Насловна / Арт и дизајн / Изложба Mute+Unforbidden Colors во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп

Изложба Mute+Unforbidden Colors во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп

Во недела (17 јули) во 20 часот, во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложбата MUTE + UNFORBIDDEN COLORS на визуелниот уметник Мирна Арсовска и историчарот на уметност Дејан Буѓевац под заедничко име THE EX-ORPHANS.

Инсталацијата содржи две видео остварувања и еден поетски текст насловен како „Смртта знае“.MUTE_info3

Поставката претставува еден вид на социо-визуелна „документација“, во која на еден „воајеристички“ начин преку два статични и идентични кадри се набљудува одредена секојдневна банална „состојба“ како што е „човечки грб во лежечка состојба, потпрен на внатрешната страна на прозорецот“.

Истовремено, во позадина на двата видеа се слушаат разни звуци, почнувајќи од безгрижни гласови/комуникации на возрасни и деца, автомобилски звуци, но и неколку истрели кои на еден кревок и невознемирувачки начин, уште повеќе ја потврдуваат естетизираната немост и статичната тишина на видео сликата…

Двосмислените мизансцени делуваат како да се извадоци од филмови, но на крајот, тие се самиот реален живот; факт кој понекогаш е опкружен со одредена поетска нежност.

Овие „вињети на немоста“, овие „мали“ и естетизирани визуелни „сценарија“, кондензирани до извесна безначајна напнатост, формираат композициски сегменти кои со својот сензибилизиран колорит потсетуваат на одредени маниристички аспекти од историјата на уметноста.MUTE_info1

Исечените кадри кои се по малку меланхолично рафинирани, поседуваат суптилна текстура која содржи сликарски конвенции, мек сликарски ефект, дифузна светлина во комбинација со кревки детали, пригушени бои…

Освен една фокусирана поетска индиферентност од страна на авторите, целата поставка во тематска смисла нема јасна и „препознатлива“ експлицитност, но е отворена за разни интерпретации од психо-социјален, приватен, културолошки, медиумски, општествен, теориски, уметнички аспект…

Визуелни кадри кои исполнети со необјасниво чувство на копнеж, ја преиспитуваат исто така, и сега веќе дискутабилната граница/разлика помеѓу јавното и она што се смета за приватност.

Во прашање е несвесна и кревка нијанса од нашето секојдневно постоење, подигната на ниво на остаток/недостиг/вишок кој не претендира, но е секогаш присутен како неодреденост или „чисто време“ (Жил Делез)…

Изложбата ќе биде отворена до 24 јули.

 

Испрати коментар

Scroll To Top