Нови 174 товарни вагони ќе набави „М.Ж. Транспорт“ идната година. Вредноста на инвестицијата е 15 милиони евра, а тендерот вреден 13 милиони евра го доби словачки компанија „ЖОС Трнава“. Со оглед дека за набавката на товарните вагони биле предвидени 15 милиони евра, но е избрана понуда со понизок износ, со останатите пари ќе се изврши набавка на уште 20 вагони. Половина од вагоните се отворени и се за превоз на руда и јаглен, а половина затворени за транспорт на готови производи. Парите се обезбедени од Европската Банка за обнова и развој.
„Согласно предвидената динамика во тендерската документација за набавката, првата пратка од 10 вагони треба да пристигне за 40 недели од почнувањето на важноста на договорот, по што следи динамика на испорака на секои четири недели за преостанатите вагони. Испораката на сите товарни вагони се очекува да заврши за 52 недели“, изјави министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
За квалитетот на вагоните од словачката компанија како гаранција ги наведуваат нивните вагони кои ги испорачале во неколку европски метрополи.
Освен товарни вагони, во тек е и набавка на шест гарнитури за патничкиот превоз. Директорот на Јавното претпријатие, Оливер Деркоски, најави дека од 2015 Македонски Железници ќе имаат комплетно нов возен парк. Во моментов железници располага со 950 товарни вагони.
Во 2014 година, според најавите треба да се рехабилитираат и осум електрични локомотиви, а предвидена е изградба и санација на веќе дотраената железничка инфраструктура.
Исто така, многу побаруван е и другиот тип плато вагон, којшто е специјален вагон затоа што на него ќе може да се возат два големи контејнери и ќе се зголеми капацитетот за превоз на контејнери, рече директорот на МЖ „Транспорт“, истакнувајќи дека иднината и на железничкиот транспорт е контејнерскиот превоз.