Насловна / Архитектура / Летна школа 2025: Епигенетско Лазарополе – упатства за концептуално уметничко дело

Летна школа 2025: Епигенетско Лазарополе – упатства за концептуално уметничко дело

Епигенетско Лазарополе: упатства за концептуално уметничко дело,

архитектонска работилница со Елиза К. Катанео и Лоренцо Дељи Еспости

Гости тутори на архитектонската работилница: Елиза К. Катанео и Лоренцо Дељи Еспости

Раководител: проф. д-р Дивна Пенчиќ

Секретар: ас. м-р Ана Рафаиловска

Тутори: ас. м-р Ана Рафаиловска, ас. м-р Теа Дамјановска, Филип Јовановски

Летната школа за архитектура 2025 година, во организација на Архитектонскиот факултет – Скопје (АФС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се одржа од 28 јуни до 6 јули во с. Лазарополе. Овогодишната сесија е само продолжување на еднодецениско практикување и протегнување на изучувањето на архитектурата на терен и воедно соочување на практикантите со спецификите на еден постоен контекст, а со цел дообразување и стекнување со истражувачко искуство, надвор од вообичаените образувачки пракси.

Според веќе воспоставената неколкугодишна традиција, група од трудољубиви и љубопитни студенти, беа интензивно дијалошки затекнати од специфичниот просторен и културен пејзаж на Лазарополе. Во дијалогот посредуваа гостите тутори од Италија, Елиза К. Катанео и Лоренцо Дељи Еспости — архитекти, истражувачи и педагози, со големо искуство во интердисциплинарни и експериментални методологии. Елиза Кристиана Катанео е италијанска архитектка, истражувачка и вонреден професор на Политехничкиот универзитет во Милано, основач на истражувачките платформи WeakCircus, O-n Experiments in Weakness Theory и B.L.U.E., кои развиваат хибридни методологии што ја интегрираат уметноста, екологијата и архитектонскиот дизајн (Cattaneo, n.d.). Лоренцо Дељи Еспости е архитект и коосновач на студиото Degli Esposti Architetti (основано 2006), студио кое има реализирани и наградени проекти во јавната, станбената и архитектурата од културата и активно го интегрира истражувачкиот пристап во архитектурата и урбанизмот (Degli Esposti, n.d.). Нивната програма беше структурирана од теориите на Роберт Смитсон изнесени во делото Земјени работи, каде трите клучни категории – место, процес и неместо – не се само фази на работа, туку рамка за критичко размислување за просторот, материјалот и репрезентацијата (Smithson, 1968/1996).

Тема и методолошка рамка

Насловот на работилницата – Епигенетско Лазарополе: упатства за концептуално уметничко дело, според нив, ја одразува намерата да се истражи како идеите и материјалите се менуваат под влијание на контекстот и процесот, а и како тие промени можат да се репрезентираат во друг, независен простор. Овој пристап е директно поврзан со делата на Смитсон (Smithson, 1968/1996), кој ја воведува концепцијата на „место“ како поим со физички и културни специфики, „процес“ како низа од активности што се интегрален дел од делото и „неместо“ како своевиден пренос на елементите отстранети од оригиналната локација во комплетно нов контекст.

Катанео, со своето искуство во експерименталниот пејзажен дизајн, како и интеграцијата на теоријата со теренската пракса, а Дељи Еспости, со својата работа во архитектонската критика и современите методологии во уметноста, ја насочија Школата кон дисциплиниран процес што бараше од учесниците да ги анализираат, документираат и репрезентираат просторот и материјалите со подеднакво внимание.

Лазарополе како „место

Лазарополе, планинско село во Малоречијата, оформено на надморска височина од 1 300 м, на висорамнина опколена од букова шума и со дистинктивна архитектонска и урбанистичка вредност, со својата впечатлива топографија, историски градителски слоеви и изразена сезонска динамика, беше повеќе од логистичка локација, активен дел од методологијата како „материјален и концептуален рудник“. Според пристапот на Смитсон (Smithson, 1968/1996), „место“ не е само заднина на работата, туку специфичен систем од услови и односи, кои ја обликуваат интервенцијата.

Учесниците започнаа со теренска прошетка и избор на конкретна локација. Анализата вклучуваше мапирање, фотографирање, геометриска интерпретација и набљудување на материјалите на терен. Во духот на Смитсон (Smithson, 1986/1996), теренската анализа не се ограничуваше на визуелно снимање, туку вклучуваше и „читање“ на пејзажот: земја, карпи, растенија и остатоци од човечка активност. Од нив се бараше да изработат физичка „направа“ или база што воспоставува однос меѓу објектот, пејзажот и менталната топографија.

Процесот“ како дел од делото

Следните денови беа посветени на фазата „процес“. Оваа фаза не беше третирана како техничка подготовка, туку како составен дел од проектот. Учесниците собираа почвени примероци од различни длабочини, фрагменти од камен со различни минерални структури, парчиња дрво и ботанички материјал. Слоевите на почвата беа конзервирани во транспарентни кутии, а ботаничките примероци беа поставени помеѓу транспарентни панели. И двата елемента беа сместени во огледални кутии со зададени димензии, со што се постигна ефект на изолирање и рефлектирање на материјалите – алузија на Смитсоновата практика на „неместни“ конструкции (Smithson, 1968/1996; Rendall, 2006).

Во овој дел, документацијата имаше подеднаква тежина како и физичките материјали: мапите, скиците, фотографиите и белешките го формираа наративот на секој проект, создавајќи архивски слој, кој ја објаснуваше интервенцијата и условите од теренот.

Неместо“: пренос на значењето?

Во последната фаза, „неместо“, учесниците ги претставија своите проекти во затворен простор, изолиран од појдовната локација. Ова претставување не беше само изложба на резултати, туку тест на концептот: дали материјалите, документите и направите можат да го пренесат значењето и контекстот на своето место на потекло (Smithson, 1968/1996; Rendall, 2006)?

Погореспоменатите кутии, како и начинот на нивната експозиција, беа директна парафраза на „неместните“ проекти на Смитсон, во кои физички материјали од одредена локација се изложуваат во галериски простор, придружени со мапи и фотографии што ја означуваат нивната географска точка на потекло (Holt/Smithson Foundation, n.d.).

Смитсон (Smithson, 1996) овој проблем го формулира како прашање за можноста да се задржи „логиката“ на местото кога ќе се извади од неговата првична околина. Во Лазарополе 2025, овој предизвик беше директно искуство за учесниците, кои мораа да балансираат помеѓу точната документација и креативната апстракција.

Од „место“ до „неместо“

Секој ден беше структуриран во утрински и попладневни сесии, со програми што вклучуваа филмски проекции и групни разговори, овозможувајќи паралелно обработување на практичните и теоретските аспекти на темата. Последните два дена беа посветени на подготовката и поставувањето на изложбата. Секој проект беше структуриран како јасен наратив: од појдовната локација (место), преку процесот на работа (процес), до финалната интерпретација (неместо). Изложбениот простор во Лазарополе се претвори во „архив-галерија“, каде објектите и документацијата за истите коегзистираа.

Во некои случаи, „неместните“ решенија беа минималистички — еден или два контејнери со придружна мапа. Во други, студентите создадоа комплексни просторни композиции со повеќе медиуми. Секое решение на свој начин се осврна на погореспоменатото прашање – можно ли е „преведување“ на суштината на едно место без негова физичка дислокација и непосредна презентација (Rendall, 2006)?

Резултати и значење

Изложбата ги обедини физичките направи, примероците и документацијата во целина што го прикажа патот од теренот до изложбениот простор. Разновидноста на пристапите – од строго геометриски конструкции до пофлексибилни интерпретации – покажа дека методологијата на Смитсон овозможува широк спектар на решенија без да се изгуби заедничката рамка.

За Архитектонскиот факултет – Скопје, овој проект ја потврди важноста на теренската работа како методолошки неопходен чекор и независна дисциплина во образованието на идните архитекти, додека за учесниците, тоа беше искуство што ги спои практичните вештини, критичкото размислување и способноста да се претстави сложена идеја на јасен и визуелно читлив начин.

Заклучок

Епигенетско Лазарополе: упатства за концептуално уметничко дело покажа дека концептите од Земјените работи може да се применат како ефективна интердисциплинарна рамка во современото архитектонско и уметничко образование. Лазарополе, со својата јасна просторна идентификација, слоевитост и материјална автентичност, обезбеди идеални услови за истражување на односот меѓу локацијата, процесот и репрезентацијата.

Во контекст на современата архитектонска пракса, ваквиот тип на работилници ја нагласува важноста на интеграцијата меѓу теренската анализа, концептуалната разработка и експерименталната презентација. Тоа не е само образовна активност, туку и модел за истражување на архитектурата како медиум, кој може да комуницира преку повеќе нивоа – од физичката материја на теренот, до апстрахираниот објект во изложбен простор.

Автор: ас. м-р Ана РАФАИЛОВСКА, Архитектонски факултет – Скопје, при УКИМ

Автори на фотографиите: Мила Гавриловска, ас. м-р Теа Дамјановска

Референци

  • Cattaneo, E. C. (n.d.). About. Elisa Cattaneo. https://www.elisacattaneo.com/about
  • Degli Esposti Architetti. (n.d.). Studio overview. Degli Esposti Architetti. https://dearchitetti.it/degli-esposti-architetti-studio/
  • Holt/Smithson Foundation. (n.d.). Robert Smithson, “A Nonsite (Franklin, New Jersey)” (1968). Retrieved from https://holtsmithsonfoundation.org/robert-smithson-nonsite-franklin-new-jersey-1968
  • Rendall, J. (2006). Site-writing: Enclosure. In Space, Site, Intervention: Situating Installation Art (pp. 16–25). Minneapolis: University of Minnesota Press.
  • Smithson, R. (1996). The Collected Writings (J. Flam, Ed.). Berkeley: University of California Press. (Original works published 1966–1973)
  • Smithson, R. (1968). A Sedimentation of the Mind: Earth Projects. Artforum, 7(1), 44–50.

Испрати коментар

Scroll To Top