Насловна / Арт и дизајн / Изложба на карикатуристот Боро Пејчинов – Мајсторисување со едноставноста

Изложба на карикатуристот Боро Пејчинов – Мајсторисување со едноставноста

Во Музеј на град Скопје на 11. 12. 2020. (петок) во 12:00 часот; (Галерија Љубомир Белогаски) ќе се отвори изложбата Боро Пејчинов / Мајсторисување со едноставноста

На изложбата ќе бидат презентирани оригинали и дигитални принтови од карикатурите на Пејчинов објавувани најповеќе во периодот 1970 – 1974 година. Целта на ова запознавање со творештвото на еден од најзначајните македонски карикатурист е повторно соочување со времето од доцната модерна уметност кај нас и нејзиното влијание и модели на реализација во еден масовен медиум каква што е карикатурата.

IMG_3636 [HD]_resize

На отворањето ќе биде презентирана и монографијата за Пејчинов која е составен дел од проектот.

Отворањето и текот на изложбата се организирани со сите протоколи за заштита од Ковид 19.

* * *

Боро Пејчинов (Баница, Леринско, Грција,1942 – Скопје, 2011) е македонски карикатурист, сатиричар, филмски режисер, сценарист, сценограф, аниматор, стрип цртач, илустратор и дизајнер.

Материјалот со кој се занимава оваа изложба е дел од творештвото на Боро Пејчинов. Во најголем број случаи станува збор за дела објавени во весникот „Остен“, во периодот 1970 – 1974 година. Тоа е значаен период како за неговиот личен развој и пробиви во светот на визуелниот јазик на карикатурата, така и за историјата на карикатурата кај нас. За жал, најголем дел од оригиналите од неговото творештво се изгубени или уништени и единствен извор за нив беа објавените карикатури и илустрации од броевите на „Остен“ од каде што, како визуелен податок, ги преземавме.  Овој проект на презентација на дел од едно релевантно ликовно творештво е со надеж дека на овие дела, надвор од реалноста на оригиналите, како инаков визуелен податок, како нова пластична форма или нова пластична реалност (печатењето во определени формати за потребите на изложбата и присуството во овој каталог) на овие дела ќе им биде овозможено повторно да стапат во контакт со современата публика во формат на презентација на вредности кои мораат да бидат присутни во колективната свест на јавноста.

IMG_3626 [HD]_resize

Спецификите на авторскиот израз и јазикот на карикатурата на Боро Пејчинов профилираат стилска структура со крајно поедноставена стилизација на линијата, со набој и интензитет на некакво примарно, рудиментарно, „инфантилно“, робусно вибрирање во контролирано „бруталистичко“ диктирање и движење на цртежот. Оваа специфична стилизација, компонирана како поедноставена и рудиментарна линеарност, од една страна е директно плод на епохата кога се практикуваа сродни изразни практики, но, од друга страна, е резултат на ликовната посветеност на Пејчинов во градењето и култивирањето на сопствениот  јазичен модел во карикатурата, што својата полна зрелост ќе ја оствари во најреферентниот период од неговото творештво – првата половина од седумдесеттите години на минатиот век.

IMG_3616_ton [HD]_resize

На тој начин, линијата и линеарноста, како основен градбен елемент во јазикот на карикатурата воопшто, Пејчинов ја „црпи“ и ја култивира постепено до ниво на структуриран јазичен модел што повеќе години суверено ќе го владее и експлоатира како негов личен авторски израз и препознатлив придонес на сцената на карикатурата кај нас во шеесеттите и, најмногу, во седумдесеттите години од 20 век. Еднаш совладан и заокружен, овој модус потоа суверено ќе го користи не само во карикатурата, туку и во другите дисциплини што ги практикува, илустрациите и анимираните филмови. Со тоа Пејчинов се вбројува во врвот на македонската карикатура од тоа време, упатувајќи на фактот дека релевантната карикатура и карикатуристите се препознатливи според високиот степен на кодифициран ликовен израз, структуриран линеарен ракопис во цртежот што претставува базично средство во креирањето на дисциплината.

Испрати коментар

Scroll To Top