Насловна / Архитектура / Меморијал на Барбадос на Аџаје – посветен на жртвите на ропството (ВИДЕО)

Меморијал на Барбадос на Аџаје – посветен на жртвите на ропството (ВИДЕО)

Архитектонското биро Adjaye Associates проектираше споменик на хумка од набиена земја, музеј и истражувачки институт фокусирани на влијанието на ропството на главниот град на Барбадос, Бриџтаун.

04

Бирото, кое го води добитникот на Кралскиот златен медал на RIBA, Дејвид Аџаје, го проектирал Barbados Heritage District за да се посвети на влијанието на трансатлантската трговија со робови на островот, кој неодамна стана република, пишува Dezeen.

„Потпирајќи се на техниката и филозофијата на традиционалните африкански гробници, местата за молитва и пирамидите, меморијалот е замислен како простор кој истовремено им оддава почит на мртвите, ги изградува живите и манифестира нова дијаспорска иднина за црнечката цивилизација“, велат од бирото.

03

Се проценува дека речиси 400.000 поробени Африканци биле транспортирани на Барбадос во текот на 17 и 18 век, додека островот бил британска колонија.

Поставен на плантажата Newton, веднаш покрај гробницата Newton Enslaved Burial Ground, истоимениот меморијал е проектиран за да се одбележи местото на кое се проценува дека се погребани околу 570 западноафрикански робови.

Меморијалниот објект предвидено е да има 570 вертикални дрвени столбови на врвот со кружни месингани плочи распоредени во редови на врвот на ридот.

02

„Како начин да се даде физичка форма и да се оддаде почит на робовите кои се закопани под оваа света земја, теренот е испрекинат со 570 поединечни дрвени греди, секоја покриена со кружни месингани плочи ориентирани кон сонцето за да ја фатат светлината на Барбадос“, велат од бирото, и додаваат: „Споменикот ќе го демаркира место на трагедијата и траумата и ќе го трансформира во место за комеморација, сеќавање и поврзување“.

Хумката ќе биде позиционирана на највисоката точка, достапна преку рампата што води од музејот купола, што ќе биде изведен од црвени земјени материјали.

Музејот ќе содржи експонати фокусирани на гробиштата и трансатлантската трговија со робови, додека кружните отвори ќе ја прекинуваат куполата за да пружаат поглед кон небото и да пропуштат светлина.

Adjaye Associates го опишуваат својот дизајн како „инхерентно африкански“, што е потврдено во изборот на материјалите.

„Ускладувајќи го светиот пејзаж со поимите за обновување и повторно раѓање, спомен-обележјето се осврнува на трауматичното минато, додека го слави потенцијалот за нова иднина, преку инхерентно африкански дизајн во кој циклусот од раѓање до смрт, роден од Земјата и враќање, станува манифестиран и посредуван преку архитектурата“, објаснуваат архитектите.

05

Се планира на местото да се изгради и истражувачки центар посветен на историјата и наследството на ропството, иако деталите за тоа допрва треба да се откријат.

Проектот беше најавен набргу откако Барбадос стана најновата република во светот, откако пред десетина дена британската монархија беше тргната од местото шеф на државата. Изградбата на споменикот треба да почне на 30 ноември 2022 година, што ќе биде точно една година откако Барбадос стана република.

0

Наградуваниот архитект Аџјаје јавно говори за потребата од повеќе меморијали и споменици посветени на жртвите на ропството.

Тој, исто така, беше кустос на изложбата во Музејот за дизајн наречена Making Memory која опфаќа седум меморијали и споменици на бирото Adjaye Associates.

Испрати коментар

Scroll To Top