висока содржина на цинк (околу 8-9 %) и на олово (околу 1 %). Нашите истражувања покажуваат зголемени содржини на олово, цинк, кадмиум, индиум, арсен и други метали во куќната прашина во куќите во Велес.

Veles Toplinnica zgura

Колкаво е влијанието на депониите врз загадувањето на почвите, кои за жал кај нас се речиси без исклучок нестандардни?

– Индустриските депонии кои потекнуваат од рударските и металуршките активности се секако извор на загадување на животната средина (почвите, водите и воздухот). Обемот на ова загадување е дефиниран, на некои локации веќе се преземаат одредени мерки, но за другите потребни се дополнителни мерки. Секако, за ова се потребни огромни финансиски средства.

Дали кај нас се правени истражувања за поврзаноста на загадувањето на воздухот и почвите, и кои региони се најкарактеристични од овој аспект?

– За ова веќе зборував претходно. Освен примерот со градот Велес, тука спаѓаат и регионите на Пробиштип, Скопје и Битола.

FENI kavadarci

ФЕНИ Кавадарци

Во последниот период стручната, но и пошироката јавност е поделена во врска со отворањето на нови рудници во Југоисточниот Регион. Кои би биле опасностите за почвата со отворањето на ваквите капацитети и особено користењето на арсен односно цијанид, како што се посочуваше од страна на екоактивистите?

– Во последно време постојат многу современи технологии за добивање на метали со хидрометалуршки постапки. При евентуално отворање на рудници и производни погони за ваква намена неопходна е примена на вакви најсовремени технологии. Освен тоа потребен е и континуиран мониторинг и контрола на работата и преземање на мерки за спречување на загадување на животната средина во тој простор.

presek na deponija za lindan ohis

Пресек на депонија за линдан, ОХИС

Имате ли соработка со Институтот за јавно здравје или други релевантни институции, со цел поставување на одредени корелации помеѓу контаминираноста на почвата и инциденцата на одредени заболувања во критичните региони?

– Колку што ми е мене познато има малку објавени резултати од истражувања на влијанието на контаминираноста на почвата со појавите на одредени заболувања. Досега ни се познати резултатите од истражувањата на професорот Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје за поврзаноста на загадувањето на воздухот во Скопје и други градови во Република Македонија со појавата на одредени заболувања, вклучувајќи ја и проценката за бројот на смртни случаи. Во секој случај овие податоци се многу загрижувачки.

За жал, сè уште сме во фаза кога наместо сеопфатно и одржливо индустриско планирање се бориме со последиците од исклучиво економски мотивираните активности. Кои се според Вас главните предуслови за една вистинска индустриска транзиција и одржлив развој, и дали сметате дека науката е доволно вклучена и консултирана во процесите на донесување стратешки одлуки?

– Познато е дека во Република Македонија се изработени неколку стратегии за економскиот развој, но проблемите со кои се соочувавме (економски, но и политички) не дозволуваат тие стратегии да се спроведуваат целосно и со предвидената динамика.

Испрати коментар

Scroll To Top