Насловна / Архитектура / MSCA – Акции Марија Склодовска Кири, Хоризонт Европа во ЦАПРИС УКИМ

MSCA – Акции Марија Склодовска Кири, Хоризонт Европа во ЦАПРИС УКИМ

Првиот Инфо ден за акциите Марија Склодовска Кири (MSCA) како прв столб на програмата Хоризонт Европа 2021-2027 на Европската Унија се одржа во петок, 26.04.2024 година во просториите на Центарот за напредни и постдокторски истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – ЦАПРИС УКИМ.

Инфо денот беше реализиран во организација на Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и националното контакт лице за акциите Марија Склодовска Кири (MSCA), во соработка со Центарот за напредни и постдокторски истражувања – ЦАПРИС УКИМ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и со поддршка на Европската истражувачка извршна агенција.

Фокус на настанот беше новоотворениот повик за MSCA Постдокторски стипендии за кандидати до 8 години од завршувањето на докторатот (со краен рок на пријавување 11 септември 2024 година), но ги се опфати и другите акции во рамки на MSCA, како и искуствата од претходни корисници.

Настанот го отворија деканот на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје и директор на ЦАПРИС УКИМ и проректорот за наука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Валентина Гечевска и националното контакт лице за Мари Склодовска – Кири Акциите (MSCA) проф. д-р Александра Мартиновска Стојческа.

Проф. д-р Огнен Марина во своето обраќање истакна: „Визијата на ЦАПРИС УКИМ е да биде центар на научна извонредност и висококвалитетно истражување што ќе промовира информирана, мултидисциплинарна и инклузивна научна и јавна дебата за темите и предизвиците кои се релевантни за идниот одржлив развој на општеството. Токму затоа ми претставува извонредно задоволство што денес имаме можност, со овој настан, заедно со сите Вас ги направиме првите чекори во остварувањето на оваа визија и тоа го правиме на најдобар можен начин, со промоција на Мари Склодовска-Кири Акциите (MSCA) кои се дел од Програмата Хоризонт Европа на ЕУ, односно водечка програма за финансирање на Европската унија за истражувања и образование на ниво на докторски студии и постдокторска обука на истражувачи.“

Проректорот за наука на УКИМ проф. д-р Валентина Гечевска во своето обраќање нагласи: „Aкциите на Мари Склодовска-Кири (MSCA) финансираат извонредост во истражувањата и иновациите и ги поддржуваат истражувачите во сите фази од нивната кариера, за стекнување на нови знаења и вештини, преку реализација на мобилности во различни истражувачки средини. Во фокусот на MSCA е развој на програми за докторски студии и постдокторски истражувања, преку финансирање на заеднички истражувачки проекти, со што програмата придонесува кон развој на високообразовните институции и истражувачките центри во Европа и пошироко. Токму во таа насока, заложбата на УКИМ е интензивно запознавање на членовите на академската заедница со можностите кои се нудат преку Европските програми, нивно поттикнување за учество, како и подобрување на компетенциите. Центарот за напредни постдокторски истражувања на УКИМ, лоциран на Архитектонскиот факултет, е вистинско место за споделување на информации и поддршка на истражувачите на УКИМ“.

„Денешниот инфо ден, нуди информации за можностите кои се нудат за младите истражувачи на УКИМ, преку отворените повици на MSCA. Верувам дека ќе се охрабрат и ќе аплицираат, па покрај користењето на ERASMUS мобилности наменети за едукативни престои, на УКИМ ќе порасне бројот на MSCA мобилности насочени кон истражувачки престои“ додаде проф. д-р Валентина Гечевска.

На настанот воведно предавање и презентација на MSCA постдокторските стипендии одржа г-ѓа Елеонора Сконци (Eleonora Sconci), проектен офицер од European Research Executive Agency, националниот координатор на програмата Хоризон Европа г-ѓа  Марина Николовска од Министерството за образование и наука со информација за програмата  Хоризонт Европа – искуство и можности, како и националното контакт лице проф. д-р Александра Мартиновска Стојческа со преглед на акциите MSCA и следните планирани повици.

Потоа следеа обраќања со презентација на своите искуства како директни стипендисти на програмата на д-р Гордана Силјановска од BASF Германија и Федерико Грасели (Federico Grasselli) од EPFL Швајцарија.

Свое обраќање имаше проф. д-р Емилија Финадчевски член на MSCA Програмскиот комитет со најнови вести и случувања.

На крај, проф. д-р Љупчо Ефтимов, продекан за настава од Економскиот факултет – Скопје го претстави проектот GETM4 како успешна приказна од Северна Македонија – првиот MSCA Staff Exchange проект во рамки на новиот циклус на програмата Хоризонт Европа, по што се обрати и гостинката проф. д-р Нада Зупан од Економскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, партнер во проектот и ги истакна искуствата и придобивките од водење на MSCA проект.

По завршување на официјалниот дел од Инфо денот за акциите Марија Склодовска Кири учесниците на настанот имаа можност за неформални разговори и вмрежување со своите колеги во просториите на ЦАПРИС УКИМ.

Фото: Ева Живковиќ

Испрати коментар

Scroll To Top