Насловна / Арт и дизајн / Мултифункционалната икона на дизајнот

Мултифункционалната икона на дизајнот

Дизајнерска икона од 70-тите: мултифункционалната лежалка на познатиот дизајнер Џо Коломбо доживува воскресение. Во текот на 70-тите и 80-тите години на минатиот век, дизајнот на мебелот беше навистина експериментален, до тој степен што кога ќе ги погледнете парчињата произведени во тоа време не можете, а да не помислите колку се современи и функционални дури и денес.

м1

Поради тоа компанијата B-Line, која произведува современи парчиња, исто така работи на реиздавање на култен мебел од тие децении. Станува збор за единствени дизајнерски икони, внимателно избрани за совршено да се вклопат во денешните ентериери и соодветно групирани во колекција наречена Timeless.

м7

Експерименталните парчиња се осмислени од дизајнери кои сакаа да го напуштат донекаде детерминистичкиот модернистички пристап на формата која ја следи функционалноста и да ја прифатат културната револуција на животниот стил. Тоа го направиле играјќи си со облиците, материјалите и контекстите на употреба, а нивниот дизајн стана алатка за поддршка на помладите генерации во промовирањето на послободен начин на живот и попријатен, посветол и попривлечен однос со своите домови.

м8

Џо Коломбо, несомнено бил еден од дизајнерите кои го воделе патот кон домашната револуција. Неговите парчиња мебел биле химна на динамиката, замислени да еволуираат со луѓето кои ги користеле. „Навиките се менуваат, со нив мора да се менува и внатрешноста на просторот“ – било неговото мото кое го дефинирало и неговото творештво.

м3

Неговото најпознато парче мебел е секако мултифункционалната лежалка – фотелја која во суштина претставува конвертибилен систем базиран на различни комбинации на два елемента, кој исто така може да се користат и поединечно. Се состои од два заоблени блока (перници) со челична конструкција обложена со полиуретанска пена и тапацир од растеглива ткаенина.

м4 м5

Поврзани со кожни ремени кои слободно можат да се постават на четири комплети хромирани челични копчи, блоковите може да се поместуваат во различни позиции. Лежалката е токму она што го ветува нејзиното име: наслонето седиште за седење, лежење, одмарање на нозете.

м2

Еден поглед на Multichair е доволен за да се сфати дека нејзиниот дизајн и покрај тоа што е стар 52 години, сепак е исклучително современ. Способноста да се прилагоди и да се користи за различни намени ја прави совршено погодна за создавање модерно и опуштено окружување. Нејзината привлечна естетика, благодарение на органските форми на перниците и јаките бои на ткаенините, ја прават совршено самостојно парче мебел во модерните ентериери.

м6

Испрати коментар

Scroll To Top