Насловна / Форум / Зошто градот треба да изгледа како сеќавање на само една генерација?

Зошто градот треба да изгледа како сеќавање на само една генерација?

natasa_georgievska.jpg

Во 2014 год. според “докажаните авторитети” на архитектурата во Македонија, Скопје ќе ја добие толку посакуваната харизма која очигледно му “недостасува”. Критикувањето на проектот Скопје 2014 постана голем тренд. Колку и да е тоа ирелевантно, постојано се зборува, а од друга страна и нормално е да се зборува кога тоа се случува тука и сега. 
Скопје 2014 воопшто не беше понуден како идеја, како план, туку како проект кој ќе се реализира, презентиран преку 3D анимација која наликува на лош цртан филм. Со тоа не беа создадени услови ниту простор за какво било елаборирање на оваа тема или пак изнесување на размислувања, затоа се се сведе само на коментари и критики. 


Се останува на зборови, додека проектот може да се земе како завршена работа, сметајќи на фактот што разговор не е потребен онаму каде што има палка. Скопје 2014 претставува бегање од реалноста, од комплексноста на глобалните социо-економски проблеми, креирајќи вештачка потенција преку монументална архитектура, која би ги задоволила плитките размислувања за она што денес се случува. Огромниот број проблеми кај народот, узурпираат делови во свеста и здравиот разум со што ја оштетуваат причината за размислување. Притисната од режимот на политичката идеологија, архитектурата е ограничена во развојот на индивидуалното и слободното. 


За каква уметност станува збор ако се поставени граници на изразување? 


Додека уметноста користи лаги за да ја каже вистината, политиката користи лаги за да ја прикрие вистината. 


Има ли поголема лага од градење ново во стар облик?! 


Ваквото третирање на архитектурата, одалечувајќи ја од уметничкиот домен, ја сместува како дел од некаква трговска гранка. Со воскреснувањето на историјата во никој случај не се создава простор за креирање, а камо ли реализирање на прогресивни идеи. Сето ова не наведува да мислиме дека досега Скопје стагнирало, било замрзнато во времето и просторот, како да досега не изградило своја историја во сите овие години, па затоа ја возобновуваме историјата од пред стотина години. Апсурдно е кој ја креира визијата за градот. 


Прашање е зошто градот треба да изгледа онака како што на него се сеќава една генерација. Дали ние, новите генерации, од градот ќе добиеме само една меморијална слика која би ни го доловила времето во кое уживале нашите предци!? A што со нас!? 
 
Наташа Ѓеорѓиевска,
студент на Архитектонски факултет – Скопје 

Испрати коментар

Scroll To Top