Насловна / Хортикултура / Медитерански градини: Едноставност и елеганција

Медитерански градини: Едноставност и елеганција

Медитеранот е регион со многу историја, географски простор каде што голем број на цивилизации, религии и култури оставиле силен и влијателен печат. Топлото Средоземно Море претставува богатство на трите контитненти, претставува природен пат за меѓуетничка и интелектуална комуникација помеѓу Европа, Азија и Африка. Благодарение на таа комуникација, Медитеранот е раскрсница каде што голем број на народи меѓусебно ги разменувале своите вековни култури и обичаи.

mediter-1

Таа комуникација помеѓу народите низ времето не била секогаш мирна и спокојна, односно честопати била пропратена со големи кризи, освојувања и војни. Сепак, таквата сложена и фуриозна историја на меѓусебно мешање на јазиците, размена на стопански и културни искуства, придонело за креирање на еден посебен „медитерански стил“. Денес под поимот „медитерански“ се подразбира начин на живеење својствен на сите тие измешани култури на народите што живеат на неговите брегови. Како што е позната медитеранската музика, медитеранската кујна итн., исто така многу познати и постојано надградувани низ вековите претставуваат и медитеранските градини.

mediter-4

Медитеранските градини се познати по својата едноставност и елеганција. Тие се визуелно пространи, светли градини со чисти линии, во комбинација со голем број на архитектонски елементи и најразлична вегетација.
Многу често може да се сретнат медитерански градини со минимален наклон на теренот. Тоа се прави за да се постигне што е можно поприроден изглед на теренот. Во други случаи се среќава и скалесто уредување на теренот со ниски потпорни ѕидови (до 60 см.), така што теренот се дели на повеќе тераси, а целта што треба да се постигне е дека градината се наоѓа на некоја падина, која се спушта кон морскиот брег. Потпорните ѕидови најчесто се сува ѕидарија и се прават од необработени природни камења, најчесто со светли бои. Во пукнатините од потпорните ѕидови задолжително се садат минијатурни растенија. Патеките во овие градини најчесто се светол чакал или песок, обрабени со ивичници за да не дојде до расфрлање на материјалот на сите страни.

KONICA MINOLTA DIGITAL CAMERA

Теракотните садови се нераскинлив декор во секоја медитеранска градина. Во нив најчесто се одголедуваат цветни видови или ароматични билки (лаванда, рузмарин, оригано,босилек), кои при готвењето во кујната ќе може да се искористат свежи од сопствената градина.
Поради одличната клима во поголемиот дел од годината, луѓето што живеат во тој дел од светот многу време поминуваат во своите градини. Поради тоа местата предвидени за одмор се неизбежен дел во овие градини. За таа цел, покрај класичните плоштадки, за постигнување поголем ефект се подигнуваат перголи и балдехини. Сенката е неизбежен момент во делот за одмор во овие градини.  Лозите, ползечките рози и вистеријата се одличен избор за озеленување на дрвените или металните конструкции од перголите, со што би се обезбедила компактна сенка. Мебелот што се користи во овие градини може да биде од дрво, бамбус или ковано железо. На клупите и фотелјите се поставуваат големи меки перници и прекривки.

mediter-2

Медитеранскиот пејзаж се постигнува со комбинација на растителни видови со најразлична боја и структура. Во медитеранската градина преовладуваат нежните бои: бела, сино-зелена, златна и црвена. Пастелни тонови и нијанси се среќаваат многу ретко. Затоа во овие градини се избегнува употреба на пролетни едногодишни цвеќиња, а место нив се користат рудбекии, ехинацеи, како и голем број на декоративни треви (Carex spp; Festuca spp.) и се разбира, голем број на рози, клематиси, маслинки, мандарини и лимони во теракотни садови.

Како еден од главните видови кои се среќава во речиси сите медитерански градини е медитеранскиот чемпрес (Cupressus sempervirens).Тој претставува вистинско освежување во вертикалниот простор на отвореното пространство во овие градини. Најчесто се сади во групи од неколку садници или во форма на линиски насади вдолж широките патеки. Искроените топијари во најразлични форми се многу честа појава во медитеранските градини.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top