Насловна / Архитектура / Куќа од плута – со иновации до подобра животна средина

Куќа од плута – со иновации до подобра животна средина

Во деновите непосредно пред почетокот на Самитот за климата на Обединетите нации (UN COP25 Climate Summit) на 2.12.2019 во Мадрид, во четврток, 28.11.2019 Парламентот на Европската Унија во Стразбург ја изгласа симболичната декларација со која прогласува вонредна состојба во однос на климата на својата територија.  Според оваа декларација Парламентот на ЕУ бара од Европската комисија да донесе соодветни законски мерки и да одвои наменски буџетски средства во ЕУ врз основа на кои ќе се овозможи исполнување на определбата за ограничување на нивото на глобалното затоплување на 1,5 °С, да се намали емисијата на штетните гасови во атмосферата за 55 % до 2030 година и да се достигне ниво на јагленородна неутралност до 2050 година.  Последново значи дека од 2050 година веќе нема да може да се испуштаат повеќе штетни гасови во атмосферата од количеството коешто атмосферата природно може да ги апсорбира.

13

Во една исклучителна година во која климатските промени, загадувањето и нарушувањата на животата средина станаа предмет на уште поголема загриженост и незадоволство кај пошироката јавност низ целиот свет, веројатно е од интерес да се прикаже обид за тоа како негативните ефекти во доменот на изградената средина веројатно можат да се намалат и со тоа да се поддржи реализацијата на определбите за ограничување на глобалното затоплување, намалување на емисиите на штетни гасови и воспоставување на јагленородна неутралност.

Годинава проект на мал експериментален индивидуален станбен објект го привлече вниманието на стручната јавност во Велика Британија. Станува збор за проектот на Куќата од плута (Cork House) на Метју Барнет Хауланд, со Дидо Милне и Оливер Вилтон (Matthew Barnett Howland with Dido Milne and Oliver Wilton). Овој реализиран проект е добитник на Награда на Кралскиот институт на британските архитекти за јужниот регион за 2019 година (RIBA South Award 2019), Награда за одржливост на Кралскиот институт на британските архитекти за јужниот регион за 2019 година (RIBA South Sustainability Award 2019), Национална награда на Кралскиот институт на британските архитекти за 2019 година (RIBA National Award 2019), Наградата Стивен Лоренс за 2019 година (Stephen Lawrence Prize 2019), но и е влезен и во најтесниот избор за Стирлинговата награда за 2019 на Кралскиот институт на британските архитекти (RIBA Stirling Prize 2019) и е влезен во најтесниот избор за Наградата за куќа на годината за 2019 година на Кралскиот институт на британските архитекти (RIBA House of the Year 2019).

12

ПРВ ПРОЕКТ ОД ВАКОВ ВИД

Станува збор за мал правоаголен приземен објект со корисна површина од само 44 квадратни метри со натстрешница, влез, бања, повеќенаменски простор со мала кујна, простор за јадење и простор за седење, и една двокреветна спална соба.  Кровот на објектот е од составен од пет „прирамиди“ каде „отсечениот“ врв е заменет со натсветло, така што објектот по својата силуета наликува на пет меѓусебно поврзани, квадратни во основа, силоси.  Самиот објект е лоциран во рамките на парцелата на стара мелница, во Кралската грофовија Беркшаја (Berkshire) која датира од почетокот на 19-тиот век и е заштитен објект на градителско наследство од втора категорија. Скромниот по големина нов објект ненаметливо се вклопува, но и едновремено прекрасно го отсликува и почитува своето опкружување, како по однос на својата форма и големина, така и по однос на својата конструкција.

8

Проектот се смета за прв од овој вид и претставува плод на соработка на проектантското ателје на МПХ архитектите (MPH Architects) со Бартлетовата школа за архитектура при Универзитетскиот колеџ Лондон (The Bartlett School of Architecture, University College London), и други научно-наставни, научноистражувачки и консултантски организации во земјата.

Како главен градежен материјал за изградбата на овој објект била користена плутата, и тоа како за носивите ѕидови на објектот, така и за изработка на кровната конструкција.  За потребите на објектот биле направени градежни блокови од експандирана плута при што како суровина биле користени придружните производи и отпадоците од шумарството посветено на одгледување на дрва за производство на плута, како и од индустријата за прозводство на тапи од плута.  Како дополнителен градежен материјал биле користени и фабрички произведени носиви елементи од дрво.

10

МАТЕРИЈАЛИ КОИ МОЖЕ ДА СЕ РЕЦИКЛИРААТ

Сите компоненти од кои е изграден овој објект можат повторно да бидат употребени по нивната демонтажа или пак да бидат рециклирани.  Како поддршка кон овие определби оди и избраниот пристап за изградбата на објектот којшто исто така овозможува и лесна рачна изградба и лесна рачна демонтажа.

15

Внатрешноста на објектот ја карактеризираат ѕидовите од блокови од природна плута и подот од дабово дрво во комбинација со натсветлата коишто овозможуваат природно осветлување во текот на целата година.  Изборот на материјалите го поддржува чувство на опкруженост со природата преку искористените природни материјали, а коишто дополнително го промовираат чувството на топлина и сигурност во текот на зимските месеци.  Во надворешното обликување на објектот исто така доминира плутата во комбинација со хоризонтални дрвени даски на кровот коишто служат како делумна заштита и дефелктори за пренасочување за дождовите.

При проектирањето и изградбата на објектот особено внимание било посветено на анализата на јагленородот за целиот животен век на објектот којшто во овој случај е исклучително низок и го прави објектот јагленородно негативен.  Ова е исклучително големо достигнување, и може да претставува инспирација за тоа кон изградба на какви објекти треба да се стремиме во иднината, за да ја заштитиме и очуваме животната средина и нашата планета не само за сегашните туку и за идните генерации.

5

Објектот е добитник на Наградата Стивен Лоренс за 2019 година, под покровителство на Марко Голдшмид Фондацијата (Marco Goldschmied Foundation) воспоставена во 1998 година со која се наградува новиот, експериментален архитектонски талент и се прославуваат проектите со градежна вредност помала од 1 милион фунти (околу 1,1 милион евра).

16

За Марко Голдшмид, основачот на Наградата Стивен Лоренс: „Куќата од плута е уникатна фузија на антички методи на изградба и напредно техничко истражување за да се добие високо иновативно ниско јагленородно решение со широка палета на примени од масовно домување до засолништа за вонредни состојби.  Ние сме почестени да им ја врачиме на Метју Барнет Хауланд, со Дидо Милне и Оливер Вилтон Наградата Стивен Лоренс за 2019“.

18

Без сомнение во годината на прогласување на Климатска вонредна состојба, куќата од плута покажува како преку иновативна примена на традиционални градежни материјали базирани на природни суровини во комбинација со технолошки новини во доменот на нивната изградба и примена можат да се постигнат нови решенија коишто ќе придонесат за ублажување на последиците од климатските промени и ќе придонесат за создавање на јагленородно неутрална иднина.  Се разбира овој објект не е само добар поттик туку е и показател за нов почеток во Новата 2020 година.

4

1

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top