Насловна / Вести / Квалитетна градба предуслов за стабилни објекти при силен земјотрес

Квалитетна градба предуслов за стабилни објекти при силен земјотрес

strucen-forum_pretsedavaci

За квалитетна градба, која е клучна за стабилни објекти при силен земјотрес, важно е да се почитува целосно законската регулатива. Само така објектите што се проектираат и градат ќе може да се сметаат за сеизмички отпорни. Особено ранливи од земјотресите се доградбите на постарите објекти без дополнително зајакнување.

Тоа се дел од ставовите изнесени на денешниот стручен форум на тема „Сеизмичка отпорност на градбите“, што се одржува во Скопје, во организација на Градежниот факултет во Скопје, Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии „Скопје“ ад Скопје (ЗИМ), Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) и Цементарница УСЈЕ.

strucen-forum-1

Директорот на ИЗИИС Михаил Гаревски оцени дека сите нови градби во државава би требало многу лесно да издржат земјотрес како во 1963 година во Скопје, што и се покажало при неодамнешните земјотреси кога, како што изјави, имаше козметички оштетувања.

Според Гаревски, во Македонија моментно имаме една од најсигурните градби во  регионот па дури  и во Европа затоа што од 2014 година за секој објект кој се гради до 300 квадрати се прави контрола на проектот, а  над 300 квадрати и двапати на терен.

– И без тоа традицијата на Македонија по земјотресот од 1963 година е голема и градбите се генерално добри, особено  поновите градби се подобри од оние градени по 1963 гоидина во Скопје. Најнедефинирани и најделикатни се објектите градени пред земјотресот, а кои се надградувани. Ако имате  објект проектиран за два ката, а додадете уште два  тоа не би било поволно освен ако не се зајакне детално и санира, рече Гаревски.

При контролите што досега ги направил Институтот на четири до пет милиони квадратни метри проекти имало многу малку забелешки.

strucen-forum-2

Дарко Мославац, декан на Градежниот факултет во Скопје, рече дека клучни за сеизмичка безбедност на градбите се знаењето, почитувањето на стандардите и одговорноста на сите учесници во планирањето, проектирањето и изведбата на објектите, но треба да се води сметка и за постојните објекти и да се утврди нивната сеизмичка ранливост. – Доколку има потреба особено ако се работи за некој јавен објект, особено постар, ако се знае неговата сеизмичка ранливост би можело да се преземат одредени мерки за негово сеизмичко зајакнување, рече Мославац.

За успешно асеизмичко проектирање на конструкциите, смета Мославац, е важно и познавањето на геолошките карактеристики на почвата. Препорачува  да се спроведуваат долгорочни хидрогеолошки мониторинзи на  подземните води, да се зајакне и да се прошири геодетскиот мониторинг на постојните свлечишта. Со тоа би можеле да се формираат карти на носивост на тлото и на микросеизмичко реамирање, кои се важни за сеизмички стабилни и сигурни објекти.

strucen-forum-3

Борис Таневски, директор на Заводот за испитување материјали и развој на технологии, укажа дека е непоходна ригорозна контрола од надлежните институции на квалитетот на градежните материјали што се вградуваат, особено во конструктивните носечки елементи на градбите, со што дополнително ќе се гарантира нивната сигурност и при силни земјотреси.

При градбите, истакна, е важно да се одбере тип на цемент што ќе биде соодветен за објектот. Македонскиот цемент, посочи Таневски, е квалитетен, но 20 до 30 проценти од цементот што се користи во државава се увезува од Турција, Бугарија и  Албанија, а на тој цемент се врши малку контрола, рече Таневски. Потребна е, смета тој, поголема контрола и на арматурата што се користи која е увозна. Контролата може да се изврши по барање на инвеститорот.

Извршниот директор на Цементарница УСЈЕ Борис Хрисафов посочи дека цементот учествува со помалку од три проценти во цената на станбено деловен објект. Не вреди да се ризикува со вградување материјали со помала цена, а со понизок квалитет бидејќи сите внатрешни елементи може да се заменат, но штедењето во конструкцијата може да има катастрофални последици, изјави Хрисафов.

Учесниците на форумот се согласија дека само со интезивна стручна дискусија и соработка на оваа тема ќе се зголеми свеста во општеството за значењето на сеизмички отпорната градба, како и за потребата од дополнително подигнување на стандардите и квалитетот на градењето со што ќе се одговори на потребите на современото живеење.

Испрати коментар

Scroll To Top