Насловна / Вести / Граѓаните и Жерновски заедно за пристојно и позелено Дебар Маало

Граѓаните и Жерновски заедно за пристојно и позелено Дебар Маало

јавна дебата дуп дебар маало

Невладиниот сектор, градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, стручните служби во општината и заинтересираните граѓани дебатираа за подобрување на решенијата во нацрт ДУП-от „Дебар Маало“.

Во едно се согласни – добро е што локалната власт седна на заедничка маса со граѓаните и невладиниот сектор, за да се работи за доброто на општината.

Бисера Јакимовска, раководител на Секторот за урбанизам, рече дека е добро што се буди свеста кај граѓаните и вака треба дури и пожестоко да се реагира, бидејќи со измените на законите, со кои владата си дава право одредени територии на општините да ги прогласува за посебен интерес, се озаконува урбаната мафија.

„Овој собир требаше Жерновски надвор да го организира, бидејќи овде нема место. За да види владата колку е народот револтиран. Ние сме на иста линија, противници ни се криминалци. Треба да дадеме посериозна поддршка на градоначалникот и на општината. Овој план за Дебар Маало е уште од времето на Аларова, од 90-тите. Овие луѓе од општина Центар ја наследиле ситуацијата и се борат да се реши ова“, рекоа граѓаните на јавната трибина.

На јавната трибина беше прочитано писмо од режисерот Милчо Манчевски, кој поради службен пат, не можеше да присуствува. Манчевски посочува дека во Дебар Маал има непримерна густина на населението и се’ помалку сонце и зеленило. Ова, пишува тој, се должи на урбаната мафија.

Манчевски бара нацрт ДУП-от да се ревидира и да се стави зеленило на местото на општинска зграда и станбена зграда кај ПУИГ.

„Општинските служби треба да работат за граѓаните, а не за централната власт. Потребите на бизнис интересите не може да бидат побитни од нашите деца“, пишува Манчевски.

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, жали што режисерот не е присутен, бидејќи сака да му одговори дека не е точна констатацијата дека општината работи за централната власт.

„Само јас знам низ какви притисоци минувам низ овие две години. На седница на совет вчера донесовме забрана за градање на одредена локација, за 4 месеци, се’ со цел да не се изгради катна гаража, бидејќи граѓаните го бараа тоа. За ова, досега имам 2 казни од 7.500 до 15.000 евра, казни кои ги платив лично јас“, вели Жерновски.

Жерновски вели дека невладиниот сектор не може да најде подобар партнер од општина Центар, ниту пак општина Центар од невладиниот сектор.

Овој ДУП за Дебар Маало, вели тој, ги покажува намерите на централната власт и на што се’ се спремни за Дебар Маало.

Самокритично, Жерновски посочи дека ни два месеци не биле доволни за информирање на граѓаните.

„Ние немаме намера да носиме ноќе ДУП-ови, како претходниците. Општината никогаш не била по-отворена за граѓаните, но власта прогласи делови од Дебар Маало за посебен интерес и тоа станбени и хотелски комплекси. Вие знаете дека на општината и’ се одземени ингеренциите за фасадите. За нив сега одлучува Град Скопје, со цел да се постават барокни фасади“, рече Жерновски.

Градоначалникот на граѓаните им вети дека ниту 15-катна кула ќе се гради на местото на општината, ниту дрвце, ниту цвет нема да пипне.

„На спорниот објект кај ПУИГ општината ќе стави само зеленило. Тоа ќе биде и кај Министерството за култура и кај катната гаража. Ве молам за заедничка битка. Ако се собереме сите, тврдам дека багер нема да смее да дојде. Мора да бидеме сите заедно, бидејќи Дебар Маало е ‘најсилувано’ маало. Ова ќе биде поттик и за идните градоначалници и идната централна власт. Ќе мора да знаат дека гласот на граѓаните мора да се почитува“, вели Жерновски.

Ивана Драгшиќ, од организацијата “плоштад Слобода“, рече дека ова е историски позитивен момент, бидејќи прв пат сериозно се разгледуваат забелешките на невладиниот сектор.

„Она што е значајно е да се вратат ингеренциите во рацете на општина Центар, а со тоа и во рацете на граѓаните. Најважно е дека градоначалникот и вработените искажаа политичка волја за решавање на проблемите. Во услови на уништено зеленило поради Скопје 2014, голи плоштади на ВМРО – ДПМНЕ и Филип 2-ри, граѓански акции во Карпош и Кисела Вода против уништувањето на зеленилото, ние имаме ветер во едра и општина Центар треба да се труди да создаде нови зелени површини“, рече Ивана Драгшиќ од “Плоштад Слобода“.

Таа праша дали за Владата е посебен интерес изградба на 55-катници и на станбени згради? Добро е, рече таа, што парцелите кај општината и ПУИГ, општина Центар планира да бидат јавна зелена површина.

Испрати коментар

Scroll To Top