Насловна / Вести / Историски договор на самитот за климата КОП27, но договореното не е доволно

Историски договор на самитот за климата КОП27, но договореното не е доволно

На самитот за клима КОП 27 усвоен е договор кој вклучува формирање на фонд за помош на сиромашните земји погодени од катастрофи предизвикани од климатските промени. Сенка на самитот фрла фактот дека ништо не е направено за поинтензивно справување со причините за климатските промени, односно со емисиите на јаглерод диоксид.

Се слушна аплауз во салата на самитот на КОП 27 пред зори, со што се означи крајот на преговорите кои траеа цела ноќ.

cop1

Речиси 200 земји постигнаа историски договор за основање на фонд за земјите кои се најпогодени од климатските промени, т.н. фонд за „загуба и штета“. Станува збор за сиромашните земји кои директно се соочуваат со последиците од климатските промени, како што се бури и поплави.

Некои од потешките одлуки во врска со основањето на фондот, сепак, би требало да се донесат дури следната година, кога ќе се основа „транзициски комитет“, а кој треба да даде препораки на земјите кои потоа ќе бидат усвоени на самитот следната година, КОП 28 во ноември.

cop3

Тие препораки би се однесувале на „идентификување и проширување на изворите на финансирање“, односно би дале одговор на болното прашање – кои земји треба да уплатат пари во новиот фонд.

За време на двонеделниот самит во Шарм ел Шеик доминираа повиците од земјите во развој за формирање ваков фонд, поради што беше одложен закажаниот датум за разговорите, кои требаше да завршат уште во петокот.

cop2

Двонеделниот самит е виден како своевиден испит со кој  се тестираше решителноста на земјите да се борат со климатските промени, во време кога беснее војна на истокот на Европа, а превирањата на енергетскиот пазар и инфлацијата заземаат централно место во медиумите.

Египет, кој претседаваше со самитот, вети дека ќе се бори за сиромашните земји кои страдаат од глобалното затоплување, што во голема мера е одговорност на богатите, индустријализирани нации.

kop

ТИМЕРМАНС: НЕ СЕ ВЛОЖИЈА ДОВОЛНО НАПОРИ

Иако е договорено да се формира фонд, самитот остана во сенка на фактот дека нема да се преземат значителни чекори кога станува збор за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.

Еврокомесарот за климатски промени Франс Тимерманс изјави дека постигнатиот договор не е доволен.

„Ова е деценија во која мора да се направи клучна промена, или ќе се вратиме назад. Меѓутоа, договореното не е доволно за да се направи чекор напред за луѓето и планетата. Не е направен доволен напор со кој ќе се предвиди главните еметиери да ја забрзаат својата работа на намалување на штетните гасови“, рече Тимерманс.

Испрати коментар

Scroll To Top