Насловна / Архитектура / Гран при на БИМАС: Успешно реализиран објект претставува тимска работа на професионалци

Гран при на БИМАС: Успешно реализиран објект претставува тимска работа на професионалци

Најпрестижната манифестација на македонската архитектонска сцена која претставува значајна архитектонска смотра, сведоштво за архитектонското творештво на секои две години претставува Биеналето на македонска архитектура (БИМАС) во организација на Асоцијацијата на архитекти во Македонија (ААМ).

DJI_0859

Во периодот од 14 до 29 септември 2023 година, беше организирано двојното издание под името „Мерило на македонската архитектура“ кое го вклучи редовното XXI издание заедно со одложеното, пандемиското XX издание, каде беа изложени повеќе од стотина трудови создадени во периодот од 2018 до 2023 година. Иако пандемијата донесе многу проблеми во функционирањето на општеството, се чини дека тој затворен пандемиски период инспирира со продуктивност во архитектурата, што резултираше со силна конкурентност на изложените авторски дела од областа на архитектурата, урбанизмот и дизајнот.

DJI_0805-HDR

Изложбата која беше свечено отворена во Националната галерија Мала Станица во Скопје, а со која стартуваа деновите на БИМАС 2023, покажа голема зрелост со исклучителниот квалитет на презентации, со што повторно се разгоре силна надеж дека конечно, по пандемискиот период, треба да се случи сериозен пресврт и ренесанса на македонскиот урбанизам и архитектура, она што како фела одамна го посакуваме, се надеваме и се бориме.

q

Како круна на вистинските архитектонски вредности беа и доделените награди во различни категории од кои главната, големата Гран при награда за реализација во архитектурата ја доби архитектонската фирма Иванов инженеринг од Битола за објектот Семејна куќа во Тасино чешмиче, интерно меѓу нив именуван како „Хоризонтала“ поради акцентираните хоризонтални појаси.

DJI_0850

Иванов инженеринг е една од македонските најреномирани фирми која го гради своето успешно портфолио повеќе од 25 години во областа на архитектурата, урбанизмот и градежништвото, секогаш доследна на својот архитектонски израз, во чекор со современите трендови и технологии.

DSC_4672

Во моментот свој професионален придонес во неа даваат 12 архитекти и два градежни инженери. За нивната посветена работа говори нивното долгогодишно опстојување на архитектонската сцена и добивање на повеќе признанија, од кои едно од најзначајните досега е „Признанието за квалитетно архитектонско дело“ доделено во април 2016 година во Белград од Меѓународното жири составено од претседателите на Сојузот на архитекти на Македонија, Романија, Србија и Црна Гора, за проектот Катна гаража со администрација, со локација спроти Трговскиот центар Соравија во Скопје.

q6

Веродостојно тие стремежи ги покажаа и со оваа семејна куќа која се закити со Гран при наградата. Како што истакнаа од Иванов инженеринг, водечка парадигма за проектирањето на овој објект е удобноста и уживањето во секојдневието на едно модерно, активно семејство. Локацијата на објектот е на падините на Водно и токму неговата ориентираност кон градот ја дефинира и целата поставеност на објектот како видиковец со преубави панорамски визури.

DJI_0841

Поаѓајќи од стремежот најдобро да се искористат погледите, а притоа да се создаде и интимен двор, објектот е повлечен од пристапната улица, со што предниот двор станува пристапно плато како вовед во содржините и естетиката на куќата. Прилагодувајќи се на природниот пад на теренот објектот дискретно се поткрева кон пристапната улица за да се отвори со уште едно ниво кон задниот двор и кон градот.

DSC_4650

Програмски, куќата се развива по вертикала на пет нивоа, најпрвин техничките катови, преку заедничките содржини, до интимните простории завршувајќи на кровот со огромна кровна тераса. Две од нивоата се подземни или делумно подземни, каде е решено и паркирањето, додека останатите три се надземни, наизменично повлечени или исфрлени со што се разбива монолитноста на габаритот.

DSC_4651

Од внатре кон надвор, изразот во обликувањето е едноставен и составен од чисти минималистички линии и кубични волумени, со конструктивни елементи како единствен декоративен елемент. Строгоста и робустноста на изгледот е нежно нарушена со дискретните окулиси во просторот на базенот. Наспроти големината на волуменот, екстериерот има намера да биде ненаметлив, суптилен во колоритот и во изборот на материјали.

q88

Според првичното решение надворешноста е дефинирана со кортен и камен кои ги потенцираат хоризонталните појаси со стаклата, а и суптилно создаваат мимикрија на објектот во природниот амбиент од зеленило. Како што истакнаа од Иванов инженеринг, поради динамиката на работата и роковите за изведба дефинирани од инвеститорските потреби, направена е промена на материјализацијата на фасадата, но задржан е концептот на вентилирирана фасада, така што самото техничко решение остава можност завршната фасадна обработка да се измени и подобри.

TOM_1423

Токму ова решение е пример за одлично организиран простор кој и внатрешно и надворешно се стреми од секој свој агол  да одговори на потребите на неговите корисници и да им обезбеди максимална интимност сред една густа градска средина. Постоењето на централен вертикален светларник е уште еден инспиративен момент кон кој се ориентирани заедничките простории.

TOM_1541

И покрај тоа што со своите хоризонтални стаклени појаси тие се отвораат кон надворешноста, сепак постоењето на светларникот е уште еден момент на вметнување на светлина во просторот кој дополнително визуелно ги спојува последните катови по вертикала, а со додавањето на вертикален луксузен лустер, се добива дополнителен амбиентален светлосен атриум и во вечерните часови. Светлината е важен сегмент при проектирањето на оваа куќа, во секој дел од денот, така што подеднакво значење им е дадено и на дневната, природна светлина и на артифициелната, во вечерните часови.

TOM_1604

Нешто по што оваа куќа се одвојува е токму тоа што во нејзиниот проектирачки процес била вклучена фирма чијашто дејност е димензионирање, распределба и избор на осветлување. Затоа, нејзината величественост се чини е уште повеќе истакната во приквечерието и во вечерните часови кога заблескува во сиот свој сјај, потенцирајќи ги светлосно хоризонталите како и стаклените екрани.

TOM_1547

Мноштвото на тераси, дополнително ја истакнува потребата на спој на внатрешниот и надворешниот простор, како и обезбедување максимално уживање на нејзините сопственици во панорамските погледи кон градот. Ентериерното решение апсолутно го следи архитектонското, во чекор со современиот, активен живот на ова семејство.

TOM_1669

И од програмски аспект има многу интересни содржини, како внатрешен базен кој исто така е ориентиран кон визурите од градот, теретана за вежбање, потоа различен тип на седење во заедничките содржини и нивно отворање преку стаклениот екран кон интимниот двор со панорамски погледи, засебни гардеробери и бањи во ноќниот дел во секоја од спалните, како и засебна просторија за перење во техничкиот дел, односно посебни канали каде се селектира и пропушта нечистата облека според нејзината боја така што, веќе селектирана, таа паѓа директно во засебни корпи во пералната, спремна за перење.

TOM_1552

Уште еден значаен аспект за што оваа куќа треба да биде пример е тенденцијата за енергетската ефикасност. Следејќи го трендот на самоодржливост, на кровните површини поставени се фотоволтаични панели коишто се јавуваат како несокриен елемент во фасадното решение, надоврзувајќи се на севкупната естетика. Вентилираната фасада е исто така важен сегмент од енергетската ефикасност, како и подното греење.  Тоа е исто така, една тенденција широко распространета во напредните земји, но кај нас засега применлива најчесто во индустриски и хотелско-угостителски објекти, додека пак за семејни објекти сѐ уште ретко применета поради нејзината скапа почетна инвестиција која се исплаќа во тек на подолгорочна експлоатација на објектот.

TOM_1434

Нормално дека секогаш финансиите играат главна улога во проектирачкиот процес, па овој објект повторно ја истакнува неизбежната корелација инвеститор – архитект и колку нивната меѓусебна соработка е од исклучителна важност за крајниот дизајнерски производ – успешна реализација. Во тој контекст, архитектот Сашко Иванов од Иванов инженеринг  ќе истакне: „Голема чест е добивањето на Гран при наградата за најдобра архитектонска реализација, но и голема обврска. Имавме чест токму ние да бидеме избрани од толку многу архитекти и тоа уште повеќе нѐ обврза да се стремиме кон најдобро можно решение. Уште поголемо значење добива овој објект што сите рокови беа запазени и успеавме да го изменаџираме целиот процес во пандемиски услови, кога се соочувавме со многу забрани за движење и тешкотии во нормалното функционирање. Многу е значајна довербата што ја имавме од инвеститорот и неговото активно вклучување во целиот проектантски процес, така што крајното решение е сепак производ на заедничка соработка и почитување на нивните барања, потреби и сугестии. Во однос на авторството, треба да се напомене дека реализацијата на еден објект е исклучително комплексна работа, бидејќи секој еден кој е инволвиран во процесот на проектирање, урбанизам и изведба е подеднакво важна алка за да се добие крајниот производ, затоа што успешно реализиран објект претставува тимска работа на професионалци кои се подеднакво значајни.“

Наградениот тим од Иванов инженеринг заедно со претседателот на ААМ, професорот Мишко Ралев

Гран при наградата за најдобар архитектонски реализиран објект е дефинитивно голем стимул за секој архитект. Но, она што е уште поважно е, каква порака испраќа до другите архитекти, и секако, до инвеститорите, зашто без нив не би ни имале архитектура. Овој објект дефинитивно покажа во кој правец треба да се движи македонската современа архитектура и кои се вистинските вредности кон кои треба да се стремиме во проектирачкиот и изведувачкиот процес. Како архитекти, сите сме загледани во иднината, во исчекување што ќе донесат  следните две години, во надеж да видиме апсолутна мотивација и кај други инвеститори, колеги архитекти и градежни инженери, така што наместо его – натпревар кој владее меѓу архитектонската фела, ќе бидеме сведоци на културен натпревар за што покреативни и поиновативни решенија во корист на создавање на подобро место за живеење и поздрава животна средина за секој граѓанин.

Автор: Ивана ГРУПЧЕ, дипл. инж. арх.

Пресек низ објектот - работна верзија 0.podrum 1.pizemje 2.prv_kat 3.vtor_kat

Испрати коментар

Scroll To Top