Насловна / Архитектура / Индија гради спортски дистрикт: Одржлива архитектура и наследство за идните генерации

Индија гради спортски дистрикт: Одржлива архитектура и наследство за идните генерации

Во индискиот град Ахмедабад започнува реализацијата на амбициозен спортски комплекс, кој ќе биде изграден во непосредна близина на најголемиот стадион во светот – Narendra Modi Stadium. Проектот, наречен Sardar Vallabhbhai Patel Sports Enclave, ќе биде нов спортски и урбан комплекс сместен покрај бреговите на реката Сабармати.

Авторскиот тим го сочинуваат реномираните архитектонски студија BDP, Cox Architecture и Collage Design, кои го проектирале мастер планот на идниот спортски дистрикт како комбинација од градски парк и модерен спортски центар.

Комплексот се развива во пресрет на големи меѓународни натпревари – Ахмедабад ќе биде домаќин на Игрите на Комонвелтот 2030, додека Гуџарат ќе организира Светски полициски и противпожарни игри во 2029 година.

Три клучни објекти на новата спортска зона

Планот предвидува изградба на три главни спортски објекти – тениски центар, центар за водени спортови и повеќенаменска затворена арена. Сите објекти ќе бидат архитектонски обликувани така да ги реинтерпретираат елементите на традиционалната индиска градба, со примена на модерни технологии и одржливи решенија.

Посебен акцент е ставен на долгорочната употребливост, така што објектите ќе останат достапни за локалното население и по големите натпревари.

Маниша Бартиа, претставничка на студиото BDP India, објасни дека проектот има за цел да создаде инклузивна, одржлива и автентично индиска дестинација за светскиот спорт.

Нагласи дека низ поврзување на архитектонската традиција на Ахмедабад со напреден дизајн и технологија, сакаат да го надминат концептот на еднократни спортски објекти кои пропаѓаат со текот на времето и дека намерата е да се проектира простор кој ќе остане витален дел од градскиот живот со децении.

Тениски центар со покриен централен терен

Тениски центар со капацитет на централен терен од 10.000 гледачи е планиран на источната страна од стадионот Narendra Modi. Комплексот ќе вклучува два дополнителни терени со 5.000 и 3.000 места, како и поголем број терени на отворено.

Централниот терен е проектиран во кружна форма и ќе биде покриен со подигнат покрив со ткаенина што ќе обезбеди сенка и природна вентилација, со што ќе се постигне енергетска ефикасност и удобност за публиката.

Помеѓу стадионот и тенискиот центар ќе биде сместен Националниот институт за спортска извонредност, посветен на развој на млади спортисти. Објектот ќе содржи сали за тренинг, теретани, простори за опоравување, како и биомедицински капацитети.

Мултинаменска арена со 18.000 места

Затворена арена со капацитет од 18.000 гледачи е планирана за најисточниот дел од комплексот. За време на Игрите на Комонвелтот во 2030 година, во неа ќе се одржуваат натпревари во гимнастика и кошарка, додека по завршувањето на Игрите е планирано да се пренамени за концерти и други спортски и јавни настани.

Фасадата на објектот ќе биде покриена со бронзени елоксирани алуминиумски панели во форма на перфорирани паравани карактеристични за традиционалната индиска архитектура, со што ќе се постигне комбинација од современ израз и културен идентитет.

Центар за водени спортови инспириран од светлината на фестивалот Дивали

На западната страна од комплексот ќе има центар за водени спортови со застаклени фасади и обоени стаклени ламели, проектирани така што објектот ќе свети ноќе и ќе потсетува на лампионите за време на фестивалот Дивали. Кровната конструкција ќе има динамична, брановидна форма.

За време на големите натпревари, капацитетот ќе биде 12.000 места за дисциплини пливање и скокови во вода, додека по спортските настани, просторот ќе биде адаптиран за 4.000 корисници и ќе функционира како базен наменет за заедницата.

Нов јавен простор на брегот на реката

Покрај спортските објекти, проектот предвидува уредени на паркови, ресторани и рекреативни терени по должината на брегот на реката. На овој начин, целиот комплекс е замислен како отворена урбана зона што ги интегрира спортот, јавниот простор и секојдневниот живот на граѓаните.

Директорот на студиото Cox Architecture, Alastair Richardson, оцени дека архитектонскиот пристап, кој се потпира на спојот на индиската модерност и традиција, резултира со уникатен дизајн со силен идентитет и контекст.

Според него, новата јавна парковска целина и придружната архитектура долгорочно ќе го позиционираат Ахмедабад на глобалната спортска мапа и ќе остават трајно наследство што ги надминува спортските настани.

Испрати коментар

Scroll To Top