Јадранското море со векови го разладувало Медитеранот, но денес ова море кон југот испраќа потопли води бидејќи многукратно повеќе се загрева од климатските проекции. Температурите на длабоките води на Јадранот кои инаку се очекувале на крајот на 21-виот век, веќе сега се сериозна закана по екосистемите, климата и крајбрежните заедници, покажува истражувањето на научниците од Хрватска, Италија и Словенија.
Научниците од хрватскиот институт „Руѓер Бошковиќ“ (IRB), во склоп на едно меѓународно истражување ги анализирале податоците собрани во Јужнојадранската котлина (најдлабокиот дел на Јадранот, и дошле до заклучок дека темпертурата на морето на длабочина од 1.000 метри пораснала за 0,8°C во изминатата деценија, додека салинитетот се зголемил за 0,2 единици (PSU). Ова може да укажува на трајна промена на климатскиот режим во медитеранскиот регион, а посебно е важно да се нагласи дека загревањео забрзува – стапките на затоплување на длабоките води порано биле околу 0,2 °C во еден век, додека во периодот од 2012 до 2024 година пораснале на дури 0,8 °C во една деценија, се вели на сајтот на институтот.

IRB објаснува и дека Јадранското море функционира како природен „термостат“ на Медитеранот, бидејќи влијае на температурните обрасци на целото подрачје. Но, традиционално ладната вода која се формира кај хрватските крајбрежја сега станува се потопла и посолена пред да го започне своето патување кон југ, па наместо ладење на длабоките медитерански води, Јадран испраќа потопли води кои дополнително го загреваат целиот систем. Промените во длабоките води веќе сега влијаат на биодиверзитетот, посебно на видовите кои се прилагодени на животот во длабоките, ладни води. За разлика од копнените животни кои можат да се преселат кон север кога климата се затоплува, овие видови се заробени во длабокото море, објаснуваат од IRB.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија