Насловна / Архитектура / „Крестовски“ – eдна од најмодерните и најудобните арени во Европа

„Крестовски“ – eдна од најмодерните и најудобните арени во Европа

Во 2004 година Санкт Петербург ја донесе одлуката за нов стадион на фудбалскиот клуб „Зенит“ на местото на стариот стадион „Киров“ на Крестовскиот Остров. Распишан е меѓународен архитектонски конкурс на кој победил реномираниот јапонски архитект Кишо Курокава со еволуцијата на неговата идеја за јапонскиот стадионот „Тојота“.

11_resize

Кон крајот на 2006 година е урнат фудбалскиот стадион и на негово место е започната изградбата на „Крестовски“. Стадионот е еден од последните проекти на Курокава, кој почина во 2007 година, набрзо по отпочнувањето на изградбата. Неговата идеја била стадионот да потсетува на вселенски брод кој се спуштил на брегот на Финскиот Залив.

4_resize

Предвиден е да биде домаќин на натпреварите во групната фаза, полуфиналето и мечот за трето место. Стадионот долго се градел, претрпел неколку измени на проектот и контроверзии околу цената на чинење, наводно неговата цена изнесува 1,2 милијарди долари што го прави најскап стадион на светот. Првиот официјален натпревар е одигран во април 2017 година, кога фудбалскиот клуб „Зенит“ беше домаќин на „Урал“ за натпревар во лигата.

12_resize

Но како и да е, сите квалитетни нешта се проследени со многу приказни и имаат своја висока цена, а стадионот „Крестовски“ е еден од најсовремените и најиновативните стадиони во светот.

Проектот е повеќепати менуван и прилагодуван, а во 2010 година руското проектантско биро Моспроект- 4, кое има долгогодишно искуство во проектирање на спортски објекти, го изработува конечниот проект и го усогласува со стандардите и барањата на ФИФА.

2_resize

Стадионот претставува синтеза на најсовремени архитектонски и технички решенија. Покривот е направен од комбинација на стакло и титаниум носен од 8 закосени армиранобетонски столбови, високи 110 метри, налик на јарболи, кои продираат низ трибините, го надвишуваат покривот и прават да изгледа дека речиси лебди во воздухот. На столбовите се поставени челични затеги кои ја носат покривната конструкција. Највисоката кота на покривот е 79 метри и во делот над спортскиот терен е отворен, но е подвижен, така што го претвора стадионот и во затворен простор, што во климатските услови на Санкт Петербург е голема предност. Тоа овозможува да се одржуваат настани преку целата година, бидејќи температурите во стадионот ќе останат умерени. Исто така, опремен е со мембранска структура наполнета со топол воздух која ќе го топи снегот во текот на зимата. Подвижното поле на покривот е со димензии 120/80 метри и се движи преку електрични мотори со помош на воздушни перничиња. Освен за фудбал предвидено е стадиониот да се користи и за други спортови и за културни манифестации. Поради тоа постои можност фудбалскиот терен од 10.750 м2, привремено да се премести надвор од стадионот и да „одмора“ покрај реката Малаја Нева. Теренот е тежок 8.400 тони и се преместува со помош на роло платформа.

7_resize

Капацитетот на стадионот кога се играат фудбалски натпревари е 68.000 гледачи, а може да прими 82.000 гледачи за време на театарски претстави или концерти. Седењето е организирано во две нивоа, долно ниво со 22.000 места и горно ниво со капацитет од 46.000 гледачи. Вкупно 14.270 седишта се резервирани за навивачите, 560 седишта за гледачи со ограничена подвижност, како и 104 луксузно дизајнирани ВИП-ложи. Во склоп на стадионот има и осум барови и осум ресторани во кои се обезбедени 4.962 седишта за гостите. Површината на стадионот не сметајќи го теренот изнесува 166.300 м2.

1_resize

Конструкцијата на стадионот тежи 32.000 тони, што е еквивалентно на тежината на четири Ајфелови кули. Количината на бетон што е користена за изградбата е пет и пол пати повеќе од онаа за градење на стадионот Вембли.

Фасадата на стадионот има сребрено-сива боја постигната преку алуминиумски композитни панели.

Во внатрешноста на стадионот постои паркинг за 240 возила, додека има дополнителни 2.732 паркинг-места во рамките на локацијата на стадионот.

13_resize

И покрај голем број контроверзии за време на изградбата на стадионот, Санкт Петербург доби една од најмодерните, најубавите и најудобните арени во Европа. Гостите на Светското првенство несомнено ќе уживаат во посетата на стадионот, но и во посетата на Санкт Петербург воопшто.

8_resize

СТАДИОНОТ „КРЕСТОВСКИ“ ПРЕКУ БРОЈКИ

  • Највисоката кота на кровот е 79 метри
  • Висината на закосените армиранобетонски столбови е 110 метри
  • Игралиштето тешко 8.400 тони се преместува со помош на роло платформа
  • Претпоставената цена на чинење е 1,2 милијарди долари

10a_resize

3_resize

9_resize

10_resize

 

Еден коментар

  1. Даниела

    Браво за целата серија написи за стадионите! Прекрасно

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top