Насловна / Градежништво / Градежништвото – главен економски двигател во 2014

Градежништвото – главен економски двигател во 2014

janakievskig0
Уште поголем раст на градежништвото годинава очекува министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, најавувајќи инвестиции од над милијарда евра во инфраструктурни проекти.

„Ќе започне изградбата на двата нови автопати Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид за што беа потпишани договори во декември 2013 и ќе продолжи изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица. Исто така, ќе се врши изградба, реконструкција или рехабилитација на нови 63 километри патишта меѓу кои и делниците Велес-Катланово и Миладиновци-Куманово, дополнително на ова, ќе се гради магистралната гасоводна линија од Клечовце до Штип, a повеќе од сигурно е дека ќе започне изградбата на пругата кон Бугарија“, најавува Јанакиески во интервју за МИА.

Според него, тоа укажува дека градежништвото ќе биде двигател на економијата и во 2014 година.

„Во следните неколку месеци очекувам да бидат финализирани деталите и условите и за концесионирање на патниот правец Гостивар-Кичево, дел од патниот Коридор. Во тек е реализацијата на активностите по договорот кој го потпишавме со Меѓународната финансиска корпорација за советодавни услуги во однос на реализацијата на предвидениот проект за изградба, одржување и наплата на патарини на оваа делница. Дополнително, Меѓународната финансиска корпорација ќе ни дава и советодавни услуги во однос на можностите за концесионирање на делницата Скопје-Блаце, до границата со Косово“, рече министерот Јанакиески.

Годинава, наведува, ќе започнат активности за проектирање и финансирање на повеќе патишта, односно четири експресни патни делници: Охрид-Пештани, Градско-Прилеп, Штип–Кочани и Ранковци–Крива Паланка, 12 регионални патни правци, меѓу кои и Нов Дојран–Николиќ, Маврово–Жировница–Дебар, Тетово–Брвеница–Чегране–Гостивар, Гарски Мост–Извор, Мелнички мост-Центар Жупа, Нов Дојран–Николиќ, Делчево–Голак, Кривогаштани-Обршани–Воѓани, како и изградба на патиштата од Крива Паланка до Македонска Каменица и од Пробиштип до ски-центарот Пониква. Исто така, предвидена е рехабилитација и реконструкција на магистралниот пат Битола-Ресен–Буково, како и изградба на автопат на делницата Требениште-Струга, информира Јанакиески.

Во интервјуто говори и за електронскиот начин на издавање градежни дозволи, со којшто, според него, просечен период за добивање одобрение за градење, согласно податоците за декември 2013 година, е 20 дена.

Соопштува и дека заклучно со крајот на минатата година, согласно евиденцијата на Агенцијата за катастар на недвижности впишани се речиси 77.000 легализирани објекти, но истакнува оти реалната бројка е доста поголема, затоа што не сите кои имаат добиено решенија од општините ги имаат впишано објектите во Катастарот. Апелира што поскоро граѓаните да ја комплетираат документацијата за што рокот е 18 јуни годинава, за да не го изгубат правото за легализација.

„Според информациите со кои располагаме, во Република Македонија има вкупно 149 регистрирани геодетски фирми, а според нашите информации околу 200.000 барања за легализација се некомплетни. Доколку граѓаните го чекаат последниот рок за изготвување геодетски елаборати, може да се случи геодетските фирми да не можат да постигнат да ги изготват сите одеднаш и се ризикува нивното поднесување согласно рокот кој е утврден со закон“, истакна Јанакиески.

Испрати коментар

Scroll To Top