Светската метеоролошка организација (WMO), ги објави техничките насоки со кои ќе им помогне на државите во мапирањео на ресурсите за обновливи извори на енергија (ОИЕ).
Насоките за изработка на Националните атласи за обновлива енергија (NRA), за енергијата од ветер, Сонце и хидроенергија, развиени се како одговор на критичниот недостаток на податоци утврден со глобалното истражување на WMO за енергија во 2022-2023 година. Истражувањето покажало дека многу земји немаат квалитетни податоци неопходни за ефикасно енергетско планирање. Поради тоа, WMO има поставено амбициозна цел, до 2030 година сите земји членки на оваа организација да добијат Национални атласи за обновлива енергија.

Насоките директно придонесуваат за меѓународните цели за тројно зголемување на капацитетите од обновливи извори на енергија и удвојување на енергетската ефикасност до 2030 година. Методологијата за изработката на NRA е флексибилна и може да се прилагоди на специфичните потреби и капацитети на секоја земја.

Во 2024 година, проектот е пилотиран во четири земји, при што секоја била фокусирана на различен извор на обновлива енергија. Дополнителните активности понатаму довеле до развој на NRA во Хрватска, Танзанија и Куба во 2025 година, додека во наредните години планирано е вклучување на други држави. Како пример за анализа на соларните ресурси, во Чиле била користена мрежа од 37 станици за мерење на глобалното хоризонтално зрачење (GHI), 35 станици за облачност и 150 станици за температура. Податоците опфаќаат просечно 20 години, што обезбедило сигурна основа за изработка на сеопфатен соларен атлас. Во Иран, претходно бил користен комерцијален соларен атлас кој имал ограничувања во поглед на просторната резолуција, ажурирањето на податоци и приказот на локалните услови. За потребите на проектот користена е мрежа од околу 50 станици кои секојдневно ги бележат податоците за GHI и 800 станици кои ја следат температурата и облачноста. Резултатот е атлас со поголема просторна резолуција, сособен за проценка на соларниот потенцијал на ниво на поединечни пиксели, со што се надминати претходните ограничувања. Новиот метод им овозможува и на земјите кои немаат опсежни локални мерења да ги развијат своите атласи користејќи симулирани податоци, со што се намалуваат ризиците во техничките капацитети и се обезбедува ниту една земја да не биде исклучена од долгорочното планирање на развојот на обновливите извори на енергија.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија