Насловна / Архитектура / Куќата Hidden Island Retreat – најдобар можен одговор на пејзажот на Нов Зеланд (ВИДЕО)

Куќата Hidden Island Retreat – најдобар можен одговор на пејзажот на Нов Зеланд (ВИДЕО)

Скриена во ридот и навидум лебдејќи над езерце, куќата Hidden Island Retreat ужива во панорамски поглед на планини, езера, ридови и пасишта. Проектирана од Francis Whitaker од бирото Mason & Wales Architects во соработка со неговиот колега Hamish Muir, Hidden Island Retreat е моќна композиција од архитектонски форми и материјали одлично сместена во еден од најубавите пејзажи на Нов Зеланд.

На само 20 минути од Квинстаун, овој модерен дом е проектиран да привлекува погледи од сите правци, поради неговата локација во подножјето на планинскиот венец Ремаркаблс, покрај бреговите на езерото Вакатипу и веднаш до голф терен. Во планот на округот Квинстаун, областа е официјално опишана како „извонреден природен пејзаж“, што значи дека проектот и изградбата на овој објект барале дополнително посебно внимание.

Со површина од 800 квадратни метри, Hidden Island Retreat е голема куќа, плус има уште 200 квадратни метри тераси и веранди, па затоа нејзината форма и материјали се настојувало да бидат дискретни кога се гледаат од соседните имоти, теренот за голф и од езерото, планините и небото. „Архитектонскиот јазик и палетата на материјали реагираат на природната околина и потчинети се на природниот пејзаж“, објаснува Hamish. „Ја издлабивме куќата во ридот за да ја минимизираме нејзината висина за да се вклопи во околината.“

Користењето на рецесивни бои на фасадата – топли кафеави и сиви тонови – помогнало формата да се вклопи во пасиштата, локалната вегетација и планинската позадина. „Обликувањето се поврзува со карпестиот пејзаж и назабените рабови на планините. Каменот, металот, дрвото и стаклото помагаат да се создаде композиција што хармонично се вклопува во пејзажот“, додава Francis.

Ископувањето во цврста карпа ја направило изградбата на овој дом многу сложена. „Моравме да ја минираме и исечеме карпата“, објаснува изведувачот Peter Campbel од компанијата изведувач Triple Star Management Construction and Building. Но, сложеноста воглавном била предизвикана од самата тежина на кровната конструкција, што го прикрива тенкиот профил и лесниот изглед на кровот. Кровот морал да биде конструиран да прими значителна количина чакал што е расфрлан по целиот покрив, правејќи ја формата да изгледа повеќе како дел од пејзажот гледано од воздух и кога се гледа од планините.

На врвот од имотот, од природно езерце мал воден пат се слева до вештачко рефлектирачко езерце кое се наоѓа под куќата и од одредени агли прави објектот да изгледа како да лебди над вода.

„Врската на куќата со надвор беше многу важна бидејќи локацијата може да биде изложена на ветер, особено кога се спушта низ езерото од Квинстаун, но успеавме да создадеме доволно засолништа од интензивните ветрови, што се гледа во централниот двор, терасите и просторот за џакузи кој е намерно скриен“, објаснува Francis.

„Во однос на распоредот, проектантската задача беше да се создадат приемни простори за сместување на посетителите во посебно крило, подалеку од зградите“, додава. „Тоа е идеална конфигурација за секој што живее во оваа средина бидејќи е вистинска дестинација. Требаше да им го олесниме престојот на гостите подолго од само една ноќ, така што куќата повеќе личи на планинарски дом.“

Двокатното крило е свртено кон планините на исток, а еднокатното крило е свртено кон езерото на запад. „Западното крило ги содржи главните дневни простори и засебно крило за гости кое може да се затвори“, објаснува Hamish. „Горното ниво се наоѓа на врвот од гаражата и има главна спална соба, приватен дневен боравок и две други спални соби, секоја со своја приватна тераса, а секој дневен боравок го следи патот на сонцето.“

„Скалите се навистина важен дел од проектот“, вели Hamish. „Конзолно поставени на сребрен травертински ѕид, тие се спуштаат од дрвениот под на горниот кат до базалитот на долниот кат.“ Тука, голема кујна, со централен остров може да се отвори или затвори од соседните простори, вклучувајќи ја трпезаријата, сончевата соба и надворешната тераса.

Низ целиот дом, едноставна палета на материјали одговара на природната средина. Главната форма на куќата е обложена со локален шкрилец од Александра, вдлабнати прозорци, фасади и големи настрешници од алуминиум со прашкаст премаз и одредени делови со облога од кедар, што помага во намалувањето на визуелната маса на камените ѕидови. Внатре, подовите се протегаат од брусен син камен Тимару во главната кујна и дневните простории до дабови дрвени подови во ходникот и на горниот кат, и волнени теписи на подовите во спалните соби.

„Сопственикот на куќата сакаше куќа што може да одржува 28–29 степени во зима бидејќи поминува многу време во Азија и сака топла средина“, вели Peter. Сепак, со оглед на екстремната клима околу Квинстаун – која може да се движи од многу топла и сува во лето до огромен студ и снег во зимските месеци – била неопходна високо ефикасна термичка обвивка, со голема изолација, херметичка непропустливост и топол кров – за да се овозможи регулирањето на внатрешните температури.

„Кога имате многу застаклување, големи шуплини и студени зими, потребни се најсовремени системи за греење“, вели Peter. Куќата користи систем за греење со геотермална енергија, кој вклучува дупчење осум дупки длабоко 100 метри во земјата. „Ја земаме топлината од земјата, ја зголемуваме со топлинска пумпа и ја користиме за загревање на внатрешниот простор, а исто така користевме една од тие дупки за да црпиме вода за напојување на езерцето.“

Фотоволтаични соларни панели исто така се поставени на куќата, поставени се ниско да не се гледаат, додека максимално се користи енергија од сонце за да се обезбеди електрична енергија за домот, иако не е целосно исклучен од електричната мрежа.

„Кога ќе се соочите со ваква толку посебна локација – на врв на гребен со многу малку градби околу – всушност сте слободни да создадете најдобар можен одговор на пејзажот“, сугерира Francis. „Беше возбудливо и исклучително задоволство да се добие толку извонредно парче земја и толку посебна можност да се проектира објект како овој.“

Испрати коментар

Scroll To Top