Насловна / Вести / Kонзерваторско-реставраторски активности во битолската Јени џамија

Kонзерваторско-реставраторски активности во битолската Јени џамија

jeni dzamija_2

Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците и музеј – Битола, годинава ќе ја реализираат третата фаза од проектот за адаптација на ентериерот на Јени џамија во галериски простор, еден од највредните културно-историски споменици кој со векови го краси центарот на Битола. Третата етапа од реализацијата подразбира препокривање на објектот и покривање и презентација на археолошките остатоци околу него.

Во 2016 година е планирана конзервација и реставрација на фасадата и на дрвенаријата на објектот, а за 2017 година се очекува целосна реализација на проектот со конзервација и реставрација на фасадата и на дрвенаријата на тремот. Заводот и музеј – Битола, во согласност со предвидената динамика, во изминатиот период изведе подготвителни работи околу реализацијата на проектот. Се пристапи кон адаптација на просторот со поставување плочки и со партерно уредување, оформување на влезна партија во ентериерот и поставување на сувенирница и портирница во внатрешноста.

jeni dzamija_1

Современото користење на објектот, со презентација на археолошките остатоци во корелација со уметничките дела изложени во галеријата и со единствен приказ на културното живеење во Битола, ќе претставува значаен придонес во збогатувањето на културната и туристичката понуда на градот.

Археолошките истражувања на оваа локација потврдуваат дека Јени џамија (1558/1559 г.) е изградена над остатоците на сакрален објект датиран, според фазите на градба, во периодот од XI век до XIV век. Во литературата се зачувало преданието дека на ова место во Битола постоела црква посветена на св. Ѓорѓи.

Испрати коментар

Scroll To Top