Насловна / Форум / Мали архитекти, големи споменици на суетата

Мали архитекти, големи споменици на суетата

biljana_samargieva.jpgЗаспани во еден ентрописки
свет во кој повеќето луѓе
живеат затворени не
примајќи нови информации и
не испраќајќи пораки надвор од
својот имагинарен круг во кој
ништо не се случува, архитектите
во Македонија со години
наназад сонуваат да создадат
урбан енвајронмент што ќе биде
адекватна рамка за еден современ
и модерен живот кон каков се
стремат граѓаните во оваа земја.

Некои од нив заминуваат за
странство каде имаат шанса да
ги реализираат своите соништа.
Други живуркаат на маргините,
обидувајќи се да преживеат
работејќи работи кои се далеку
под нивните интелектуални
способности и за кои не е
потребно ниту дел од нивното
знаење. Така, само кај нас се
сретнуваат архитекти-плочкари,
инженери-гипскартонџии,
архитекти-мебелџии, архитекти-
исцртувачи на документација за
објекти кои се веќе изведени,
архитекти-предприемачи и сл.
Трети, сосема се откажуваат од
својата примарна професија
и работат работи кои не се
поврзани со неа, четврти целиот
свој работен век го поминуваат
пополнувајќи формулари во
Заводот за вработување, петтите архитектурата ја сфаќаат како хоби,
па секоја четврта година исцртуваат
понекоја индивидуална куќа колку
да си покажат самите на себе дека
се уште се во игра, иако поголемиот
дел од времето го поминуваат
седејќи на резервна клупа.
Шестите се оние што поседуваат
малку знаење, но имаат голема
способност за додворување на
власта. Тие, со проектот Скопје
2014, станаа главни фаци во
државава и затоа овој текст им
го посветувам токму ним.
Она што кај овој профил на
архитекти е особено интересно е
тоа што тие во државите на Запад
како што е Англија, (државата која
јас ја одбрав за место во кое ќе го
поминам мојот живот) обично се
занимаваат со административните
работи во струката и не помислуваат
да се занимаваат со проектирање,
затоа што се свесни за својата
неспособност да реализираат
добар објект. Суетата можеби
ќе го излаже некој да се обиде
да направи нешто во својот дом,
и толку. Оние поумните, дури ќе
ангажираат свој колега да им направи
проект за каква било градежна
интервенција и ќе бидат среќни ако
тој прифати барем една од нивните
идеи за уредување на просторот.
Во Македонија сите се знаат и сите
се умеат. Овде паѓаат стражарниците
од Камениот мост, летаат фасадите
од стиропор ако малку посилно
дувне Вардарец, се градат објекти
во коритото на Вардар, потпокриви
со пет нивоа, сутерени со станови
од 200 м2. И никого мува не го
лази. Признавам, мене морници
ме полазија кога првпат го видов
проектот Скопје 2014. Немам
ништо против историцистички
фасади, впрочем и живеам во таква
средина. Добрите еклектички
решенија во некои случаи можат
да бидат убави. Не сметам ни дека
треба да имаме супер модерен
центар за да бидеме во чекор со
времето и за да станеме Европејци.
Јас имам против грдата турли-тава од
стилови кои немаат врска со времето,
традицијата, естетиката и просторот
во којшто ќе се наоѓаат. Имам против
оние што не знаат да проектираат,
а проектираат. Оние што се мали
архитекти, а сакаат да градат
грандиозни објекти кои ќе бидат
паметници на нивната голема суета.

 

Билјана Самарџиева,
дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top