Насловна / Вести / Ќе се продаваат 1.000 државни деловни објекти

Ќе се продаваат 1.000 државни деловни објекти

drzavni kancelarii

За 1000 државни деловни простории лоцирани во 19 градови низ Македонија утре ќе биде објавен оглас за продажба по пат на електронско јавно наддавање. Објектите се со вкупна површина од 7.253 метри квадратни и почетна проценета вредност од над 300 милиони денари.

Со огласот, што ќе трае 30 дена, почнува постапката за продажба на вкупно 1.000 деловни простории на државата за чија продажба Владата донесе одлука на барање на бизнис заедницата.

– На оваа проблематика се работеше повеќе месеци и е директен одговор на бизнис-заедницата подолг временски период кон Владата и институциите.Сметаме дека со продажбата на деловните простории во сопственост на државата на приватниот сектор ќе дадеме дополнителен импакт за можностите за нивен раст во дејностите што ги  стопанисуваат, а се разбира даваме и поголеми можности и услови воопшто за подобрување  на самата бизнис клима, но и конкретно на перформансот на деловните субјекти кои ќе аплицираат и ќе ги купат објектите, – рече денеска на прес-конференција портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.

Најголем дел од деловните државни простории опфатени со претстојниот оглас се во Скопје 22, по што следуваат Кичево со 11, Куманово девет, Тетово и Битола осум, Штип седум… Листата  на сите простории, точната локација и почетната проценета вредност ќе бидат објавени во огласот и ќе бидат достапни на веб страниците на Владата и на Министерството за транспорт и врски.

Заинтересираните домашни и странски правни субјекти и физички лица  треба да достават апликација за учество на јавните наддавања и банкарска гаранција во висина од два проценти од проценетата вредност на објектот. Правните субјекти приложуваат доказ за регистрација од Централниот регистар, а физичките лица за државјанство на Република Македонија. По  пријавувањето преку електронскиот систем  ќе добијат податоци  за  денот и часот на одржување на јавната електронска аукција.

– Оној субјект којшто ќе понуди највисока цена на наддавањето ќе се стекне со право да го купи просторот  и во период од 15 дена да склучи договор со АД за стопанисување со станбен и деловен простор и да ги уплати средствата во висина на постигната највисока вредност на јавната електронска аукција, – појасни Ѓорѓиев.

По првичниот пакет, најави тој, во следниот период ќе се селектираат и други со останатите деловни простори во сопственост на државата.

Испрати коментар

Scroll To Top