Насловна / Архитектура / Куќа во Подмосковље: Поврзување помеѓу природата и човекот преку архитектура

Куќа во Подмосковље: Поврзување помеѓу природата и човекот преку архитектура

Оваа куќа на две нивоа со површина од 330 квадратни метри, сместена во населбата Лесној Пејзаж во Подмосковље, Русија, не е само дом, туку и простор што ја слави убавината на природата, архитектурата и современиот дизајн, создавајќи единствена атмосфера за младо семејство составено од мајка, татко, ќерка, нивните две кучиња и мачка.

Објектот е проектиран и реализирана од архитектонското биро 80/88 од Москва.

Околните дрвја влијаеле на геометријата

Како што објаснуваат архитектите, сложената геометрија на основата на куќата е предизвикана од фактот што на парцелата растеле многу убави и големи дрвја и клиентите сакале да ги зачуваат.

Куќата е проектирана со големи панорамски прозорци во дневниот и трпезарискиот дел на објектот, како и во главната спална соба со бања, со поглед на парцелата и шумата.

„Кога влегуваме во куќата, гледаме простор на две нивоа со скали, од каде што се гледа и парцелата од дневната соба, но и ходникот на вториот кат, кој е проектиран како галерија за уметнички дела“, објаснуваат проектантите.

Минималистички ентериер по желба на клиентите

Како што наведовме, ентериерот е проектиран за младо семејство со ќерка, две кучиња и мачка. Клиентите имаат сопствено производство на глобуси и со голема почит ја чуваат гипсената макета од нивниот прв глобус, за која архитектите подоцна пронашле посебно место во работната соба на горниот кат.

„Клиентите сакаа ентериерот да биде во минималистички стил. Ќерката сакаше црн ѕид и цртеж во ‘loft’ стилот. Ова ни овозможи да ја проектираме детската соба во стилот на целиот ентериер на куќата“, вели архитектот кој е на чело на одделот за ентериер на бирото 80/88.

Една од специфичностите на овој проект е тоа што во куќата се проектирани два камини – надворешниот камин е интегриран во столбот на терасата, додека другиот камин е сместен во внатрешноста и „лебди“ во просторот на дневната соба – без да го попречува погледот на терасата и парцелата.

„Патем, оџакот на овој камин поминува низ спалната соба на горниот кат, намерно не го сокривме, туку напротив, го вклопивме во композицијата со остатокот од мебелот. Како поддршка на црниот оџак, се појавија црни или темни елементи во форма на лежалки и слики во контраст со белите ѕидови, како и голема темна стаклена преграда“, објаснуваат архитектите.

Исто така тие истакнуваат дека, главната задача во овој проект била поврзувањето помеѓу природата и човекот преку архитектурата. Поради тоа, во зима ентериерот е построг и поелегантен, а во лето е пожив и полн со бои. Затоа било тешко да се одлучат кога е најдобро да се фотографира куќата, и затоа бирото 80/88 приложува и зимски и есенски фотографии.

„Лично ми се допаѓа идејата за користење на микроцемент, како материјал без шевови на подот на приземјето. Така, на приземјето, ходникот „се прелева“ во дневната соба-трпезаријата, која се наоѓа на долното ниво поради релјефот на самата парцела. Од ходник се влегува и во спа-зоната со сауна, каде што микроцементот исто така се користи на подот“, објаснуваат од 80/88.

Наместо дрвени подови – дрвен таван

Мирните нијанси во ентериерот ја истакнуваат тишината на природата и убавината на пејзажот и архитектурата на куќата. Топлите нијанси на дрвото на ѕидните панели на влезот, кујните направени од дрво, даваат топлина и контраст на просторот и ја неутрализираат студената нијанса на микроцементот.

„Во главната спална соба, наместо дрвени подови, употребен е дрвен таван. Сè заедно со белите ѕидови и белите врати до таван ја формираат општата композиција на ентериерот“, велат архитектите.

Архитектите посочуваат и на исклучителната соработка со клиентите кои биле многу креативни и отворени за нови идеи. Нивното разбирање на естетиката и довербата во работата на архитектите придонело за успехот на проектот, што резултирало со куќа што совршено го одразува начинот на живот на ова младо руско семејство.

Испрати коментар

Scroll To Top