Насловна / Арт и дизајн / Изложба „Капка задоволство – 500 години турско кафе“ во Истанбул

Изложба „Капка задоволство – 500 години турско кафе“ во Истанбул

izlozba za kafe vo istanbul

Во музејот „Топкапи“ во Истанбул, отворена е најобемната изложба за кафето во Турција  под наслов „Капка задоволство – 500 години турско кафе“.

Изложбата се одржува под покровителство на Министерството за култура на Република Турција и ќе трае до 15 јуни. Изложени се околу 800 експонати од колекциите на Музејот Топкапи и други државни и приватни музеи и библиотеки од Турција, преку кои може да се следи културата на кафето во османлиското-турско општество од 16 до 20 век.

izlozba za kafe vo istanbul_2

Организатор на изложбата е Друштвото за истражување на културата на турското кафе од Истанбул, кое од 2008 година се залага за одржување и афирмирање на традицијата на турското кафе како вредност која живее. Со поддршка на Министерството за култура,  друштвото издејствува „културата и традицијата на турското кафе“ во 2013 година да биде вклучена на Листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО.izlozba za kafe vo istanbul_8

Кафето како пијалак е присутно во турската традиција од 16 век. Да се испие филџан кафе со некого е израз на блискост и пријателство, а како што вели една турска поговорка „еден испиен филџан кафе се памети дури четириесет години“. Како се случило кафето, чие растение според преданијата било случајно пронајдено од козите на етиопските овчари, да премине во Јемен, каде суфиските дервиши ќе го пијат за време на своите вечерни ритуали, а потоа преку Арабија да биде пренесено во тогашна Турција и подоцна преку западните колонии во Азија да се распространи во Европа и Јужна Америка?izlozba za kafe vo istanbul_6

Како низ ова долговековно патешествие кафето станало незаменлив пијалак, кој денес според потрошувачката се наоѓа веднаш по водата?  Изложбата во музејот „Топкапи“ открива еден дел од оваа приказна, делот што се одвивал на почвата на Османлиската Империја каде се создала една посебна култура на кафето, кое сега повторно се враќа на просторите на модерна Турција во некое друго модернизирано руво.

izlozba za kafe vo istanbul_3

Изложбата дава приказ на кафето почнувајќи од неговите ботанички особености, преку техниките на пржење кафе сѐ до претставување на амбиентот во османлиското општество создаден со церемонијата на служење и пиење кафе. Изложбата се состои од шест дела. Посетителите освен што имаат прилика да се запознаат со растението на кафето и разните видови кафе, разновидни направи за печење, ладење, толчење и мелење на кафето, можат да видат и историски документи со кои е прикажано неговото распространување во Европа.

izlozba za kafe vo istanbul_2

Во посебен дел на изложбата, кафето е претставено како дел од ритуалот „мерак“ на пиење кафе, во кој се изложени разни видови филџани, тацни, послужавници и наргилиња. Изложбата изобилува со минијатури, слики во масло, гравури и фотографии во кои кафето е претставено како елемент на социјализација, а посебен дел претставува изборот на сликите од творештвото на уметникот Хоџа Али Риза од стотици негови дела направени на оваа тема во првата половина на 20 век.izlozba za kafe vo istanbul_7 izlozba za kafe vo istanbul_5 izlozba za kafe vo istanbul_4 izlozba za kafe vo istanbul_1 izlozba za kafe vo istanbul_1

Испрати коментар

Scroll To Top